Македонија
Османи: Антикорупциска и ОЈО ГОКК ја потврдија законитоста на тендерската процедура за приспособувањето на СРЦ „Борис Трајковски“
„За време на мојот мандат како министер за надворешни работи на Северна Македонија и како претседавач со ОБСЕ минатата година, имавме чест да организираме Министерски совет на ОБСЕ во Скопје, како најзначаен настан во нашата дипломатска историја. За да го организираме овој високо ценет состанок, го приспособивме нашиот спортски центар „Борис Трајковски“, проект што бараше значителни напори и инвестиции. Овој процес за жал нѐ обремени со многу обвинувања, поттикнувајќи нѐ да ја бараме правдата и вистината“, пишува Бујар Османи на својот фејсбук профил.
„Изборот на компанијата за приспособување на спортскиот центар, иако критикуван и обележан со обвинувања за фаворизирање, на мое барање беше темелно испитан од нашите правни институции – Јавното обвинителство и ДКСК.
Заклучокот стигна од двете институции и тој е јасен и недвосмислен: процесот беше во согласност со нашите закони, испочитувани се највисоките стандарди за фер оценување и без корупција.
Во текот на овој период, се соочив со бура од негативни реакции и неосновани обвинувања. Не само што мојот интегритет беше ставен под сомнение, туку овој настан фрли сенка врз меѓународниот имиџ на нашата земја.
Сепак, избрав транспарентност пред молк, одговорност пред одбрана; доброволно ги предадов сите релевантни документи на Обвинителството и Комисијата за антикорупција, уверен во интегритетот на Комисијата при МНР, како и во мојот сопствен.
Денес, откако двете институции ја потврдија законитоста и чесноста на тендерската процедура, се чувстувам повикан тоа да го објавам. Патот до овој момент беше исполнет со непотребен стрес и неосновано сомневање, но тој пат заврши. Непрекинатите напади што ги трпев не беа само против мене, туку беа напади врз вредностите на државата и принципите на нашата демократија. Го споделувам ова не за да барам сочувство, туку за да ја потврдам силата на нашите институции и отпорноста на вистината.
Им благодарам на сите кои стоеја покрај мене, вашата верба и поддршка беа важни низ овој процес. На оние кои се сомневаа, не ги држам за зло, бидејќи скептицизмот е витален елемент на здравата демократија…“, пишува Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

