Свет
(Видео) Шест луѓе убиени среде пустина во Калифорнија

Шест лица се пронајдени мртви во пустината Мохаве во јужна Калифорнија.
Полицијата истражува кој стои зад убиствата откако шест тела беа пронајдени расфрлани во оддалечен дел од пустината, соопшти Канцеларијата на шерифот на округот Сан Бернардино. Полицајците што ја примија дојавата ги открија телата во вторникот вечерта во оддалечена област во близина на автопатот 395 во близина на Ел Мираж, околу 95 километри североисточно од Лос Анџелес, изјави за новинарите портпаролката на шерифот, Мара Родригез.
Засега нема информации за идентитетот на загинатите. Официјални лица рекоа дека причината и начинот на смртта допрва треба да се потврдат, но „Виктор Вели њуз“ објави дека сите жртви биле застрелани. Првично беа пријавени пет тела, но Родригез рече дека во текот на истрагата биле пронајдени останките и на шестата жртва.
Телевизиската станица КТЛА-ТВ во Лос Анџелес соопшти дека снимките од воздух од местото на настанот покажуваат повеќе крвави тела на земјата со десетици траги и патрони околу нив. Некои од жртвите исто така се чинеше дека се изгорени, објави медиумот додавајќи дека сцените биле премногу ужасни за да се емитуваат.
На местото на настанот се пронајдени и две возила – син џип и бело комбе. КТЛА известува дека теренецот бил изрешетан со куршуми, а стаклата биле искршени, додавајќи дека едно од телата било пронајдено во едно од возилата.
Полицијата соопшти дека нема уапсени и не понуди објаснување за мотивот или околностите за убиствата. Ел Мираж е заедница што се наоѓа во близина на рамно, суво езерско корито во западната долина Виктор во пустината Мохаве.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: Путин знае дека едно оружје може да го промени текот на војната

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски им се обрати на лидерите на состанокот на Европскиот совет утрово. Украинскиот претседател рече дека постои едно оружје кое, како што истакна, може да „го промени текот на војната“.
„Само погледнете колку стана нервозен Путин кога се појави оваа тема, тој разбира дека оружјето со долг дострел може да го промени текот на војната“, рече Зеленски. Зборувајќи за видовите на такво оружје, тој меѓу другите ги спомена ракетите Томахавк.
Американскиот претседател Доналд Трамп досега одби да испорача Томахавк на Украина, но затоа синоќа потврди строги санкции против руските нафтени гиганти Роснефт и Лукоил.
Зеленски им се заблагодари на собраните лидери, но рече дека одлуката за замрзнатите руски средства мора да се донесе што е можно поскоро. Доколку биде одобрена, рече Зеленски, тој ќе искористи значаен дел од тие пари за купување европско оружје.
„Мора да ги искористиме тие замрзнати средства на начин што ќе ѝ даде до знаење на Русија дека мора да плати за сопствената војна што ја води. Затоа, ве молам да донесете одлука што е можно поскоро – руските средства треба целосно да се искористат за одбрана од руската агресија“, рече тој.
Според дипломатски извори, лидерите на земјите-членки се согласиле дека Русија не е подготвена да се вклучи во значајни разговори за постигнување мир и завршување на војната и дека е потребно да се продолжи со притисокот за да се принуди Путин да седне на преговарачка маса.
Дискусијата за Украина ќе продолжи попладне, додека за време на работниот ручек ќе разговараат за зајакнување на европската одбрана.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан не учествуваше во дискусијата, кој остана во Будимпешта, каде што денес се одбележува годишнината од Унгарската револуција од 1956 година. Тој ќе пристигне во Брисел подоцна попладне.
Унгарија не сака да ги поддржи заклучоците од самитот за Украина, па затоа најверојатно ќе биде објавена изјавата на другите 26 земји-членки.
Свет
Русија: Отворени сме за можноста за средба меѓу Трамп и Путин

Руското Министерство за надворешни работи е отворено за продолжување на контактите со американскиот Стејт департмент за можна средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, изјави денес портпаролката Марија Захарова.
„Руското Министерство за надворешни работи, од своја страна, е отворено за продолжување на контактите со американскиот Стејт департмент во спроведувањето на договорите постигнати за време на телефонскиот разговор меѓу претседателите на Русија и САД на 16 октомври“, изјави Захарова пред новинарите.
Вчера, Трамп го објави откажувањето на планираниот состанок со Путин во Будимпешта.
Американскиот претседател рече дека состанокот „може да биде губење време во моментов“. Сепак, неговата администрација ја остави отворена можноста разговорите да продолжат, и покрај санкциите воведени синоќа против двете најголеми руски нафтени компании.
Свет
Германија: Илјадници лица го променија полот во првата година од новиот закон

Во изминатата година, откако стапи во сила новиот закон за самоопределување, илјадници граѓани во Германија го променија својот пол и идентитет, јавува Католичката новинска агенција (KNA).
Само во Берлин над 2.500 лица поднеле барање за промена на пол и идентитет, а во Лајпциг и Келн бројот изнесува околу илјада, односно седумстотини. Најмногу барања биле поднесени веднаш по стапувањето на законот на сила на 1 ноември минатата година.
Според законот, секој граѓанин може со едноставно барање до матичарот да ја смени ознаката за пол во документите — во машки, женски, „разно“ или без наведување.
До донесувањето на овој закон, за промена на пол биле потребни две психијатриски вештачења и судска одлука.
Христијанско-демократската унија (CDU/CSU) која сега е на власт, најави дека ќе го преиспита законот до крајот на 2026 година.
Законот предизвика меѓународно внимание по случајот на неонацистот Свен Либих, кој пред да оди во затвор формално го смени полот за да биде сместен во женски оддел, но потоа не се појавил во затворот, поради што е распишана потерница.