Македонија
Костадиновска-Стојчевска: 90 милиони денари поддршка за инфраструктурата на културата во општините

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се обрати на панел-дискусијата „Инвестициите во инфраструктурата и во културата – траен влог за идните генерации“, рече дека со средствата за капитални дотации во културата за единиците на локалните самоуправи кои во последниве две години изнесуваат 90 милиони денари се потврдува посветеноста на Владата и на Министерството за култура за рамномерен културен развој на локалните самоуправи.
„Капиталните дотации за општините се ставка која се актуелизираше минатата година и која досега не изнесувала повеќе од еден милион денари. Она што е значајно е фактот што минатата година за капитални дотации беа издвоени 40 милиони денари. Инвестиравме во општините Кратово, Валандово, Кривогаштани, во Делчево, општини во кои како што кажаа и самите градоначалници никогаш досега немало капитални дотации. Оваа 2024 година таа ставка изнесува 50 милиони денари и целта е секоја наредна година таа сума да изнесува што е можно повеќе“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека културата не треба да биде централизирана само во Скопје туку таа треба да биде достапна во секој општина. Токму затоа напомена дека градоначалниците кои минатата година подготвија проекти, истите беа добро прифатени и беа завршени во календарската година. Па така, сега имаме прекрасен простор во Делчево, општините Кратово и Крушево набавија урбана опрема за која изминатите години трошеле многу пари, а општина Валандово го реновираше кино-просторот. Со тоа покажавме дека секоја општина треба да ја ужива културата, а тоа да не биде само во Скопје.
Во однос на инвестициите во културата Костадиновска-Стојчевска го сподели фактот дека во последниве две години се вложени 900 милиони денари за санација и реконструкција на постоечките објекти на националните установи во повеќе градови во државава.
„Продолжуваме со изградбата на театарот и библиотеката во Тетово, на Турскиот театар, издвоивме 32,8 милиони денариза целосна обнова на старото училиште во Љубојно, започнуваме со реконструкција на Музејот на Македонија, заврши цел процес околу преземање на правото за реконструкција на Универзалната сала, а продолжуваме со инвестиции за реконструкција и во Курбиново“, рече Костадиновска-Стојчевска и потенцираше дека сето ова е влог во иднината, трајни инвестиции, кои го чуваат и афирмираат македонскиот идентитет и култура.
Во позитивните придобивки за културата во последниве години министерката го истакна покачувањето на платите за вработените во секторот за 43 проценти, со тенденција за нивно зголемување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Внимание, стаорците нема да чекаат втор круг на избори“, предупредува Никола Пановски

„Вториот круг, заедно со рокот на жалби, предавањето на функцијата, нема да заврши пред 9.11.2025. За 18 дена стаорците, па и глувците може енормно да се размножат. Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодарите. Имаат достапна храна во изобилство. Излегуваат од подрумите, канализацијата и се хранат, се оплодуваат и за едем месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња“, пишува на социјалните мрежи, микробиологот Никола Пановски.
„Значи и по евентуално чистење на градот за 72 часа по 20 дена, ќе имаме илјадници гравидни глодарки кои на свет ќе донесат десетици илјади младенчиња. Можеби ќе имаме исчистен град, но глодарите ќе бидат многубројни и барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат ќе ни влезат дома.
За болестите кои можат директно или индиректно да ги пренесат, прочитајте детално на постот кај колегата Ивица Апостолов, многу точно и коректно напишано“, вели Пановски.
Тој апелира до Владата веднаш да се прогласи вонредна состојба и да се почне со чистење на сметот.
„МЗ, Центар за јавно здравје, Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство, што правите, па вие сте платени да апелирате, да наредувате, да превенирате, не е тоа моја работа. Десетици платени специјалисти по хигиена, епидемиологија, микробиологија, ветеринари, каде сте? Воопшто не е важно дали сега е опортуно да молчите, да чекаме да се исполни ветувањето за 72 часа, аман веќе, побарајте итна акција од Владата, ако не ве слушаат излезете на улица“, додава Пановски.
Македонија
Зоран Димитровски: Не размислуваме, ниту поддржуваме идеи за отворање кампови за враќање одбиени баратели на азил

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, вчера и денес (21-22 октомври 2025) учествува на годишната конференција за миграции во Виена (Vienna Migration Conference), во организација на Меѓународниот центар за развој на миграциските политики – ИЦМПД.
На десеттата виенска конференција за миграции присуствуваат повеќе од 250 носители на одлуки, владини претставници, експерти од областа на миграцијата, меѓународни организации, академската заедница и цивилното општеството, кои прават напори за поврзување на миграциските текови со најсоодветните стратешки политики и решенија.
Во рамките на конференцијата „Западен Балкан: Регионални перспективи за миграцијата и партнерствата“, заменик-министерот Димитровски учествуваше во разговор еден на еден со генералниот директор на ИЦМПД, Михаел Шпенделегер, посветен на предизвиците и можностите што ги носи променливата миграциска слика во регионот.
За време на разговорот беше нагласено дека Западен Балкан се наоѓа на уникатна пресвртница во управувањето со миграциите како регион што истовремено е место на потекло, транзит и сè повеќе дестинација за мигрантите. Овој динамичен контекст отвора нови предизвици, но и можности за економски развој, особено во услови на зголемена побарувачка за работна сила и недостиг на работници во клучни сектори.
Заменик-министерот Димитровски посочи дека нашата земја активно се приспособува на новата реалност преку развивање политики за управување со легалната миграција, кои одговараат на демографските и на економските потреби на земјата. Притоа беше истакната и важноста од градење партнерства со земјите на потекло за развој на одржливи модели на работна мобилност, подобрување на системите за враќање и намалување на нерегуларната миграција.
Во разговорот беше истакнато дека овие процеси се во согласност со европските иницијативи, како што се пактот за миграција и азил, како и акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кои го потенцираат значењето на соработката со земјите на потекло во делот на мобилноста, развојот на вештини и управувањето со враќањето на мигрантите.
Беше нагласено дека Северна Македонија, како и земјите од Западен Балкан, е дел од Европа и нејзините политики, а не простор надвор од нејзините граници. Во таа насока, нашата држава ниту размислува ниту поддржува идеи за отворање кампови за враќање одбиени баратели на азил.
На маргините на конференцијата заменик-министерот Зоран Димитровски оствари повеќе средби и разговори со истакнати владини претставници и министри, кои учествуваат на конференцијата.
Македонија
Mицкоски се сретна со кралот Чарлс: „Беше искрено и содржајно“

Премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави дека во рамките на престојот во Лондон остварил средба со Неговото Кралско Величество, Кралот Чарлс III.
„Средбата беше искрена и содржајна. Разговаравме за пријателството помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, за стабилноста, развојот и заштитата на природата, области на кои кралот со години им посветува големо внимание“, информира Мицкоски.
Како што додаде, оваа средба е признание и почит, но и поттик да се продолжи по патот на заедничките вредности, довербата и партнерството.
Во рамките на Берлинскиот процес, што го организира премиерот Кир Стармер, Мицкоски остварува повеќе средби насочени кон економска и инфраструктурна стратешка соработка со Обединетото Кралство.