Македонија
Димитриевски: Лидл е успешна инвестиција за Општина Куманово со очекувани над 150 вработувања во општината
На површина од 63.000 метри квадратни метри и со очекувано вработување на над 150 лица, Општина Куманово ја доби до сега најголемата инвестиција која ќе се реализира во индустриската зона во Куманово, логистички центар на Лидл. За градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, ова претставува развој на Куманово и индустриската зона Речицa, но и на североисточниот плански регион на Македонија
„Јас денеска како градоначалник сум среќен што имам чест да присуствувам на оваа манифестација на покана на инвеститорот и сакам да се заблагодарам на претставниците на ЛИДЛ, германската амбасада во државата и вработените во општина Куманово, јавните претпријатија и сите институции, кои дадоа позитивен придонес во подготовка и реализација на ваквиот проект, вклучувајќи ги и лицата кои беа вработени кај инвеститорот или ангажирани како фирми, кои беа логистичка поддршка. Без нивен личен ангажман немаше да бидат надминати сите бирократски процедури во системот и сите пречки, со кои се соочивме во текот на целата реализација на постапката. Искрено благодарам на инвеститорот за неговата лична заложба оваа голема инвестиција да ја лоцира во нашата индустриска зона, која самата по себе со атрактивноста и местоположбата нуди дополнителни можности за развој и на ЛИДЛ, но и на самата зона, како и на кумановското и македонското стопанство во целина. Овој нов стопански капацитет, во иднина очекуваме да вработи над 150 луѓе, но и дополнително да ангажира голем број логистички и шпедитерски компании од градот, регионот, државата и пошироко со непречен транзит на стоки и добра, со што ќе придонесе за зголемување на БДП, не само во општина Куманово, туку и пошироко“, истакна градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
Првото писмо за намера за инвестиции од реномираната светска компанија Лидл, Општина Куманово го доби во мај 2022 година, по што беше спроведена законска постапка за урбанизација на просторот од 17 хектари земјиште, отуѓување на земјиштето по пат на јавна лицитација во вкупна вредност од 5,3 милиони евра и издавање на одобрение за градење во најкус можен рок. Постапката беше спроведена во законски рамки, но за жал со голем број на бирократски проблеми, порача градоначалникот Димитриевски.
„Целосната постапка беше спроведена во законски рамки, но за жал со голем број на бирократски проблеми и свесно несвесни опструкции на процесот од страна на надлежни државни органи и поединци, при што сметам дека од ова искуство државата треба да извлече дополнителни заклучоци, за да ја намали улогата на поединецот во системот, а истиот да го направи пофункционален во интерес на поголем број на вакви големи инвестиции од страна на странски и домашни потенцијални инвеститори во државата, со цел да се зголемува и нивото на инвестиции, но и капацитетноста на македонското стопанство“, вели тој.
Градоначалникот Димитриевски порача инвеститорот Лидл да продолжи со своите инвестиции во општина Куманово, регионот и североисточниот плански регион и државата, бидејќи на тој начин покрај тоа што граѓаните ќе добијат поквалитетен сервис, услуга и производи во дејноста на инвеститорот, ќе се подигне и нивото на конкурентноста на пазарот, ќе се намалат цените на производите кон граѓаните, а воедно ќе се отворат и нови можности за дополнително наменско производство на прехранбени и други производи од страна на домашни локални производители и даватели на услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Соработка со Чешка за обединет и поефикасен систем за справување со кризи
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, го прими амбасадорот на Република Чешка во Македонија Н.Е. Јарослав Лудва и директорот на Генерален директорат за противпожарна и спасувачка служба при Министерство за внатрешни работи на Република Чешката, Владимир Влчек, заедно со неколкучлена делегација.
Тема на разговор на средбата во ДЗС беше соработката на полето на заштита и спасувањето и за процесите на трансформација на системот за управување со кризи и за чешките искуствата во оваа област. Притоа, Ангелов посочи дека Македонија е во фаза на темелна реформа, со цел обединување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување во единствен, функционален и поефикасен систем. На средбата во ДЗС беа споделени искуства за едукација на пожарникари, а и стручни мислења за заштита и спасување, со можност за заедничко учество на планирани оперативни вежби.
Ангелов, при работната средба, им се заблагодари на високите претставници на Чешка за поддршката на Македонија за справување со кризни ситуации: „не само со давањето на опрема и технички средства, како на пример, вчерашната донација на противпожарно возило „татра” со капацитет oд 10 тони за пожарникарите од Кочани, туку и за директното помагањето со чешки сили, со опрема и со техника при справување со огнените стихии, конкретно со противпожарното дејство на чешкиот хеликоптер ,,блек хок” минатото лето, што беше успешно реализирано во содејство со противпожарни сили од нашата земја и од Словенија.
Македонија
Алиу на онлајн состанок со странските експерти за кардиохируршки интервенции
Денес се одржа онлајн состанок меѓу интерната и странската експертска комисија ангажирана од Министерството за здравство, во рамки на процесот за стручна анализа и испитување на посочените кардиолошки и кардиохируршки интервенции.
Состанокот го отвори министерот за здравство Азир Алиу, кој ги информираше експертите за досегашниот тек на постапувањето, начинот на прибирање и стандардизација на документацијата за пациентите и целта на двостепената стручна проверка.
„Овој процес го водиме за да утврдиме факти засновани на медицина базирана на докази. Очекувам странските експерти да дадат независен стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија, како и да помогнат да ги препознаеме можните системски празнини. Наодите треба да го зајакнат нашиот здравствен систем, притоа доколку се идентификува потреба, ќе пристапиме и кон измени на правната регулатива. Целта е подобар перформанс на системот, враќање на довербата на граѓаните и воведување европски стандарди“, рече министерот Алиу.
На состанокот беше усогласена работната методологија по која ќе постапуваат странските експерти во рамки на втората експертска анализа.
Министерството потсетува дека странската експертска група е составена од тројца врвни професионалци – д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија и д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија. Нивниот ангажман има за цел да обезбеди дополнителна медицинска експертска тежина и меѓународно споредливи стандарди во анализата на доставените случаи за извршени операции или непотребно упатени за операција.
Македонија
Забраната на социјалните мрежи за најмладите во Македонија би била радикален чекор, рече министерот Андоновски во Прилеп
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека Владата не размислува за забрана на социјалните медиуми за деца и млади, оценувајќи дека таков потег би бил премногу радикален и би можел да значи мешање во основните слободи.
„Премногу е радикално кога државата се одлучува на чекор да забрани некоја алатка, бидејќи доколку би тргнале да се движиме во таа насока, тогаш можеме да стигнеме и до нарушување на правото на слободен избор и на слободен говор“, изјави Андоновски одговарајќи на новинарско прашање, откако повеќе држави низ светот почнаа да ја воведуваат или разгледуваат оваа мерка.
Сепак, тој додаде дека Владата и Министерството остануваат отворени за дискусија доколку се појави иницијатива за уредување на ова прашање.
Изјавата на министерот доаѓа во рамки на голем настан организиран по повод Меѓународниот ден на побезбеден интернет во ООУ „Кире Гавриловски – Јане“ во Прилеп, во соработка со Општина Прилеп и проектот МКСафеНет.
Андоновски нагласи дека ова е втора година по ред како Министерството го одбележува Денот на побезбеден интернет, со цел подигање на свеста кај најмладите за одговорно и безбедно користење на интернетот. Преку проектот, досега се опфатени над 70 училишта низ државата, а на родителите и наставниците им се доставени алатки и упатства преку Министерството за образование за тоа како да воспостават поголема контрола и заштита врз децата во дигиталниот простор.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, се заблагодари за соработката и ја истакна поддршката од Министерството за дигитална трансформација, посочувајќи дека Прилеп е меѓу приоритетите на ресорното министерство.
Како пример, го посочи новиот Центар за услуги на Министерството, отворен во просториите на даночната управа, каде граѓаните отсега ќе можат и физички да пристапат до услугите достапни преку порталот uslugi.gov.mk.

