Македонија
Маричиќ со Јорн Флек: Северна Македонија како позитивен пример за стабилност и безбедност во регионот

На маргините од лидерскиот состанок посветен на Планот за раст за Западен Балкан, Заменик претседателот Бојан Маричиќ одржа средба и продуктивна дискусија со Јорн Флек, заменик директорот на Европскиот центар на Атлантскиот совет. На средбата беа истакнати заложбата на Северна Македонија за забрзување на процесот на евроинтеграција и посветеноста за обезбедување на полноправно членство во Европската Унија до 2030.
Јорн Флек, кој има примарна одговорност за програмите поврзани со Западна Европа, и трговските односи меѓу САД и ЕУ, ја пофали Северна Македонија како позитивен пример за стабилност и безбедност во регионот. Тој ги истакна достигнувањата и напредокот на државата, особено по Договорот од Преспа и членството во НАТО.
На средбата беше истакната меѓусебната соработка, при што и вицепремиерот Маричиќ и Јорн Флек ги изразија заедничките приоритети за поддршка и реализација на реформите на патот кон ЕУ.
На средбата беа потврдени тековната соработка и посветеноста на Владата за обезбедување на сигурен и стабилен развој на државата кон ЕУ, кое пак останува заеднички приоритет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Лондон денеска ќе биде потпишан договорот меѓу владите на Македонија и на Велика Британија

Договорот за стратешко партнерство меѓу владите на Македонија и на Велика Британија ќе биде потпишан денеска во Лондон.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера кажа дека со договорот на Македонија на располагање и се ставаат 6 милијарди евра кои ќе бидат наменети за пректи во делот на транспортот, здравството, образованието, енергетиката, технологијата, како и во областа на животната средина.
Засега се разговарало за три сета на проекти, едниот е брзата пруга на коридор 10 од Табановце до Гевгелија, вториот е изградба и реконструкција на болници во Кичево, Тетово и Штип и третиот е изградба на медициски факултет заедно со студенски дом во Штип.
Договорот ќе оди на ратификација во Собранието, а во Велика Британија го усвојува Владата.
Македонија
(Видео) Филипче: Со новото задолжување од 6 милијарди евра јавниот долг ќе надмине 115% од БДП

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати сериозни предупредувања за нетранспарентноста на Договорот за новото задолжување од 6 милијарди евра, кое го спроведува владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој укажа дека со новото задолжување, „секое новороденче во следните 25 години непосредно после раѓањето ќе должи 6.000 евра“. Дополнително, според анализите на СДСМ, јавниот долг ќе надмине 115% од БДП – „што е полошо и од грчката криза од пред повеќе од една деценија“, потенцираше претседателот Филипче.
Филипче реагираше и на нејасните тврдењата на министерката за финансии.
„Очигледно е дека тие договори ќе бидат нетранспарентни и во четири очи. Министерката за финансии вели дека ќе се спроведува постапка согласно Законот за јавни набавки, но со странски фирми. Ние направивме проверка – нема да важи законот за јавни набавки“, истакна тој, посочувајќи дека „ВМРО-ДПМНЕ, партијата која седум години критикуваше за корупциски договори, сега самата создава простор за сериозни сомнежи.“
„Сите гледаме што се случува, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во амбис“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ ја отвори и темата за можниот политички дел од договорот – миграцијата.
„Сериозни медиуми од Велика Британија известуваат дека земјите од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, ќе станат центри за прифаќање бегалци непожелни во Велика Британија. А премиерот – молчи, нема став“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Инвестициски бум во здравството, почеток на реконструкција на ЈЗУ УК Гинекологија и акушерство Скопје

„Деструктивните политики на СДС и ДУИ го уништија македонското здравство, ги оставија пациентите без лекови, а болниците без опрема. СДС и Филипче нижеа бројни скандали во здравството, како историскиот скандал на Онкологија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ најавува инвестициски бум во државата, особено во делот на здравствената инфраструктура. Вложувањето и унапредувањето на јавното здравство се главниот фокус на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Започна значајна инвестиција на клиниката за Гинекологија и акушерство Скопје, со цел поквалитетни услуги за граѓаните.
Започна комплетното реновирање и реконструкција на амбулантите, платото, чекалните, лабораториите и специјалистичките кабинети на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – ЈЗУ УК за гинекологија и акушерство во Скопје.
Со инвестиција од 29 милиони денари се создаваат современи услови за поквалитетна, побрза и поефикасна здравствена заштита за сите пациентки. Оваа инвестиција претставува и сериозна поддршка за здравствените работници, на коишто ќе им се овозможи работа во современи услови.
Целиот проект ќе биде реализиран според најсовремените здравствени стандарди, со што ќе се модернизира јавниот здравствен сектор.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се грижи и вложува средства и за нова и современа техника, се со цел поефикасни и поквалитетни услуги“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.