Македонија
Јанчева: СДСМ ја поддржува одлуката за субвенции на ЈСП, одговорноста за хаосот е кај ДПМНЕ

СДСМ ќе ја поддржи одлуката за субвенции на ЈСП, извештаите за работа не ги поддржуваме затоа што тие се дел од работата на јавното претпријатите со амин на Управниот и Надзорниот одбор од ДПМНЕ, кои се виновни за хаосот во јавното претпријатие, рече координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница.
„Управните одбори вие како мнозинство ги избравте, извештаите ги прифаќаат, а тука согласност за извештаите на Советот не се дава. Ги повикувам сите членови на Надзорниот и Управниот одбор, на чело со Горан Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, да кажат како работи ЈСП? Дали тие луѓе добија надоместок за присуство на нивните седници на Управен и Надзорен одбор? Да, добиле, но вработените во ЈСП плати не добиле. Како тоа управните одбори ги гласаат извештаите за работа на ЈСП, кои ние како Совет треба само согласност да дадеме?“, рече Јанчева.
На Скопје му е потребен нов концепт за јавен превоз, потенцира Јанчева.
„Нов концепт на јавен превоз му е потребен на Скопје, она што ДПМНЕ две години одбива да го прифати, а тоа е БТР брзиот рапид-транзит за кој повторно Владата на СДСМ истури пари, даде гаранција за ЕБОР да одобри кредит од 70 милиони евра. Со овие пари, освен што ќе имаме нов превоз, ќе имаме и нови автобуси без задолжување“, рече Јанчева.
Слушнавме тези дека СДСМ истурал пари во општините, да. Ако СДСМ не истураше пари градоначалниците на ДПМНЕ немаше да имаат со што да се пофалат со барем една инвестиција, рече Јанчева.
„Како лидерот на ДПМНЕ ќе се пофалеше дека има нашол пари? Затоа после како попчиња градоначалниците отидоа во Влада да ги попишат договорите со кои што парите од владата ќе ги користат за инвестиции во општините на Град Скопје. Тоа е добро и така треба. Затоа благодарние на владата има градинка во Аеродром“, рече Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Македонски државјанин лажно се претставувал како лекар во Хрватска, измамил повеќе семејства

Загрепската полиција предупредува на измамници кои го користат стравот на родителите и им земаат пари.
Измамник од Македонија лажно се претставувал како лекар, искористувајќи го најголемиот човечки страв – потенцијалната загуба на дете, пишува „Дневник.хр“.
Луѓето, водени од паника и сожалување, плаќале, а потоа лекарот исчезнувал без трага. Но, загрепската полиција му ги уништила плановите.
„Едно лице се претставува како лекар кој вели: ‘Вашето дете е во животна опасност. Се случи голема трагедија или несреќа. Потребни се пари за таа тешка операција’“, рече Марија Гоати, портпарол на полициската управа во Загреб.
За да го спасат своето дете, осум родители му предаваат пари на помлад маж на прометните улици во Загреб. Осум граѓани биле оштетени вкупно за повеќе од 270 илјади евра.
Измамникот по потекло од Македонија има 26 години и во моментов е зад решетки. Од Комората на матични лекари апелираат пациентите да не наседнуваат на лажни лекари кои им доаѓаат на прагот.
„Секогаш даваме таргетирани соопштенија, во договор со пациентите. Доаѓаме на домашни посети. За се друго што оди ад хок, се разбира, треба да се посомнева“, изјави докторката Даворка Дошен Мрак.
Иако еден измамник заврши зад решетки – загрепската полиција веќе трага по нов кој на сличен начин измамил уште две загрепски семејства.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими делегација на Уставниот суд на Хрватска

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со делегацијата на Уставниот суд на Република Хрватска, предводена од претседателот на судот, Мирослав Шепаровиќ, во придружба на претседателот на македонскиот Уставен суд, Дарко Костадиновски.
Соговорниците оценија дека со оваа посета, којашто се реализира по дведецениска пауза, се обновува меѓусебната соработка што треба да продолжи, да се интензивира и продлабочи, заради размена на искуства и учење едни од други.
Како професорка по уставно право, претседателката Сиљановска-Давкова ги нотира и објасни забелешките и недостатоците на нашите уставни решенија за Уставниот суд во споредба со оние за Уставниот суд на Хрватска. Таа изрази заложба за пошироки надлежности во заштитата на човековите слободи и права, изборите и референдумот, но и преиспитување на некои од нив, како и прецизирање и заострување на условите за стекнување статус на уставен судија.
Претседателката укажа дека Уставниот суд треба да делува како четврта власт, односно медијатор меѓу трите власти.
На средбата се дискутираше и за хрватското искуство со Уставниот закон за Уставен суд, како и проблемите врзани за отсуството на законско регулирање на уставно-правните прашања кај нас.
Хрватските уставни судии искажаа подготвеност да помогнат во забрзувањето на македонскиот евроинтегративен процес, истакнувајќи ги бенефитите од членството како за членките, така и за ЕУ.
Заблагодарувајќи се за поддршката, претседателката истакна дека хрватските лекции од процесот на евроинтеграциите може да бидат драгоцени за нас.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на влашката заедница

Во пресрет на 23 мај, Националниот ден на Власите, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со делегацијата на Организациониот одбор за Националниот ден на Власите, предводена од неговиот претседател, Стерјо Папули.
Истакнувајќи дека сме единствената држава во регионот, но и на светот, во чиј устав се наведени Власите и гарантирани нивните права, претставниците на Власите сметаат дека влашката заедница не е социјално загрозена, но изразуваат загриженост за опстанокот на влашкиот јазик, култура и традиција.
Потенцирајќи ја автохтоноста на Власите, претседателката ја истакна важната улога на влашката заедница во создавањето и развојот на македонската држава.
Таа изрази разбирање за заложбите за негување и зачувување на влашкиот идентитет низ образовниот процес и културните активности, како и поддршка на проектот за отворање на Влашка куќа, како место за различни активности на влашки јазик.
На средбата, претставниците на влашката заедница истакнаа дека и натаму, ангажирано ќе работат на развојот на македонското општество како мултиетничко.
Тие сметаат дека Собранието треба час поскоро да ја ратификува Европската конвенција за регионални и малцински јазици.
Според нив, со Изборниот законик треба да се загарантира по едно пратеничко место за помалите етнички заедници.
Со гордост истакнаа дека годинава се одбележуваат 120 години од признавањето од страна на Отоманската империја на правата на Власите, односно на Влашкиот милет на 22 мај 1905 година.