Македонија
(Видео) Кузеска: Демократијата повторно живее во нашата земја, не се шепоти како порано, туку гласно се говори
Оваа година е година на одлука. Одлука за европски напредок со СДСМ или изолација со ДПМНЕ, изјави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Пред 4 години граѓаните донеса одлука. Резултатите од таа одлука ги гледаме денеска. За само неколку години со СДСМ државата направи историски изчекори, првин со членството во НАТО, а потоа и со почетокот на преговорите со ЕУ по 17 години чекање. Демократијата повторно живее во нашата земја. Не се шепоти како порано, туку гласно се говори. Се дебатира за сè, нема забранети теми, нема забранети емисии, нема последици за поинаквото мислење. Заробената држава е минато“, рече Кузеска.
Додаде дека платите и пензиите имаат историски најголем раст, власта се справи со последиците од сите глобални кризи, а над 2,6 милијарди евра се вратени назад кај народот.
„Сега е време за нова одлука за иднината. Изборот е сигурна европска иднина, подобар животен стандард и европски вредности со СДСМ. Или враќање назад во минатото, изолација и неизвесност со ДПМНЕ и Левицата. ДПМНЕ не може да донесе ништо добро за земјата. Со Мицкоски и ДПМНЕ нема иднина, нема членство во ЕУ. Тоа е истата режимска партија во која ништо не се променило. Хаосот што се случува во Скопје, но и во другите општини под капата на ДПМНЕ, е олицетрворение на она што се случува кога оваа партија е власт“, рече Кузеска.
На овој народ не му требаат нови загубени години, заклучи таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова од денеска престојува во САД
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова од денеска престојува во Соединетите Американски Држави, каде ја предводи македонската државна делегација на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Сиљановска Давкова во четврток е предвидено да се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“.
Како што јавува известувачот на МИА од Њујорк, во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е претседателката Сиљановска Давкова да оствари средба и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Шефицата на државата ќе се обрати и на Самитот на иднината, што ќе се одржи во седиштето на ОН, на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“ со учество на шефови на држави и влади. Сиљановска Давкова ќе учествува и на Годишниот состанок на Платформата на жени – лидери на Генералното Собрание на Обединетите Нации, на тема „Еднакво учество на жените во процесот на донесување одлуки: обезбедување на мир, социо-економски можности, одржлив развој и човечко достоинство за сегашните и идните генерации“, додека на покана на претседателот на САД, Џо Бајден ќе присуствува на состанок на тема „Глобална коалиција за справување со заканата од синтетички дроги“.
За време на учеството на Генералното собрание на ОН, претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари повеќе билатерални средби.
Посетата на САД, претседателката Сиљановска Давкова ја започнува денеска во македонската православна црква „Свети Никола“ во Тотова, Њу Џерси, каде ќе присуствува на литургија по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица). Попладне претседателката заедно со делегацијата во Фрихолд исто така во Њу Џерси ќе ја посети џамијата во рамки на граѓанската заедница „Дебар“, која во себе обединува нашинци по потекло од дебарскиот крај.
Во состав на македонската државна делегација се министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Македонија
Сончево време со температури до 27 степени и можност за локален дожд
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови во западните делови ќе има услови за локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Од УХМР информираат дека утре претежно во западните делови од земјата ќе има појава на краткотраен дожд. Потоа времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен благ пораст.
Македонија
Невреме во Тетово: Поплавени улици, домови, гаражи
Силно невреме го зафати Тетово, поплавени се улици, домови, гаражи.
Невреме со силни врнежи од дожд, град и грмотевици попладнево ја зафати Општина Тетово и околината.
„Врнежите предизвикаа поплавување на дел од улиците, посебно кај касарната на влезот на Тетово и на неколку куќи во Мала Речица-Општина Тетово“, информира вечерва Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово.
За невремето известени се и ТППЕ-Тетово, ЈКП-Тетово и одговорни лица во Општина Тетово.