Македонија
Андоновска: Укажувавме на расипничкото однесување на менаџментот и градоначалничката, не кажувате ни каде ги трошите парите а постојано барате

На денешната вонредна седница на Град Скопје советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска истакна дека повеќе од година дена укажуваат на расипничкото однесување на менаџментот и на градоначалникот на Град Скопје, и повика да не се манипулира јавноста и поднесениот амандман за платите да се изгласа.
„Повеќе од година дена ви укажуваме на расипничкото однесување на менаџментот на директорите на ЈП како и на градоначалникот на Град Скопје. Постојано ви укажуваме дека постојат неправилности, за тие неправилности не добиваме одговори. Повеќе од година дена укажуваме на неправилностите укажуваме и денес, денес овде за жал грубо се манипулира јавноста со нападите кои што се пренасочени на погрешна адреса. Како може една советничка група или неколку советници виновни, а од друга страна замислете ние не добиваме ни одговори на прашања а камоли да имаме некакви ингеренции врз нештата. Овде нас не ни се дава информација со образложение, каде и да отидеме да побараме информација дали во ЈП или во градот Скопје ни велат „Простете не можам ни забранија да даваат информации“ замислете им забранила градоначалничката да даваат информации мислете приватна фирма е ова“ истакна Андоновска.
Андоновска посочи да не се манипулира со јавноста и да се прифати амандманот.
„Многу е срамно да се пренасочува одговорноста кон некои кои што немаат вина за тоа. Овде се сите останати виновни само не оваа советничка група што се бори и ќе се бори да ги добие информациите јавноста. Ние сме должни да ја штитиме и градската каса, но сме должни и да обезбедиме квалитетен градски превоз, сме должни да обезбедиме непречено функционирање во сите Јавни Претпријатија. Се обедуваме на повеќе начини да го докажеме тоа. Денес го поднесовме овој амандамн со цел уште еднаш да дадеме шанса и покрај тоа што во ноември месец јасно се даде шанса и се изгласаа субвенции кои што ни беше овде кажано дека ќе овозможат средства да земат вработените пари. Дали од утре граѓаните на Град Скопје нема да чекаат по 45 минути автобус, дали граѓаните нема да се гужваат по автобусите дали по месец два нема пак да велите дајте ни уште средства. Нема да се смени ништо затоа што сте расипници, заради тоа што сте неспособни криминалци. Не кажувате ни каде ги трошите парите постојано барате пари, пари сме дале за луѓето да земаат плата сме дале пари и да има автобуси но каде се парите. Доста ја манипулирате јавноста еве поднесовме амандман за платите само се однесува, изгласајте го амандманот“ нагласи Андоновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Осум активни пожари, еден под контрола, 12 се изгаснати

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека до 18:30 часот евидентирани се вкупно 21 пожар, од кои осум се уште се активни, дванаесет се изгаснати, а еден е ставен под контрола.
Од активните пожари, во Дојранско и натаму гори во атарот на селото Николич, каде ситуацијата е сериозна и бара постојана интервенција. Во Велешко, активни се пожарите кај селата Џидимирци и Крушје, а во Виничко, пожар има во атарот на село Ласки.
Во општина Македонски Брод, активен е пожарот кај село Локвица, додека во Гостиварско, огнот зафаќа подрачје во близина на селото Чегране. Активен е и пожарот во општина Куманово – Липково, на потегот над село Умин Дол кон село Никуштак.
Во Скопскиот регион, активни се два пожара – едниот во општина Чучер-Сандево, на потегот од село Горњани кон село Блаце, во близина на магистралниот пат, а вториот во општина Шуто Оризари, на улицата „Индира Ганди“.
Под контрола е ставен пожарот во општина Македонски Брод, на подрачјето меѓу селата Црешнево, Крапа, Слатина и Девич.
Изгаснати се 12 пожари, меѓу кои пожарот во близина на село Горњани – општина Чучер Сандево, во близина на стадионот на Гостивар, во ресенското село Перово, во општина Куманово, во кругот на фабриката на ФЗЦ и во месноста викана Пармакови ниви. Изгаснати се и пожарите во општина Старо Нагоричане, кај селата Пелинце и Милутинци, општина Крива Паланка, кај село Градец, во месноста викана Ѓошинска мала.
Два пожара се изгаснати во Охрид, кај селото Оровник и кај населбата Далјан. Во Прилепско се изгаснати пожарот покрај патот од хотел „Салида“ кон Битола и пожарот меѓу селата Лажани и Ропотово.
Македонија
Границите во колапс, по еден час се чека на Табановце и на Богородица

Зголемена фреквенција на возила и чекање од околу еден час се евидентирани на граничните премини Табановце и Богородица, информира Авто-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ). На останатите гранични премини, според АМСМ, сообраќајот се одвива нормално без подолги задржувања за влез или излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, но интензитетот на возилата е зголемен, особено надвор од градските средини.
Од АМСМ препорачуваат зголемено внимание при управување со возилата, прилагодување на брзината, како и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони.
Македонија
Критични пожарите кај Крушје и Локвица, огнот во Николич го гаснат „ер-трактор“ и хеликоптер

Од вкупно околу 15 активни пожари на отворен простор низ земјата, три се оценети како најсериозни: во атарот на дојранското село Николич, кај велешкото село Крушје и кај селото Локвица на територија на општина Македонски Брод. Овие пожари, според првичните проценки, бараат пообемна и посложена интервенција на терен.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека особено тешки услови за гаснење има кај пожарите во Крушје и Локвица, кои избувнаа во текот на денешниот ден.
„Пожарот во село Николич трае веќе повеќе од една недела. Уште рано утринава, на терен се активирани екипи на „Национални шуми“, заедно со локалните противпожарни служби од Валандово, Гевгелија и Дојран, како и екипи на ДЗС. Поддршка дава и Единицата за брзо распоредување (ЕБР) со пожарникари од Кавадарци, кои користат водени топови од специјализирани возила“, изјави Ангелов.
Дополнително, како воздушна поддршка, од утрово во гаснењето е вклучен и еден ер-трактор од типот „амфибија“ на ДЗС, со носивост од три тона вода.
„Авионот црпи вода од Дојранското Езеро, што овозможува прецизно и ефикасно гаснење на критичните точки. Дополнително, се приклучи и еден армиски хеликоптер со ведро со капацитет од три тона вода“, додаде Ангелов.