Спорт
Унгарците сакаат регионална фудбалска лига
Во Унгарија се раѓа иницијатива за формирање регионално фудбалско натпреварување. Претседателот на Ференцварош, Габор Кубатов, презентираше предлог за формирање на кратки турнири, кои според него ќе придонесат за финансиската состојба на клубовите од регионот.
„Ние сме на мал пазар од десет милиони луѓе. Водечките светски тимови имаат буџет од една милијарда евра. Нашиот буџет е 50 милиони евра и тоа не ограничува. Тешко ни е да донесеме спонзори бидејќи сме на мал пазар, а натпреварите се гледаат само на телевизија во нашата земја. Мислам дека секоја земја на Балканот го има истиот проблем, Бугарија и Романија имаат ист проблем. Чесите и Словаците исто така“, рече Кубатов во интервју за унгарски „Инфостарт“ и продолжи:
„Потребен ни е поголем пазар. Решението е да се организираат кратки турнири во нашиот регион, а најдобрите тимови би се пласирале во плеј-офот. Размислете, ако игравме со Црвена звезда, Динамо, Лудогорец, Стеауа, Слован… Тоа би биле натпревари со поинаква атмосфера“.
Кубатов изјави дека има поддршка од унгарската федерација, а претходно и во УЕФА размислуваа на оваа тема. Тој додаде дека регионалното натпреварување нема да ги загрози домашните првенства.
„Натпреварувањето би траело само еден месец и не би влијание на унгарското првенство, бидејќи и тоа исто така е многу важно. Тогаш би можеле да го подобриме квалитетот на фудбалот. Би биле поконкурентни на пазарот, сите скаути би дошле тука и би гледале квалитетни натпревари“, изјави тој и заклучи.
„Ќе преземеме иницијатива и во наредните месеци ќе се обидеме да седнеме на маса со водечките тимови од регионот за да се договориме до каде можеме да стигнеме со оваа идеја, за која и претходни имаше интерес. Ова покажува и дека оваа лига има право да постои.Ова не важи само за нашиот регион,туку и за земјите од Бенелукс, па Шкотска и Ирска. Има првенства во кои има квалитети и за нив би било добро да излезат на поголем пазар“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Јамал е меѓу 10-те најплатени во светот, листата ја предводи Роналдо

18-годишниот фудбалер на Барселона и шпански репрезентативец Ламин Јамал влезе на листата на најплатени фудбалери. Магазинот „Форбс“, објави ранг-листа на која Јамал е на 10-то место, со заработка од 37 милиони евра во изминатата сезона.
Најголемата причина за таков скок на заработката на Јамал се потпишаните договори за спонзорство со голем број познати компании (Adidas, Konami, Powerade и Beats by Dre – брендот за слушалки порзан со музичкиот продуцент и поранешен рапер Др. Дре).
Јамал постигна 18 гола и забележа 25 асистенции минатата сезона.
Минатата година го освои Европското првенство со Шпанија и титулата шпански шампион и Кралскиот куп со Барселона. Тој потпиша и нов договор, кој го обврзува со Барселона до 2031 година.
Кристијано Роналдо е сè уште прв на листата на „Форбс“.
Португалецот заработи 240 милиони евра минатата сезона во Саудиска Арабија, играјќи за Ал Наср. На второто место е Лионел Меси со значително помала заработка од 110 милиони евра.
Рангирањето на најплатените фудбалери во последната сезона според Форбс:
1. Кристијано Роналдо (Ал-Наср): 240 милиони евра
2. Лионел Меси (Интер Мајами): 110 милиони евра
3. Карим Бензема (Ал-Итихад): 89 милиони евра
4. Килијан Мбапе (Реал Мадрид): 81 милион евра
5. Ерлинг Халанд (Манчестер Сити): 60 милиони евра
6. Винисиус Жуниор (Реал Мадрид): 51 милион евра
7. Мохамед Салах (Ливерпул): 47 милиони евра
8. Садио Мане (Ал-Наср): 37,5 милиони евра
9. Џуд Белингам (Реал Мадрид): 37,5 милиони евра
10. Ламин Јамал (Барселона): 37 милиони евра
Спорт
Барселона води интензивни преговори со Влаховиќ

Душан Влаховиќ (25), напаѓач на Јувентус и српската репрезентација и најскапиот фудбалер во историјата на таа земја, би можел да се пресели во Барселона во јануари.
Италијанските и шпанските медиуми пишуваат дека преговорите меѓу актуелниот шампион на Шпанија и централниот напаѓач на Јуве започнале во летниот преоден рок, но разговорите меѓу спортскиот директор на Барса, Деко, и менаџерот на Влаховиќ, Дарко Ристиќ, се интензивирале во последно време.
Истите извори додаваат дека се очекува преговорите да станат уште поконкретни до јануари. Причината за ова е што договорот на Влаховиќ со Јувентус истекува на лето.
Планот на Деко е да го донесе наредното лето без обесштетување, но доколку постои шанса да го добие напаѓачот по дисконтна цена во јануари, тогаш во игра е и таа опција.
Влаховиќ е интересен за Барселона од две причини. Поради тешката финансиска ситуација бара напаѓач за кого ќе плати минимално или никакво обештетување. Исто така, клубот мора да најде напаѓач бидејќи договорот на Роберт Левандовски исто така истекува на лето, а тој има 37 години и штотуку претрпе сериозна повреда.
Затоа Барса го гледа Влаховиќ, кој е 12 години помлад и лесно достапен, како совршена замена за полската легенда.
Покрај тоа, Влаховиќ веќе некое време сака да го напушти Јувентус. Јувентус го донесе од Фиорентина во јануари 2022 година со надомест од 83,5 милиони евра, што го прави најскапиот српски фудбалер на сите времиња. Оттогаш, Влаховиќ постигна 62 гола и на 153 натпревари за Јувентус.
Спорт
Јувентус го прекрши финансискиот фер-плеј, УЕФА покрена постапка

Јувентус потврди дека Европската фудбалска унија (УЕФА) покрена постапка против клубот за кршење на финансискиот фер-плеј и очекува да биде казнет.
Јувентус очекува да биде казнет за кршење на правилата на УЕФА, што може да доведе до забрана или ограничување за потпишување нови играчи во сезоната 2026/27, објавија италијанските медиуми.
Црно-белите го потврдија прекршувањето во соопштение поврзано со објавувањето на билансот на состојба за финансиската година што заврши на 30 јуни 2025 година, бидејќи документацијата содржеше потврда дека клубот прекршил параметар од Правилото за заработка на фудбалерите.
На 18 септември, Јувентус доби потврда од УЕФА дека е покрената постапка против клубот за потенцијални прекршувања на правилата во периодите 2022/23 и 2024/25.
Исходот од таа постапка се очекува напролет 2026 година и може да доведе до казна, која не би била голема. Позагрижувачко би било воведувањето ограничувања за потпишување нови играчи за натпреварувањата на УЕФА.
Клубот од Торино во соопштение потврди дека нема понатамошни значајни прекршувања на правилата за финансиски фер-плеј.
Клубот се држеше до коефициентот на трошоци за играчи од 80 проценти за 2024 година и е на добар пат да го исполни ограничувањето од 70 проценти за 2025 година.
Јувентус беше исфрлен од Конференциската лига во сезоната 2024/25, што им овозможи да се ослободат од финансиските неправилности што ги чинеа бодови во Серија А.