Македонија
(Видео) О’Брајaн: САД сакаат да ја видат Северна Македонија како дел од ЕУ што побргу
Премиерот Димитар Ковачевски одржа заедничка прес-конференција со помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн, по лидерскиот состанок што се одржа во Скопје, посветен на планот за раст на Западен Балкан, усвоен од Европската комисија.
Ковачевски и високиот американски претставник О’Брајaн соопштија заеднички очекувања за придонес на планот за раст на Западен Балкан во забрзана интеграција на Република Северна Македонија кон Европската Унија, со цел постигнување на посакуваниот економски развој и на европски стандарди на живот.
„Важно е за граѓаните да чујат дека имаме конкретен план како да ги зајакнеме нашите економии, да го подобриме животниот стандард на граѓаните, да обезбедиме стабилен и развиен регион. Важно е да чујат дека имаме конкретна поддршка на европскиот пат“, констатира премиерот Ковачевски.
„Планот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија дека тие имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан. Со неговата реализацијата, која зависи и од ЕУ, но, пред сè, од нас, земјите од Западен Балкан, домашниот бруто-производ на жител треба да се удвои“, соопшти премиерот.
„Во овие клучни моменти за прогресот на регионот, а пред сè за македонската европска иднина, Европската Унија и Соединетите Американски Држави, од овде, од Скопје, испратија јасна порака за поддршката на ефикасната интеграција на Западен Балкан во Европската Унија. Воедно, испратија и порака дека во тој процес сметаат на проевропските државни лидерства“, оцени премиерот Ковачевски додавајќи дека процесот на евроинтеграции продолжува.
„Денес бев домаќин на завршниот меѓународен настан во овој мој прв мандат како премиер и би ја искористил оваа пригода јавно да им се заблагодарам на сите за партнерството и соработката. Заедно поминавме низ многу предизвици, се држевме едни со други и ги здруживме силите кога тоа беше потребно. Верувам дека и во следниот мандат ќе ја продолжиме и интензивираме проевропската агенда којашто нашите граѓани ја очекуваат од нас. Регионот, Северна Македонија припаѓа во ЕУ и тоа е процес што е започнат и нема да застане. ЕУ е нашата единствена алтернатива и стратешка цел. И затоа и тука, и пред вас ќе повторам – со политичка волја и напорна работа, нема недостижна цел“, порача премиерот Ковачевски.
Помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн, на прес-конференцијата соопшти дека САД очекуваат да задоволат интересите на граѓаните на Западен Балкан и владите да имаат поблиска интеграција со Европа и испрати силна порака на поддршка – евроинтеграцискиот процес да продолжи до целосно членство во ЕУ.
„Северна Македонија и САД ќе продолжат да работат заедно на траекторијата на земјата кон Европа. Луѓето на оваа земја ќе имаат јасен избор во претстојните месеци, помеѓу визијата за движење кон Европа и нешто сосема друго. Ќе зависи од граѓаните да одлучат. Од гледна точна на САД, ние сакаме да ја видиме Северна Македонија да стане дел од Европа колку што е тоа можно побрзо“, порача високиот американски претставник Џејмс О’Брајaн на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за Денот на наставата на турски јазик: Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

