Македонија
Станковиќ: За да се реши проблемот со ЈСП, Арсовска и нејзините пајташи веднаш да си дадат оставка
„Прво и основно, секој од нас од човечки аспект ги подржува работниците и тука не треба да стане збор дали некој ги подржува или не ги подржува работниците. Каде настанува одреден проблем за кој што всушност и ние денеска дебатираме. Ако се сеќавате на 18 ноември имаше точка на дневен ред каде што беа предвидени субвенции за ЈСП Скопје, не сега овие субвенции од 700 милиони денари, него 110 милиони денари субвенции за јавното претпријатие, а тоа се оние пари кои што беа нели предвидени во буџетот и кои беа наводно резервирани. После три пати закажување на седници за дебатирање основното нешто што беше изнесено овде пред сите советници, и од страна на директорот, на раководството, од страна на претставникот на Град Скопје бидејќи градоначалничката не беше присутна кога се бараа тие субвенции и најчесто не е. Беше истакнато дека се бараат исклучително 110 милиони или 2 милиони евра за да се исплатат плати за ноември и декември 2023 за вработените во ЈСП Скопје. Оттаму кога дојдовме денеска на седница и се истакнува дека вработените не земале плата за декември месец и ги гледаме дека заедно дека се собрани пред вратата да штрајкуваат и да, ги поддржуваме, но останува прашањето зошто тие вработени немаат земено плата за декември кога советот изгласа субвенции за плата за ноември и декември“, рече Малиша Станковиќ, советникот од коалицијата „За обнова на Македонија“ на денешната вонредна седница и додаде:
-Координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ претходно истакна дека не е тука адресата на која што тие вработени треба да се обратат, адресата е на друго место.Станковиќ во текот на своето обраќање дека оваа точка не требало да биде на дневен ред затоа што претходно имало изгласано плата за месец ноември и декември.-Каде завршија тие 110 милиони денари субвенции. Ние знаејќи дека веќе изгласана плата за ноември и декември, сметавме дека оваа точка не треба да биде дел од вонредна седница. Ако веќе сме дале пари за ноември и декември плата зошто тогаш ова би било вонредна точка? Ние сега сметаме дека со овие субвенции, така и е предвидено да бидат плата за јануари, февруари, март, кажа тој.Станковиќ потсети дека и претходно се сомневал во искрените намери на раководството на Град Скопје.„Јас тогаш од ова говорница зборував дека се сомневам во искрените намери на раководството, пред се на раководството во Град Скопје дека наменски ќе ги искористи овие средства кои после тоа ги гласавте. Се искористија ли наменски средствата, ако ги искористија наменски плата ќе имаше“, заклучи тој.На крајот, Станковиќ порача дека за да се реши проблемот со ЈСП, потребно е реструктуирање, кои би почнало најпрвин со тоа што претседателката на Нова алтернатива да си даде оставка, а потоа на сите пајташи што ги донела и го заглавија градот.„Ако сакате ЈСП Скопје да функционира, вработените редовно да земаат плата, тука да се зборува за реструктуирање, најголемото реструктуирање би почнало и реално ако сакате, претседателката на Нова алтернатива да го помогне ЈСП, сега е моментот да си даде оставка, поголема помош од тоа нема. Тука е првата причина и првата помош е тука, дајте си оставка и ќе помогнете, па по тебе и сите пајташи што ги имаш донесено и кои го заглавија градот. Па кога ќе завршиш со пајташите околу тебе, оставка и за овие таканаречени опозиционери, кои се опозиција, имаат по 2-3 директори на изгубени избори“, порача Станковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЛДП: Техничката влада нема да ги нахрани граѓаните, време е за вистински реформи
Либерално-демократската партија (ЛДП) смета дека лидерска средба има смисла само доколку на неа се разговара за суштински реформи, а не за, како што велат, пазарски и ПР решенија. ЛДП е подготвена да учествува на лидерска средба, но не и доколку таа се сведе исклучиво на прашањето за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема, без одговори на клучните прашања што директно го засегаат животот на граѓаните.
„Несериозно е политиката да се сведе на тоа: „ние сме за укинување“ или „ние сме против укинување“ на техничката влада. И што потоа? Ако се укине или ако не се укине ?! Дали ќе јадеме поевтино? Дали ќе дишеме почист воздух? Дали ќе добиеме повеќе неповратни средства од Европската Унија? Дали конечно ќе ја решиме корупцијата? Ако одговорот е не – тогаш темата сама по себе е празна. Зошто доцнат некои министерства со реализација на реформската агенда? До каде е пакетот системски реформи што треба да ја придвижи државата напред? На граѓаните им е преку глава од парцијални изјави и ад-хок решенија. Таквиот пристап покажува дека граѓаните не се точка на интерес, туку само алатка за медиумска доминација“, велат од ЛДП.
Додаваат и дека на Македонија не ѝ се потребни 120, туку 90 пратеници. На Македонија не ѝ се потребни 25, туку 15 функционални министерства. На Македонија не ѝ се потребни купишта членови на управни и надзорни одбори, ниту армија заменици директори. На Македонија ѝ се потребни повеќе пари во џебот на граѓаните.
Според партијата, на Македонија не ѝ е потребна техничка влада, туку ефикасен, рационален и деполитизиран систем – една изборна единица, отворени листи и можност граѓаните сами да одлучат кој ќе ги претставува.
Македонија
Фондот за здравство и ПМФ склучија договор за молекуларно-дијагностички анализи
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) склучи договор со Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за вршење молекуларно-дијагностички анализи.
Договорот го потпишаа генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, и деканот на Природно-математичкиот факултет, Даворин Трпески.
Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ е една од најмодерните лаборатории во земјата. Таа располага со напредна опрема за молекуларно-дијагностички анализи, вклучително и секвенционирање од новата генерација (NGS).
Првата цел во овој момент е проширување на мрежата и зголемување на капацитетот за онколошки анализи, односно за прецизно и брзо утврдување на генски мутации кои се клучни за избор на целна онколошка терапија. Најсовремената опрема и стручниот кадар со долгогодишно искуство ќе придонесат за поефикасно одговарање на зголемената потреба од онколошки анализи во здравствениот систем и ќе претставуваат значајна поддршка на постоечките капацитети.
Втората цел, како образовна и научна установа од областа на молекуларната биологија и генетиката, ПМФ со овој договор ќе им овозможи на студентите и вработените поголеми можности за практична примена на стекнатите знаења.
Со овој договор се проширува националната мрежа за молекуларно-дијагностички услуги, што претставува значаен чекор напред за здравствениот систем во земјата.
Во моментов, Фондот има договори за NGS-анализи со следните установи:
· Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) – претежно за ретки и наследни болести,
· Медицински факултет – Институт за патологија – претежно за онкологија,
· Медицински факултет – Институт за имунологија – претежно за имунодефициенции и трансплантации,
· Медицински факултет – Институт за судска медицина – претежно за форензика,
· Фармацевтски факултет – претежно за хематологија и онкологија,
· Институт за јавно здравје – претежно за вирусологија.
NGS-анализи извршуваат и приватни лаборатории, како и Ветеринарниот факултет.
Бројот на услуги во 2025 година (проекција) е зголемен за околу 22 % во однос на 2023 година, додека буџетот е зголемен за над 40 %, што овозможува поцелосни и посложени генетски истражувања.
Се унапредува дијагностиката за рак, со цел поголема успешност во лекувањето.
Овој договор претставува почеток на поширока соработка. Со ПМФ се разговара за воведување нови услуги, вклучително и генетска дијагностика пред имплантација (PGD) кај бременост со биомедицински потпомогнато оплодување (БПО). Станува збор за анализа на неколку клетки од ембрионот уште пред негово внесување во матката, со цел избор на ембриони без патолошки мутации. Со тоа значително се намалува ризикот од појава на одредени вродени заболувања и се зголемува шансата за успешна бременост.
Фото: Pixabay
Македонија
Снег и заладување низ земјава, од следната седмица утрински температури под -10
Утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер (над 60км/ч.). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег.
Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20, а во останатите места од 5 до 10 сантиметри. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица наместа утринските температури ќе се спуштат и под -10 степени, а дневните ќе се задржат под нулата.
Во Скопје, утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер.

