Македонија
ФК „Беласица“ жртва на непотизам, фамилијарно доделување функции под покровителство на градоначалникот на Струмица, велат од Левицата

Пред неколку дена во јавноста одекна веста дека Тања Милушева-Костадинова, сестра на актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, е именувана како потпретседател на струмичката гордост, фудбалскиот клуб „Беласица“. Пред да започне со нејзината „успешна“ кариера на „жена претприемач“ со отварање на бизниси со сомнително потекло на пари, Милушева работела како медицинска сестра во приватна амбуланта, велат од Левица.
„Случајно или не, само во 2023 година, од општинската каса на клубот му се доделени 1.577.272 денари“, додаваат од партијата.
ЛО Левица – Струмица, како што додаваат, строго ги осудува овие фамилијарни и партиски доделувања на функции и вработувања бидејќи со ваква пракса никогаш не се добиле позитивни резултати, а само се побива тезата дека живееме во општество со еднакви можности за сите!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Движење ЗНАМ: Неосновани се обинувањата за имотот на Максим Димитриевски

Неосновани се обвинувањата изнесени на прес конференцијата од поранешната претседателка на Советот на Општина Куманово Мургашанска, реагираат од Движењето ЗНАМ.
„Истите клевети на овие теми ги изнесуваа за време на локалните избори во 2021 година кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски, кој изгуби катастрофално на локалните избори, како и поранешната пратеничка од редовите на СДСМ Лидија Трајковска. Со правосилна судска пресуда беа осудени, се извинија и платија штета. Истото ќе се случи и во овој случај со Мургашанска. Неосновани се обвинувањата, бидејќи станува збор за земјиште купено со купопродажен договор од физичко лице во 2010 година, во време кога Димитриевски не беше градоначалник и е уредно пријавено во неговиот анкетен лист, како и целиот негов имот“, се вели во реакцијата.
Истото земјиште, додаваат до таму, кое се наоѓа во делот на градот за којшто опфат е сменет урбанистичкиот план и намената на земјиштето, а согласно проценките на општината и пазарната цена, вредноста на истото е покачена, на кој што износ од страна на сопствениците уредно се плаќа данок на промет по реална пазарна вредност.
„Тоа земјиште било предмет на размена за имот – стан купен со купопродажен договор и платен со банкарска трансакција и платени сите давачки. Употребна дозвола за изграден објект не издава општината, а најмалку градоначалникот, туку тоа е во надлежност на техничкиот надзор на објектот со конечниот извештај за градба којшто се спроведува во катастар. Поранешна претседателка на Советот, Мургашанска треба ова да го знае, не во континуитет да продолжува да ја манипулира јавноста“, пишува во реакцијата.
Македонија
Измамник од Велес на интернет продавал наводно благословени предмети

Претставник на МПЦ – OA – Струмичка Eпископија пријавил дека од почетокот на 2025 се појавила фан страна со назив „Библиска Македонија“ каде се објавувале религиозни содржини, пораки и кратки исечоци од веќе објавени беседи на Владиката Јаков.
Исто така, според пријавеното, на страната почнала да се врши продажба на мали тегли со по 31 стих од Библијата, како и религиозни книги кои биле претставени како да се со благослов од Владиката Јаков.
Имено, за теглите пишувало и во комуникација на луѓето им било кажувано дека седеле во манастирот во Ново Село и дека биле благословени од владиката. На тој начин, луѓето се доведувани во заблуда да ги купуваат таквите работи, а дека средствата од продажбата ќе бидат употребени во донации за топол оброк за лица бездомници.
Веднаш по пријавата, полициски службеници од СВР Струмица презеле мерки за откривање на сторителите, по што, со судска наредба, полициски службеници извршиле претрес во домот на Д.С.(33) од Велес.
При претресот се пронајдени и одземени пет мали тегли со пишан цитат од библијата и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Д.С. е лишен од слобода и со него е извршен службен разговор. На 21.05.2025 во СВР Велес била повикана и Р.С.(27) од Велес, сопруга на Д.С., со која бил извршен разговор во врска со делото.
Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот, против Д.С. и Р.С. ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Андоновска: Предизвикот со загадувањето е сложен, но не и нерешлив

На денешната надзорна расправа во Собранието на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“ се обрати директорката на Институтот за јавно здравје и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска.
Директорката Андоновска објасни дека Институтот за јавно здравје во координација со Министерството за здравство презема низа мерки за ублажување и намалување на здравствените последици од загадувањето.
„Свесни за сериозноста, Институтот за јавно здравје, во координација со Министерството за здравство и други релевантни институции, презема низа мерки за следење, ублажување и за намалување на здравствените последици од загадувањето, тоа ќе биде еден од нашите приоритети со кои исто така би сакале да соработуваме и со Собранието како еден од важните фактори во овие процеси“, рече Андоновска.
Андоновска истакна дека Институтот соработува со локалните власти за креирање политики со цел намалување на емисиите на загадувачки материи и објасни дека граѓаните се едуцираат и информираат преку веб-страницата за нивото за загадување.
„Стручни лица на Институтот се дел од интерсекторски работни групи, соработуваат со локални власти за креирање политики со кои ќе се намалат емисиите на загадувачки материи. Ние сме дел од институциите што се произнесуваат за локалните акциски планови со краткорочни мерки за намалување на аерозагадувањето, даваме стручно мислење за интегрираните А- и Б-еколошки дозволи, постојано комуницираме со загрижени групи на граѓани, но и со пошироката јавност. Преку информации на нашата веб-страница информираме и едуцираме граѓани со посебен акцент на вулнерабилните групи на население за ризиците од загадениот воздух и за начини на лична заштита, особено во денови со високо загадување“, објасни Андоновска.
На крајот, Андоновска истакна дека проблемот со загадениот воздух е сложен, но не е нерешлив и дека како директор со помош на државата се постигнува посветеноста на заштитата на здравјето на секој граѓанин.
„Предизвикот со загадувањето е сложен, но не и нерешлив. За негова ефикасно управување потребна е заедничка акција – на државата, општините, научната заедница, граѓанските организации и на секој поединец. Ова е прашање на правда, на еднаквост, на здравје и на одговорност. Како директорка на Институтот за јавно здравје ја потврдувам нашата посветеност на заштита на здравјето на секој граѓанин, без разлика каде живее. Чистиот воздух не смее да биде привилегија – тоа е основно право на секој човек. Заедно можеме и мораме да обезбедиме здрави, безбедни и одржливи градови за нашите деца, а со тоа и нивна подобра иднина“, објасни Андоновска.