Македонија
Денес во Собранието се избира новата техничка влада

Собранието денеска ќе ја одржи 141. седница со единствена точка на дневниот ред избор на влада на Република Северна Македонија.
Талат Џафери, мандатарот на оваа преодна влада која се формира на сто дена пред изборите за пратеници на 8 мај, вчера ја достави програмата и Предлог-составот на новата влада. Собранието ја избира владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во Програмата, меѓудругото, мандатарот Џафери наведува дека приоритет на оваа влада ќе бидат успешно организирање на слободни, фер и демократски избори на 24 април и 8 мај, продолжување на сите процеси кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со ЕУ и забрзаната европска интеграција, раст и развој на економијата, пораст на животниот стандард преку зголемување на минималната и просечната плата и пензиите во 2024 година, намалување на инфлацијата, и одржување на ценовната стабилност и на вработеноста, директна поддршка на граѓаните и компаниите во 2024 година, владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата, целосен ред и поредок на државата, продолжување на реформските процеси на сите државни нивоа.
Седницата е закажана за 11 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши на Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот: Секој поединец, без разлика на различностите, има свој единствен свет

На Светскиот ден за подигање на свесноста за аутизмот – 2 Април, претседателот на Собранието Африм Гаши пречека во својот кабинет група деца, родители, наставници и претставници на различни здруженија, на кои им упати порака дека вакви средби се од непроценливо значење во градењето на општество со еднакви можности за сите.
Вакви средби, рече Гаши, поттикнуваат на слушање и на учење, а пред се ја истакнуваат важноста на прифаќањето и почитувањето на различностите.
„Секое дете кое беше меѓу нас денес ни покажа дека секој поединец, без разлика на различностите, има свој единствен свет, свои бои, бесконечен потенцијал и душа која заслужува шанса да лета. Овој настан, покрај незаборавниот момент, е и можност за изградба на почувствително и обединето општество за оние кои нè потсетуваат дека убавината на животот лежи во богатството на нашите различности“, истакна Гаши.
Гаши со внимание ги слушаше грижите и предизвиците на родителите и наставниците, ветувајќи дека, во рамки на своите можности, ќе преземе се што е потребно за подобрување за подигнување на стандардите за живот стандард на лицата со аутизам.
Тој нагласи дека Собранието, со ангажираност и почит, останува отворено за слушање и подобро разбирање на потребите и потенцијалот на лицата со аутизам.
Македонија
Тројца пациенти денеска се враќаат од Шведска и од Грција

Министерството за здравство информира дека тројца пациенти од повредените лица од пожарот во Кочани се враќаат во земјата, од кои двајца беа хоспитализирани во Грција и еден во Шведска. Во согласност со протоколите ќе бидат задржани под 24-часовен надзор.
Во Србија остануваат хоспитализирани 23 пациенти, Бугарија 14 паценти, Турција 10 пациенти, Грција 8 пациенти, Словенија 4 пациенти, во Унгарија, Хрватска, Шпанија, Австрија и во Литванија се хоспитализирани по 3 пациенти, во Италија и воПолска по еден пациент.
Во Скопје на Клиниката за токсикологија вчера беше хоспитализиран пациент по враќањето од Полска, тој денеска се пушта на домашно лекување.
На Клиниката за пластична хирургија остануваат двајца пациенти, а на хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ има 6 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани 5 пациенти, од кои еден е планирано да биде пуштен на домашно лекување, на Клиниката за пулмологија двајца пациенти, а во приватната болница „Систина“ се хоспитализирани тројца пациенти.
Министерството за здравство внимателно ја следи состојбата на повредените пациенти и останува во постојана комуникација со медицинските тимови во земјата и странство, посветено на обезбедување најдобра можна нега за повредените од несреќата во Кочани, велат од Министерството.
Македонија
Општина Центар почна со редовна пролетна дератизација

Општина Центар започна со редовна пролетна дератизација на целата територија. Во текот на следните две недели ќе бидат опфатени над две илјади шахти, со цел уништување на штетни глодари и инсекти, како и превенција од можни заразни болести.
Дератизацијата се спроведува два пати годишно, во пролет и есен, и претставува една од клучните мерки што Општината ги презема за заштита на здравјето на населението.
Општина Центар информира дека препаратот што се користи за дератизацијата е селективен, сертифициран од овластен производител и е специјално дизајниран за контрола на популацијата на глодари. Препаратот е одобрен од Министерството за здравство на Република Северна Македонија и не претставува ризик за другите животински видови.