Македонија
Финансиската поддршка за ранливите категории граѓани е на нивните сметки
Министерството за труд и социјална политика информира дека финансиската помош за јануари во согласност со Законот за финансиската поддршка е исплатена. Во оваа група на исплати спаѓаат корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок поради попреченост, самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари.
Финансиската поддршка за корисниците опфатени со овој закон изнесува 2.000 денари месечно за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок поради попреченост и самохрани родители, кои се корисници на гарантирана минимална помош, за период од пет месеци, и таа почна да се исплаќа од декември 2023 година.
Средствата за корисниците на право на пензија во висина до 19.000 денари, за период од пет месеци, почнувајќи од декември 2023 година, изнесува:
- 3.000 денари месечно за корисници на пензија што оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина не поголема од 14.000 денари во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка,
- 2.000 денари месечно корисници на пензија што оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 14.001 денар до 16.000 денари во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка и
- 1.500 денари месечно за корисници на пензија што оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 16.001 денар до 19.000 денари во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка.Оваа финансиска поддршка се извршува без поднесување барање од страна на корисниците врз основа на податоците од евиденциите на центрите за социјална работа и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија за остварено право во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка.Доколку некои од граѓаните, односно корисниците во категориите опфатени со овој закон, не добиле финансиска поддршка, може да поднесе приговор до комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка при Министерството за труд и социјална политика во рок од осум дена од денот на извршената исплата на финансиската поддршка.Комисијата, по поднесените приговори, одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на приговорот.Притоа комисијата за одобрените приговори доставува известување до подносителот и до институциите, а за одбиените приговори до подносителот. Граѓаните приговорите ги доставуваат по електронски пат на следната електронска пошта [email protected] или во архивата на Министерството за труд и социјална политика, со назнака „До комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот на општина Гази Баба се откажува од користењето службено возило
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, објави дека се откажува од користењето на службено возило
„Никогаш немам дозволено личните привилегии да бидат мотив или водилка во мојата работа. Поради тоа, сакам да ја информирам јавноста дека и во мојот втор мандат се откажувам од користењето на службено возило кое е предвидено за користење на градоначалникот, како и од средствата за репрезентација од буџетот на општината“, вели Стефковски.
Како и во изминатите четири години, додава тој, така и во следните четири, сите службени обврски ќе ги реализирам со моето приватно возило, а службеното возило го отстапувам на администрацијата со цел поефикасна работа на терен.
„Додека сум јас градоначалник во буџетот на општина Гази Баба нема да има место за непродуктивни трошоци. Средствата од буџетот мора да се користат одговорно, домаќински и исклучиво за потребите на граѓаните и за развој на нашата општина“, вели Стефковски.
Македонија
Мицкоски тврди дека немало напад врз Владимир Перев
Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека немало напад врз новинарот и публицист Владимир Перев, кој пријавил во полиција дека бил нападнат во Скопје.
„Апсолутно отфрлам дека каков било напад е направен врз ова лице“, рече Мицкоски.
Тој обвини за конструкции и инженериг од страна на Бугарија и вели дека тоа не е ништо ново.
„Некој може да накисне на дождот надвор и тоа да биде хибриден напад од страна на Владата со кој се загрозува интегративниот процес. Ако некој одлучил да се самоповреди и тоа да го прикаже како хибриден напад или не знам каков друг напад, тоа е друга работа. Не очекувајте дека ние ќе имаме црвен тепих и дека нема да се прават конструкции и инженеринг. Тоа е тоа, ние сме навикнати на тоа. Инаку, апсолутно отфрлам, а и имав консултации во текот на вчерашниот ден, дека каков било напад е направен врз ова лице“, одговори Мицкоски на новинарско прашање како ги коментира реакциите на МНР на Бугарија и на бугарскиот претседател Румен Радев, кои, по објавата за нападот на Перев, побараа институциите во земјата да спроведат ефикасна истрага.
80-годишниот Перев пријавил во полиција дека на 21 ноември бил физичи нападнат од едно лице во маркет на подрачјето на Центар.
Македонија
(Видео) Филипче: Нема гаранција дека прашањето со Бугарија ќе остане единствениот услов
Нема гаранција дека билатералното прашање со соседна Бугарија ќе остане единствениот услов за напредок во евроинтегративниот процес, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на Националната конвенција за Европската Унија, оценувајќи дека најновиот извештај на Европската комисија е сериозен аларм за состојбата во која се наоѓа државата.
„Можно е да не биде единствен услов решавањето на билатералниот проблем со еден од соседите. Зошто? Затоа што не сме спремни. Нема никакво придвижување, ништо во делот на подготовките за отворање на кластерите, особено на првиот – fundamentals“, рече Филипче.
Како особено сериозен проблем го посочи недонесувањето на трите клучни патокази за владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација. Според него, дури и да се изгласаат уставните измени, преговорите со ЕУ нема да можат да започнат веднаш.
„Сега да се случат уставните измени, ние утре нема да можеме да ги почнеме преговорите со Европската Унија, што ја става под знак прашање политичката волја на оваа владејачка гарнитура да направи нешто во делот на евроинтеграциите“, рече Филипче.
Тој посочи дека ваквата ситуација се случува во време кога Европската Унија испраќа јасни сигнали дека е подготвена за проширување и охрабрување на кандидатите.
„Јасни се сигналите од Европската Унија дека има волја да се стави акцент на процесот на проширување. На минатиот состанок кога беше присутна амбасадорката на Данска, ги образложуваше приоритетите на данското претседателство со ЕУ и јасно кажа: ние бевме најголеми скептици за проширувањето, а сега даваме зелено светло и ги поддржуваме сите земји-кандидати да продолжат со реформите, затоа што проширување евидентно ќе има“, порача Филипче.
Тој истакна дека Северна Македонија го добила најлошиот извештај во последните повеќе од десет години.
„Жалам што го добивме најлошиот извештај на Европската Комисија за нашата земја изминатите повеќе од деценија. Јасно е констатирано во извештајот дека изминатата година реформи нема. Мислам дека го кажав тоа и на претходниот состав на Националниот Совет – дека единствен полош извештај е 2015 година, кога сме оценети како заробена држава, но власта и сега го прави“, рече Филипче.
Во своето обраќање тој предупреди дека доколку продолжи актуелната политика на застој и одбивање на реформи, постои реален ризик државата да биде вратена назад во евроинтегративниот процес.
„Ако вака продолжиме, и тоа беше дел од дискусијата на Националниот Совет во минатиот состав, не сум сигурен, можеби Европската Унија ќе не врати повторно на ниво на скрининг“, изјави Филипче

