Регион
„Треба да плаќам кирија, што ќе правам сега?“ – Кинезинка во солзи се обидува да ја спаси стоката од трговскиот центар во пламен

Неми од шок и неверување што вторпат за две години избувна пожар во кинескиот трговски центар во Нов Белград, кинеските граѓани и сопствениците на продавници се обидуваат на секој начин да ја спасат стоката. Некои од нив влегоа во делот што гореше минатиот пат спасувајќи сè што може да се спаси.
Како што јавува репортерот на „Блиц“ од местото на настанот, во овој дел од трговскиот центар се шири густ чад, а пожарникарите на секој начин се обидуваат да го изгаснат пожарот.
„Треба да ја платам киријата, што да правам? Утрово се запали, немаше многу луѓе“, низ солзи рекла жената.
Работник од трговскиот центар претходно изјави дека останал без ништо.
„Внатре имам и приватни работи. Почнав да влегувам да си ги соберам барем личните работи – не ми дадоа. Ги разбирам, но, луѓе, изгубив сè“, рече тој и посочи дека таков пожар никогаш во животот не видел.
Повеќе од педесет пожарникари го гаснат пожарот од земја, а во гаснењето се вклучија и хеликоптери.
Полицијата ги премести луѓето на поширок простор околу запалениот трговски центар, им помага на Кинезите да извадат што е можно повеќе стока, но онаму каде што е загрозена безбедноста, ги затвораат сите премини.
Како што јавува репортерот на „Блиц“ од местото на настанот, кинеските граѓани се обидуваат да си ја добијат стоката не грижејќи се за сопствената безбедност.
Една Кинезинка, дури се обидела да влета во пожарот, но пожарникарите ја спречиле.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шеќеринска: НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во БиХ

Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, денес изјави дека алијансата нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина, откако српскиот лидер Милорад Додик објави дека ќе побара од Москва да ја прекине воената мисија ЕУФОР во таа земја.
Шеќеринска изјави дека НАТО е „трајно посветен на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Таа додаде дека НАТО нема да дозволи дестабилизација во Босна и Херцеговина, соопшти канцеларијата на бошњачкиот член на колективното претседателство на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, кој се сретна со претставничката на НАТО.
„Без оглед на исходот од претстојната седница на Советот за безбедност на ООН, НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина“, рече Шеќеринска.
Регион
Албанска министерка го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење

Министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење во ресторан во САД, објавува „Спутник“.
Таа потврди на социјалните мрежи дека го сторила тоа врз основа на пријавата на албански државјанин кој живее во Њујорк, каде што бил во посета нејзиниот заменик Анди Махила. Како што изјави, тој пушел цигара во ресторанот „што предизвикало немир кај присутните“.
Албана Кочиу е првата жена на чело на полицијата во историјата на Албанија, а во претходната влада беше министерка за здравство.
Фото: принтскрин
Регион
Улиците во Белград оштетени за време на воената парада

Јавното комунално претпријатие Белград (ЈКП) доби наредба денес да излезе на терен и да започне со поправка на патиштата оштетени за време на воената парада „Силата на единството“ во саботата во српскиот главен град.
Членови на кабинетот на српскиот министер за одбрана и Секторот за инфраструктура и стандардни услуги вчера ја посетија рутата на парадата со претставници на Град Белград, Јавното комунално претпријатие Путеви Београда и ЈКП Белград за да ја утврдат штетата предизвикана за време на подготовките и одржувањето на парадата.
На жителите на Белград претходно им беше ветено дека сè ќе биде вратено во првобитната состојба, објавува Нова.рс.
Во саботата во Белград се одржа воена парада насловена како „Силата на единството“, на која учествуваа околу 10.000 војници. На парадата присуствуваа претставници на српскиот државен врв, предводени од претседателот Александар Вучиќ.
фото: принтскрин