Македонија
Ковачевски за неформалната вечера со Сорос: Кога станавме независна држава, а сметката ни беше на нула, првата помош дојде од нивните фондови
Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашањето зошто на вечератa со лидерите на Западен Балкан биле присутни и Александар Сорос, Али Ахмети и Артан Груби, одговори дека тоа била неформална вечера, на која, покрај лидерите од Западен Балкан, седеле и искусни луѓе, кои, како што рече, најмалку дваесет години се во македонската и во регионалната политика.
„Форматот беше таков каде што можеа да седат навистина искусни луѓе, кои се 20-30 години во македонската и во регионалната политика и да размениме исти, слични или различни мислења и затоа и составот беше таков. Затоа беа и претседателот Пендаровски, и претседателот на ДУИ и премиерот на Косово, помошник-државниот секретар на САД, беше една неформална вечера на која беше и господинот Сорос, кој од првиот ден на нашата држава неговата фондација има позитивен удел во развојот на независна Република Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Потсети на историски момент.
„Ќе ви кажам еден податок а тоа можете да го проверите и во Народната банка. Кога ние станувавме независна држава и кога нашите државни резерви беа еднакви на нула и кога тековната сметка на Македонија во тоа време беше нула, првиот ‘бриџ бон’ што Македонија го добива во тоа време е токму од фондовите на Сорос. Ако се сетите, вие сте помлади, но може Гордана Силјановска и Ѓорге Иванов да ви кажат, нивните први интернет-домени се со предзнакот на Сорос“, појасни Ковачевски.
Се работи, како што рече, за човек што има многу искуства со нашата држава и кои покажале дека помогнале и во развојот на демократијата и во формирањето на институциите, пред сè, невладините, учество во развојот на медиумите и затоа, според Ковачевски, и Сорос можел да каже свое видување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.

