Македонија
Пенов: Успеавме да ги реализираме сите проекти што ги планиравме и покрај последиците од енергетската криза
Минатата година ја заокруживме со 135 проекти во општините и во планските региони, финансирани од буџетските програми за рамномерен регионален развој и за намалување на диспаритетите во вредност од над 14 милиони евра. Го финализиравме и ИПА 2-програмскиот период, во кој се финансирани 192 проекта за прекугранична соработка во вредност од 60 милиони евра од Европската Унија, а националното кофинансирање од 9 милиони евра го обезбедивме од буџетот на Министерството за локална самоуправа, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.
Тој ја истакна соработката и со швајцарската влада, преку која заеднички се финансирани 8 проекти во сите плански региони во вредност од 3 милиони швајцарски франци.
„Секој граѓанин е важен и секој граѓанин треба да има пристап до основните јавни услуги, а Владата инвестира во подобрување на условите за живеење во секоја општина и со дополнителни 32,5 милиона евра презеде обврска оваа година да финансира нови 66 проекти во 44 општини“, рече Пенов.
Министерот за локална самоуправа истакна дека има и предизвици, пред сè, недостигаат поголеми, готови проекти од општините, за што Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој во соработка со УНДП и СИДА имаат обезбедено фонд од 2,5 милиона долари преку кој е изготвена проектна документација за 70 поголеми проекти.
„Ова е значајна поддршка за општините, особено за помалите, кои имаат многу ограничени ресурси. Заедно со УСАИД работиме и на зајакнување на капацитетите на општините за наплата на локалните даноци и такси, тоа се средства со кои општините самостојно располагаат и нивен интерес е да ги обезбедат. Евидентни се резултатите од проектната поддршка, наплатата е зголемена 34,5 %, а Општина Кавадарци успеа да обезбеди 100 % ефикасност“, додаде министерот.
Министерот Пенов истакна дека во 2023 година истражувањето на перцепцијата на граѓаните направено од УНДП покажува намалување на задоволството на граѓаните од начинот на работење на локалните власти, просечната оценка е 3, а расте бројот на граѓани што мислат дека има повеќе корупција во нивната општина.
„Владата и Министерството за локална самоуправа не ги занемаруваат овие резултати затоа што ни се важни граѓаните и услугите што ги очекуваат, дури и кога станува збор за локална надлежност, затоа ќе продолжиме со финансиската поддршка на проекти, но и со подобрување на функционалноста на локалната самоуправа заради подобрување на услугите, отчетноста и транспарентноста“, заклучи министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

