Македонија
Стоилковски: Зошто Лукаревска не поднесе кривична пријава, туку фирмите ги става на листа на должници?
„Лукаревска преку УЈП признава дека им се случил криминал од над 22 милиона евра пред нос и дека ништо не презеле. Лукаревска јавно вели дека на адреси на фирмите нема складишта, нема магацини, нема ништо, ама затоа им ја признава трговијата и ги става на листа на должници“, праша на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Тука има две огромни неодговорени прашања: 1. Доколку немало поврат на ДДВ, туку парите се за аконтација за во иднина; зошто УЈП по една и пол година ги става на листа на должници ‘Актико/Окитна’ и потоа ‘Хантонос/Хант осој’? Како УЈП им пресметала даночен долг ако нема пристап до деловните книги? За што треба да се наплати данок од 11, односно 12,2 милиони евра? Дали УЈП признава фиктивна трговија на овие две фирми на празна ливада, а нема увид во книгите и тоа јасно го покажуваат извештаите од надворешната контрола на УЈП направена по цела година од продажбата на фирмите и една и пол година по трговијата на овие фирми? 2. Зошто за ‘Актико/Окитна’ и за ‘Хантонос/Хант осој’ нема предмет до ОЈО, тука има јасен организиран криминал? Дури и во извештаите стои дека има сомнеж за други казниви дела. Законот е јасен, ова е криминал што опфаќа повеќе делови од Кривичниот закон, како член 60-а за даночна пријава со лажни податоци заради имотна корист, до член 378 за фалсификувани исправи. И ова било должност и пракса на УЈП“, рече Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

