Македонија
Трипуновски: Во моментот немаме категорија земјоделци што не се разочарани, потценети, ограбени и омаловажени
Во моментот немаме категорија земјоделци кто не се разочарани, потценети, ограбени и омаловажени, независно дали се работи за тутунарите, за лозарите, за градинарите, за сточарите. Буквално нема категорија земјоделци што изминативе шест и пол години не ја почувствува лошата политика на власта во делот на земјоделството, истакна Цветан Трипуновски, предложен кандидат за дополнителен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната дебата „Важно е! Платформа за иднина“ на тема „Важно е да имаме фер избори“.
Тој во компаративни бројки ја претстави моментната слика на македонското земјоделство, кое во континуитет тоне, а за тоа се виновни погрешните политики на актуелната власт на СДСМ и ДУИ.
„Република Македонија од 2014 година има увезено храна во висина од 517 милиони евра додека во 2023 година само до 11-ти месец Македонија потрошила фантастични 887 милиони евра, а тоа е зголемување за над 70% пари коишто можеле да останат во Република Македонија, кај македонските граѓани и македонските земјоделци или за овие шест ипол години колку што е СДСМ на власт Република Македонија потрошила повеќе од 5 милијарди евра за увоз на храна. Зборуваме за храна која што е од увозен карактер, која што гледавме изминатиов период преку бројните скандали коишто ги обелоденивме дека се работи за храна пред се со сомнителен квалитет, меѓутоа и она што е поважно за граѓаните, храна која што е скапа и ги чинеше дополнителен трошок во семејните буџети“, потенцираше Трипуновски.
„Сега оваа бројка сакам да ја надополнам со бројката на македонските земјоделци исто компаративна. Ако во 2014 година во регистарот, односно корисници на македонските субвенции, онаа политика која што ја воведе ВМРО-ДПМНЕ изнесуваше над 90 илјади корисници, за минатата 2023 корисници на субвенциите се нешто помалку од 65 илјади корисници. Тоа е бројка од 25 илјади корисници македонски семејства коишто веќе не се занимаваат со македонското земјоделство и ова практично го поткрепува првиот факт зошто Македонија е се повеќе увозно зависна од храна“, рече тој.
Ваквата лоша состојба, според Трипуновски се должи на нерамноправната распределба на земјоделското земјиште коешто наместо на вистинските земјоделци се делеше на луѓе блиски до власта, но и поради кратењето на субвенциите.
„Бројките се вакви затоа што изминативе шест ипол, седум години со раководството на СДСМ и ДУИ како власт имавме ненавремени и задоцнети субвенции, поготово со последниот модел на субвенционирање кој што практично ќе значи сериозно кратење на субвенциите коишто ги очекуваат земјоделците. Сведоци бевме на тоа што имавме нерамноправна распределба на земјоделското земјиште и земјиште коешто се делеше на фамилијата, односно блиски луѓе на министерот Николоски и до претходниот премиер Заев, Ковачевски итн., а не на вистинските земјоделци коишто сакаат, односно се желни да егзистираат од оваа гранка“ подвлече Трипуновски и додаде:
„Во една реченица, во еден сублимат, нашата најголема фабрика наречена земјоделство е во фаза на сериозно изумирање, а Македонија, пред сè, ќе стане комплетно увозно зависна од храна, а што ќе значи неквалитетна и скапа храна“.
Трипуновски исто така додаде дека знае со што ќе се сочува во 100-те дена од техничката влада во ресорот земјоделство и упати апел до министерот веднаш да ги стопира повиците преку кои сака да манипулира со земјоделците за изборни цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Јавноста бара одговори, а добива уште една сцена на политичка формалност“, велат од Блупринт групата за реформи во праводуството за комисијата за Кочани
Јавноста бара одговори, но наместо одговорност, добива уште една сцена на политичка формалност. Семејствата уште еднаш беа оставени да гледаат како институциите формално „дискутираат“, а суштински не се прават чекори кон конкретни мерки. Ваквата слика испраќа порака дека: дури и во ситуации со висока човечка цена и огромно јавно очекување, политичкиот интерес има поголема тежина од политичката одговорност.
Ова го констатира Блупринт групата за реформи во правосудството во врска со расправата на Постојаната анкетна комисија за човекови права посветена на случајот со пожарот во Кочани, што се одржа на 9 декември.
На расправата беше разгледувана иницијатива поднесена од родителите на жртвите во трагедијата, преку здружението 16 Март 2025 – Кочани.
Според Блупринт групата, расправата повторно го потврдила она на кое со години укажуваат граѓанските организации: институционалниот систем на заштита, контрола и одговорност е суштински нефункционален.
„Трагедијата во која загинаа 63 лица не е резултат само на индивидуални пропусти, туку таа е директна последица на децениска институционална незаинтересираност, избегнување одговорност и отсуство на вистинска политичка волја за реформа.
Иако Собранието има уставна и политичка обврска да води темелна и одговорна расправа, очигледна беше недоволната посветеност на голем дел од пратениците. Уште на самиот почеток се предложи расправата да се одложи, па дури и целосно да се избегне, под изговор на ненадлежност, пристрасност и влијание врз судските и истражните постапки. Исто така, кога медиумите ја напуштија салата, истото го сторија и голем број пратеници и високи поканети гости, меѓу кои и Претседателот на Собранието, Претседателот на Владата и Претседателот на Републиката, без најавување или оправдување на отсуството од понатамошниот тек на дискусијата“, се наведува во соопштението.
Од таму велат дека перцепцијата е дека поголемиот дел на декларативни констатации за „нефункционален систем“ беа истакнати повеќе како обид пратениците да се дистанцираат од одговорност.
„Родителите на жртвите во своето обраќање јасно побараа правда, а пратениците, речиси без исклучок, повторија дека „системот не функционира“. Во текот на расправата само три до четири пратеници понудија конкретни и конструктивни предлози. Притоа, перцепцијата беше дека поголемиот дел на декларативни констатации за „нефункционален систем“ беа истакнати повеќе како обид пратениците да се дистанцираат од одговорност. Токму затоа го поставуваме прашањето: кој е системот? Ако системот не функционира, мора конечно да биде јасно кој го сочинува и зошто никој не понел политичка одговорност за децениските пропусти. „Системот“ не е само апстрактен поим, тоа се Владата, Собранието, судовите, регулаторите, инспекторатите и сите институции што треба да создаваат, контролираат, надгледуваат и санкционираат. Кога нема одговорност, тогаш системот не е нефункционален по случајност, туку по нечие недејствување“, велат од групата.
Од таму сметаат дека Комисијата има и морална и институционална обврска, како и уставна должност да донесе конкретни заклучоци и јасни чекори што ќе доведат до утврдување политичка одговорност и решение за тоа како системот да стане функционален.
„Како Блупринт група бараме: сериозен, доследен и итен процес – без релативизирање, без одолговлекување и без политичка апстракција. Притоа, посочуваме дека мора да се внимава да не се предизвика ревиктимизација на родителите и преживеаните“, велат од Блупринт групата и додаваат дека бараат трагедијата во Кочани конечно да биде третиранa како приоритет и пратениците обединето да настапат во заштитата на човековите права на граѓаните.
Блупринт групата за реформи во правосудството ја сочинуваат Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП) и Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА).
Македонија
ГРОМ: Најостро го осудуваме хулиганското упаѓање во редакцијата на „Инфомакс“
Граѓанската Опција за Македонија-ГРОМ најостро го осудува вчерашното хулиганско упаѓање во редакцијата на „Инфомакс“ за време на емисија во живо од страна на, како што велат, хулиган-симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со овој флагрантен чин, практично се поместува границата на кршење на демократските права на граѓаните, а тоа е да слушнат поинакво мислење од секојденвните самофалечки вести на власта преку дузината свои медиумски мегафони. На ваков начин, Христијан Мицкоски се обидува неговата пропаганда преку своите апологети да ја претстави Македонија како рај на земјината кугла. За жал, премиерот Мицкоски секојдневно упатува кон некого закани: уметници, институции, медиуми, неистомисленици и со ова јасно ставајќи им до знаење на неговиоте слепи послушници дека тие треба да го следат во заканите и дека токму тие ќе бидат наградени за притисокот врз неистомислениците. Ако овој хулиган се дрзна насилно да влезе во медиум и тоа опозиционен, а за волја на вистината еден од водечките, да се обидува физички да се пресмета со сопственикот на медиумот, да ја прекине емисијата која оди во живо, истото тоа да го прави кон гостинот во емисијата, покажува како власта и неговите симпатизери се однесуваат кон неистомислениците на своето работно место, во комшилукот, во кафеана или било каде. Овој чин без преседан беше крајно непријатен, а пораката е јасна, да се заплаши сопственикот на медиумот, а исто така и гостинот, нашиот лидер Стевче Јакимовски“, велат од ГРОМ.
Ако физички е нападнат претседателот на ГРОМ и поранешен градоначалник, велат од таму, јасно е дека ова не е упатено само кон него, туку кон сите потенцијални гости на Инфомакс да го избегнуваат учеството во емисии, а уште повеќе да внимаат што зборуваат.
„Владеачката партија и Христијан Мицкоски, полека но сигурно се движат кон демократското дно. Ни ги украдоа изборите, купуваа гласачи, правеа бугарски возови, користеа нарко дилери и ракетари во нивната нечесна битка, како и уцени и закани и конечно се докопаа до власта во Карпош. Но очигледно тоа не им било доволно, сега влегуваат во нова фаза, а тоа е да не замолчат, да немаме критички однос кон нивните политики и да ни остават две опции на располагање, или да замолчиме или да се приклучиме кон пофалбите на „успешните “ политики на владетелот. Овој филм, Христијан Мицкоски заедно со неговата партија може да го гледа од секого но не и од ГРОМ“, се наведува во соопштението.
На крајот, велат од ГРОМ, пофалби до полицијата за навремената реакција.
„Но имаме сериозна забелешка на официјалното соопштение на МВР кое целиот настан го претставува како оштетување на две врати, прекин на емисија со обид за релативизирање на овој гнасен чин за наводно непресметливост и поранашни психијатрески лечења на сторителот. Вчера во Инфомакс имаше упатување на удари кон сопственикот и гостинот, обид да бидат погодени со тврди предмети, закани по живот на присутните и семејствата, вулгарни навреди, пцовки, плуканици и што уште не. Затоа ГРОМ смета дека ова е настан без преседан, лицето мора да заврши зад решетки, а во исто време бараме да уследи промена на кривичниот закон со кој секој насилник кој спречува медиум, политичар или партија кој ја вирши својата фунција за која е основан мора драстично да биде санкциониран“, велат од ГРОМ.
Македонија
Утврдени неправилности на Зимзоленд: Град Скопје нема дадено дозвола
Инспектори од Град Скопје денеска биле на локацијата каде што се одржува Зимзоленд и утврдиле низа неправилности. Како што соопшти градоначалникот, Орце Ѓорѓиевски, утврдено е дека Градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност.
„По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект“, вели Ѓорѓиевски.
Дополнително, додава тој, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.
„Градот Скопје и јас како градоначалник ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор“, вели Ѓорѓиевски.
Инспекторите денеска, освен на Зимзоленд, биле и на „Пластичарска“ .
„Се воспоставува ред на „Пластичарска“, се постапува и на Зимзоленд. Денес градот Скопје, заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спроведе широка акција со единствена цел, да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот. Изречени се повеќе од 20 казни“, објави Ѓорѓиевски и додаде дека вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстранувале неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“.

