Македонија
На Клиниката за хематологија отворен првиот регионален Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки
На Клиника за хематологија, денес, свечено беше отворен првиот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки.
Станува збор за новоизграден кат на Клиниката за хематологија, исклучително важен капацитет за јавното здравство, со вкупна површина од 800 квадратни метри, 10 болнички соби со хепа-филтриран воздух за третман со алогена сродна, несродна и делумно идентична трансплантација на хематопоетски матични клетки.
Амбасадата на САД преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржаа изградбата на Центарот со еден милион долари. Другите средства се обезбедени преку Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија.
По овој повод, свои обраќања имаа Ирина Пановска-Ставридис, директорка на ЈЗУ Клиника за хематологија, Ерик Мејер, заменик-шеф на Мисијата на САД во РСМ, Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Фатмир Меџити, министер за здравство, и Артан Груби, прв заменик-претседател на Владата на РСМ.
Беше изразена благодарност што САД ја препозна посветеноста на надлежните за унапредување на јавноздравствените услуги, што помогна во обезбедувањето полноправно членство на Клиниката за хематологија во Европската група за трансплантација на хематопоетски матични клетки.
Со овој Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки се воведуваат највисоки европски и светски стандарди за лекување на најтешките хематолошки заболувања. Новиот капацитет има најмодерна медицинска опрема, со која може да се третираат 120 нови пациенти годишно. Станува збор за регионален Центар за трансплантација, кој, освен за осигурениците на Северна Македонија, е оспособен за лекување пациенти и од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, каде што овие интервенции сè уште не се воведени. За потребите на овој центар, планирани се 30 нови вработувања на медицински кадар на Клиниката за хематологија.
Трансплантацијата на хематопоетски матични клетки претставува најсложена билошка интервенција во хуманата медицина, при што клетките на пациентот се заменуваат со матични клетки од здрав донор за лекување малигни хематолошки заболувања. Првпат трансплантација од сроден донор на ЈЗУ Клиника за хематологија е изведена во 2000 година. Новиот терапевтски пристап со трансплантации на матични клетки од несроден донор и делумно идентични трансплантации се воведени во 2018 и 2019 година и поради оваа придобивка пациентите веќе неколку години немаат потреба да бидат испраќани на лекување во странство. Од 2018 до 2023 година се извршени вкупно 319 трансплантации. Од денес натаму оваа бројка се очекува да се зголеми минимум за двојно повеќе трансплантации во наредните неколку години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)
Македонија
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

