Свет
Штетата од земјотресот во Јапонија би можела да достигне 16,2 милијарди евра

Штетата предизвикана од земјотресот што ја погоди Јапонија на 1 јануари и во кој загинаа повеќе од 230 луѓе, според процените на јапонската влада, би можела да биде помеѓу 6,9 и 16,2 милијарди евра.
За да се направи таа процена, беа земени предвид штетите на зградите и инфраструктурата во префектурата Ишикава, која беше најтешко погодена, како и две соседни префектури, Тојами и Ниигата, а разликата е толку голема затоа што сè уште не се проценети сите штети, рече функционерот, додавајќи дека тоа е извештајот презентиран на Советот на министрите.
Официјалната процена е повисока од првата на делумна штета што ја направи приватниот сектор на почетокот на јануари.
Сепак, вкупната сума на штета треба да биде помала од онаа предизвикана по земјотресот и цунамито во 2011 година во североисточниот дел на Јапонија, која изнесуваше 147 милијарди евра.
Владата вчера донесе мерки за подобрување на условите за живеење на лицата евакуирани по земјотресот од 1 јануари, реконструкција на погодените подрачја и ревитализација на туризмот.
Јапонскиот архипелаг е еден од сеизмички најактивните во светот. Модерните згради во Јапонија може да издржат многу силни земјотреси, но тоа не е случај за многу стари згради, особено во руралните области, како што е полуостровот Ното, кој е дом на префектурата Ишикава, епицентарот на земјотресот од 1 јануари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Постигнат е голем напредок со Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот специјален пратеник, Стив Виткоф, на средбата со рускиот претседател Владимир Путин постигнал значаен напредок, и најави дека во наредните денови и недели ќе се работи на завршување на конфликтот во Украина.
„Виткоф, штотуку имаше многу продуктивна средба со претседателот на Русија, Владимир Путин. Постигнат е голем напредок! Потоа ги известив некои од нашите европски сојузници. Сите се согласуваме дека оваа војна мора да заврши и ќе работиме на тоа во деновите и неделите што доаѓаат. Ви благодарам на вниманието“, напиша Трамп.
Иако и официјален претставник на Белата куќа, цитиран од Ројтерс, потврдил дека средбата поминала добро и дека Русите се заинтересирани да ја продолжат соработката со САД, сепак се очекува во петок да стапат во сила секундарните санкции.
Во меѓувреме, Трамп и украинскиот претседател Зеленски, наводно, го завршиле својот телефонски разговор.
Виткоф, денес ја оствари својата петта посета на Русија оваа година, при што утрово се сретна со директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев, а потоа беше примен и во Кремљ од претседателот Путин.
Регион
„Многу е подобар“ – Вучиќ зборуваше за здравствената состојба на министерот кој доби удар во емисија во живо

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска за ТВ Прва изјави дека министерот Дарко Глишиќ е подобро.
„Многу е подобро отколку пред ден и пол. Тој зборува, иако сè уште не е тоа целосно нормално, но е прекрасно што зборува и ги движи десната рака и нога, што се големи промени. Добро е што можеше да каже од кога се чувствувал лошо и како дошло до тоа. На скенер се виде дека дошло до кинење на вратната артерија, која предизвикала хематом во мозокот, додека не се згрутчи и не доведе до мозочен удар. За среќа, ударот се случи во студио, блиску до болницата“, рече Вучиќ.
Тој нагласи дека е во постојан контакт со семејството на Глишиќ, особено со неговиот син Лука, и додаде дека семејството било многу исплашено.
Говорејќи за реакциите на опозицијата на здравствената состојба на министерот, Вучиќ рече дека тие немаат елементарно воспитување, а сепак сакаат да ја водат државата.
„Некои се радуваа кога беше убиен Зоран Ѓинѓиќ, но јас тоа не го правев. Доколку тоа ми се случеше мене, ни тоа немаше да им биде доволно – би сакале да умрам во уште пострашни маки. Кога умре Милошевиќ, лудаците славеа. Но, се гледа дека ништо не се сменило. Тоа е нешто полошо од тоа некој да не е добар човек – проблемот е што тие луѓе немаат елементарна пристојност. Не мора секого да жалите, но е ред барем да молчите и да изразите сочувство кога некој ќе умре, или да посакате побрзо закрепнување кога некој е болен“, изјави претседателот.
Вучиќ додаде дека е навикнат на такви коментари, но дека на семејството на Глишиќ не му било лесно да ги слуша и чита тие зборови.
Свет
Министерот Кенеди повлекува 500 милиони долари наменети за развој на мРНК вакцини

Американското Министерство за здравство и социјална заштита ќе ги откаже договорите и ќе го повлече финансирањето за некои вакцини што се развиваат за борба против респираторни вируси како ковид-19 и грип. Роберт Ф. Кенеди јуниор во вторник објави соопштение во кое наведува дека 22 проекти, во вкупна вредност од 500 милиони долари, за развој на вакцини користејќи мРНК технологија ќе бидат прекинати.
Одлуката на Кенеди да ги прекине овие проекти е последен потег со кој тој, како долгогодишен критичар на вакцините, ги реализира своите сомнежи во ефикасноста на вакцините во рамките на националниот здравствен систем. Кенеди ја повлече препораката за вакцините против ковид-19, го распушти одборот кој носи препораки за вакцини и не даде силна поддршка за вакцинирање додека ситуацијата со епидемијата на сипаници се влошуваше.
Стручњаците тврдат дека мРНК технологијата е безбедна
Министерот за здравство ги критикуваше мРНК вакцините во видео објавено на неговите профили на социјалните мрежи, објаснувајќи ја одлуката за укинување на проектите што ги водат најголемите фармацевтски компании во земјата, вклучувајќи Pfizer и Moderna, кои нудат заштита од вируси како грип, ковид-19 и H5N1.
„За да ги замениме проблематичните мРНК програми, даваме предност на развој на побезбедни, пошироко ефективни стратегии за вакцини, како вакцини базирани на целиот вирус и нови платформи кои не пропаѓаат кога вирусите мутраат“, рече Кенеди во видеото.
Стручњаците за заразни болести тврдат дека технологијата мРНК користена во вакцините е безбедна, а заслугата за нејзиниот развој во првата администрација на Трамп ја припишуваат на забавувањето на пандемијата на коронавирус во 2020 година. Тие предупредија дека идните пандемии ќе биде потешко да се сопрат без помош на мРНК технологијата.
„Најопасна одлука во последните 50 години“
„Мислам дека во моите 50 години во јавното здравство никогаш не сум видел опасна одлука како оваа,“ изјави Мајк Остерхолм, експерт за заразни болести и подготовка за пандемии од Универзитетот во Минесота. Тој истакна дека мРНК технологијата нуди предност на брзo производство, што е клучно при нова пандемија која бара нова вакцина.
„Одлуката да се стават мРНК проектите на чекање е кратковида, имајќи предвид дека сè уште постои загриженост за можнота пандемија на птичји грип“, рече за Асошиетед Прес д-р Пол Офит, експерт за вакцини од Детската болница во Филаделфија. „Тие сигурно спасиле милиони животи“, рече Офит за постојните мРНК вакцини.
Научниците ја користат мРНК не само за вакцини против заразни болести, туку и за истражување на имунотерапија за рак. На почетокот на оваа година, милијардерот и технолошки претприемач Лери Елисон ја пофали мРНК технологијата во Белата куќа поради нејзиниот потенцијал во лекување на рак.
Традиционално, вакцините се произведуваат преку одгледување делови од вирусот, често во кокошки јајца или големи садови со клетки, а потоа тој материјал се прочистува. Пристапот со мРНК започнува со исечок од генетскиот код кој носи инструкции за производство на протеин.
Министерството најави дека „другите примени на мРНК технологијата во рамките на министерството не се погодени од ова соопштение“.
мРНК технологијата се користи во одобрени вакцини против ковид-19, но уште не е одобрена за вакцина против грип. Moderna, која истражуваше комбинирана вакцина против ковид-19 и грип базирана на мРНК, изјави дека верува дека мРНК може да го забрза производството на вакцина против грип во споредба со традиционалните вакцини.
Министерството најавува „инвестиции во подобри решенија“
Напуштањето на мРНК проектите означува „промена на приоритетите во развојот на вакцини“, наведува министерството во соопштението, додавајќи дека ќе почнат да инвестираат во „подобри решенија“. „Сакам да бидам целосно јасен, Министерството за здравство и социјална заштита поддржува безбедни, ефективни вакцини за секој Американец кој сака да се вакцинира“, изјави Кенеди.
Фокусот е на „универзална вакцина што го имитира „природниот имунитет“
Неколку часа подоцна, во вторник, говорејќи на прес-конференција во Анкориџ, Аљаска, заедно со двајца републикански сенатори од државата, Кенеди рече дека се работи на алтернатива.
Тој изјави дека фокусот на администрацијата е на „универзална вакцина“ која го имитира „природниот имунитет“. „Веруваме дека ќе биде ефективна, не само против коронавирусот, туку и против грипот“, рече Кенеди.