Македонија
Чистење на каналската мрежа во општина Илинден

Со цел да се продолжи со редовно чистење и одржување на каналската мрежа на територијата на општина Илинден и во 2024 година, од страна на Општина Илинден е донесен акциски план за чистење и одржување на каналската мрежа на територијата на општина Илинден за 2024 година со дефинирани вкупно 22.900 метри (главна, секундарна и терцијална каналска мрежа) во согласност со годишната програма за чистење на каналска мрежа на АД Водостопанство „Скопско Поле“ – Скопје и во согласност со потребите на граѓаните и правните субјетки на општина Илинден.
Чистење, нивелирање и одржување на каналската мрежа ќе се изврши во соработка со АД Водостопанство „Скопско Поле“-Скопје, ЈКП „Илинден“ и општествено одговорни компании со цел да се обезбеди функционалност на каналската мрежа на територијата на општина Илинден и да се спречат несакани последици од појава на поплави.
Од страна на Водостопанство „Скопско Поле“ – Скопје во јануари е извршено машинско чистење на Сисавец на главниот канал во населеното место Илинден, зад хотелот „Белви“ до вливот во главниот канал во должина од 1.600 метри, чија вкупна должина изнесува 2.000 метри. Во наредниот период ќе се продолжи со чистење на каналската мрежа во согласност со оперативен динамичен план, кој е составен дел на акцискиот план. Екипите за чистење ќе продолжат со чистење на секундарниот канал Топлик во Илинден.
„Со редовното одржување на каналската мрежа се овозможува непречено прифаќање и одведување на површинските (атмосферските) води преку каналскиот систем, кои во месноста Таор се влеваат во реката Вардар, со што се спречува настанувањето поплави и се обезбедува чиста и здрава животна средина, која е еден од условите за квалитетен живот на населението“, велат од Општина Илинден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За формирање многудетно семејство потребен е достоинствен приход, Мицкоски ги уништи приходите, велат од СДСМ

Додека Мицкоски продолжува да ги убедува граѓаните дека треба да имаме многудетни семејства, неговата Влада прави сè за да не им го овозможи тоа. Мицкоски, кој доаѓа од високата класа и има часовници од 60.000 евра и бизнис од 10 милиони евра, не може да разбере дека за одгледување на повеќе деца се потребни пари и услови, реагираат од СДСМ откако премиерот Христијан Мицкоски кажа дека формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин.
Од СДСМ прашуваат, знае ли Мицкоски дека според последните статистики дури 22% од децата живеат во сиромаштија?
„Наместо да работи на политики за зајакнување на стандардот, покачување на платите, обезбедување поддршка за мајките и жените, наместо да се бори со конкретни механизми за да ги мотивира младите брачни парови да имаат деца, тој им беседи за патриотизам.
На Мицкоски треба да му е јасно дека сите сакаат деца, но за да се имаат повеќе деца потребно е родителите да се чувствуваат сигурни, со стабилни приходи и да живеат во перспективна држава. Ништо од тоа не е Македонија на Мицкоски во овој момент.
Граѓаните се иселуваат, перспективата не постои, платите не растат, економијата тоне. Владее несигурност како никогаш досега. Улиците не се безбедни, има убиства секој ден. Во ваква држава, џабе се пораките на Мицкоски за патриотизам“.
Патриотизам, како што оценуваат од опозициската партија, е да се бориш за луѓето, за секое семејство, да ги покачуваш платите, а не да ја штитиш олигархијата.
Македонија
Шукова: „Вардариште“ ќе стане современа претоварна станица, а не дива депонија

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска изјави дека Вардариште ќе добие конечно и трајно решение како дел од планот за Скопје без диви депонии.
„Вардариште мора да се затвори како дива депонија и да се уреди како претоварна станица по европски стандарди,“ истакна Шукова.
Таа нагласи дека изминатите четири години на оваа локација не биле преземени никакви интервенции, што резултирало со сериозни еколошки и здравствени последици за граѓаните.
Во нејзината програма е предвидено Вардариште да се огради и обезбеди со 24/7 чуварска служба, да се исчисти и уреди, да функционира како регуларна претоварна станица со селекција на отпад и да биде дел од интегриран систем за управување со отпадот во Скопје.
Македонија
Бесплатен оброк за сите ученици, најави Герасимовски

Од наредната година, септември 2026, обезбедуваме бесплатен оброк за сите ученици во целодневна настава, со што, родителите се ослободуваат од финансиски трошоци за храната на своите деца во училиштата. Покрај тоа, на сите ученици од петто до деветто одделение им следува бесплатна неколкудневна екскурзија низ Македонија, најави кандидатот за градоначалник на Центар и воедно актуелен градоначалник на општината, Горан Герасимовски, пред основното општинско училиште „Коле Неделковски“.
Тој, најави и дека од следната година, се започнува со бесплатни дополнителни часови за сите ученици, заедно со пензионираните наставници и професори во општината.
„Ова е еден одличен проект којшто стартува од следната година. Децата покрај тоа што ќе учат за природните убавини на Македонија, тие исто така и ќе другаруваат меѓусебе. Би сакал да истакнам дека вложувањето во развојот на учениците е нашиот фокус, и токму затоа, за 50% се зголемуваат и стипендиите за талентирани ученици. Центар е општината која најмногу вложува во образованието. Сите 8 училишта се целосно реновирани, со најдобри услови за настава и педагошки процес. Ние сме тука за да ги мотивираме и да им овозможиме подобра настава и посреќно детство“, потенцираше Герасимовски.
Тој потсети, дека по 66 години, општината направи нова доградба на ООУ „Коле Неделковски“ со што ова центарско училиште доби нови четири пространи и осветлени училници, два кабинети, една библиотека, лифт, тоалет и пристапна рампа за полесен пристап за влез за учениците со посебни потреби.