Македонија
Маричиќ: Европскиот напредок на државата е реалност

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, се сретна со новоназначената директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Валентина Суперти.
На средбата се разговараше за успешно завршениот скрининг-процес, за спроведувањето на планот за раст, одлучноста на двете страни за упорно работење со цел пристапување на државата во ЕУ, реализација на реформската агенда и поддршката што Европската комисија постојано ја дава за Северна Македонија.
Во таа насока, вицепремиерот Маричиќ изрази очекување за натамошна поддршка од европските институции за реформската агенда и процесите што се пред нас на патот кон ЕУ укажувајќи дека тоа ќе придонесе да ги задржиме европскиот курс на државата и стабилноста на целиот регион.
Директорката Суперти истакна дека посветеноста и стратегијата за вклучување на Европската комисија за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан е важна политика за регионот и продолжува со максимално темпо. Планот за раст е инструмент за забрзување на клучните реформи, развој и поддршка на економиите на земјите од Западен Балкан, со цел напредок и реализација на стратешката цел за пристапување во ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ се заблагодари за континуираната поддршка и одличната соработка што ја имаме со европските институции потенцирајќи дека институциите ќе продолжат посветено да работат на евроинтеграциите сè до постигнување на крајнната цел – полноправното членство на државата во ЕУ.
На состанокот присуствуваа државната секретарка на Секретаријатот на европски прашања, Дрита Абдиу Халили, и претставници на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.