Македонија
(Видео) Џафери – Река: Северна Македонија и Албанија придонесуваат во регионалната стабилност и најреалната шанса за членство во ЕУ до 2030

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорот на Република Албанија во земјата, Фатос Река. На состанокот се пренесени честитки од премиерот на Албанија, Еди Рама, за изборот на премиерот Џафери на претседателската позиција во Владата, како и за изборот на новата Влада.
Нагласени се исклучително добрите односи помеѓу Северна Македонија и Албанија како значаен пример за добрососедски односи во регионот, кои се сериозен придонес во стабилноста на целиот Западен Балкан, а со тоа и на европскиот континент.
Северна Македонија и Албанија, како што е констатирано, се развиваат успешно по европскиот пат и заслужуваат полноправно членство во Европската Унија во динамичен процес до 2030 година. Тоа, како што се оцени, е од важност за граѓаните на двете држави, но и за европската стабилност, поради актуелниот геополитички контекст и затоа најреалната евроинтеграциска шанса досега, за двете држави, не смее да се пропушти, соопштуваат од Владата.
Во таа насока премиерот Џафери истакна дека новата преодна Влада, која се темели на проевропската коалиција, продолжува да работи во согласностс со проевропскиот курс во политиките, чија цел е квалитет на живот на граѓаните по европски стандарди. Притоа премиерот Џафери особено посочи на фокусот на Владата за организирање мирни, фер и демократски избори, како и во претходните неколку изборни циклуси.
Во делот на развојот на соработката премиерот Џафери и амбасадорот Река се согласија дека постои заедничка определба за зајакната регионална економска интеграција за што се доказ веќе потпишаните протоколи за спроведување на условите за слободен пристап до пазарот на труд на Западен Балкан, како и за меѓусебно поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан. Се разговараше и за посветеноста кон инфраструктурното поврзување преку коридорите 8 и 10, што носи економски придобивки за двете држави, се наведува во соопштението на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фетаи ќе раководи и со новоформираниот совет за конфискација на имот

Владата вчера ја усвои Одлуката за формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што се предвидува дополнителна алка на врвот на координациската структура, покрај Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот како највисоко експертско тело.
Со Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот ќе раководи вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, а членови ќе бидат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Кабинетот на вицепремиерот Фетаи ќе продолжи да обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Процесите и стратешките одлуки кои континуирано се реализираат се доказ за посветеноста на Владата во градењето институционални капацитети и обезбедување услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот“, велат од Кабинетот на Фетаи.
Како што се додава, државата се гради секој ден, а граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да имаат можност истата да ја користат преку нејзина социјална пренамена.
Македонија
Меџити: Инвестиција од над 6 милиони денари во населбата Гази Баба за одржливо водоснабдување

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска изврши увид во работите кои се одвиваат на улицата „Бајрам Шабани“ во населбата Гази Баба во Општина Чаир.
Проектот, поддржан од Министерството за животна средина, има за цел подобрување на снабдувањето со вода за пиење за жителите од оваа област. Оваа инвестиција, во вредност од над 6 милиони денари, опфаќа изградба на нов цевковод со профил DN 280 мм и должина од 235 метри, со што ќе се замени постојната дотраена мрежа.
„Со оваа интервенција се елиминираат честите прекини и недоволното снабдување, обезбедувајќи стабилна вода за пиење со подобрен притисок долж целата улица,“ изјави Меџити при средбата со жителите на населбата.
Проектот се реализира од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Општина Чаир, со цел да се гарантира постојан и квалитетен пристап до вода за пиење за жителите на оваа зона.
Македонија
Мицкоски: За прислушувањето СДС се фатени во лага и сега се заплеткуваат

Во интервју за Дојче Веле за скандалот со прислушкувањето, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Република Македонија, Христијан Мицкоски истакна дека во врска со изјавите на поранешниот директор на АНБ, но и за изјавите на СДСM кои излегоа во јавноста, се измислуваат различни изговори и тие се доказ дека нивните тврдења не се совпаѓаат па така дополнително се заплеткуваат во своите тврдења што јасно го покажува нивниот страв.
„Како тоа сега измислуваат различни изговори, откако се фатени живи, СДС едно кажува, Димовски друго, па се заплеткуваат и дават во сопствените тези, така што е јасно како бел ден дека се уплашени. Сакам уште еднаш да им порачам, секој што учествувал во тоа ќе одговара. Ако имало нешто против мене, зарем тие, како бран залетани, би ми простиле, кога половина ВМРО и виновни и невини ги натрупаа во случаи? Сега, пак, се уплашени, а јас со задоволство гледам како се прпелкаат од страв, паника и полни со неизвесност. Не знаат дали некој пропеал, дали сè се знае или само дел, дали ќе има конечна разрешница. Во оваа состојба, тие не се ни свесни до крај дека ова нема добро да заврши за нив. Затоа губат време пишувајќи анонимни писма, и тоа токму инспираторите на ова, како ќе глумат жртви, како ќе напаѓаат ширејќи магла и дезинформации. Забавно е да се гледа како тие исти инспиратори се мобилизираат и ги мобилизираат сите нивни соработници, кои „никнуваат“ од разни страни“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека тезата која ја шират за случајното фаќање додека следеле други е трагична и невистинита, потенцирајќи дека СДСM не се менува и постои опасност истата таа да се претвори во маргинална партија чиј простор ќе им биде заземен од друг.
„Сè си се покажува точно како што очекувавме. И јас сум задоволен од тоа што досега се случува. И тезата дека сум „случајно“ фатен додека следеле други е смешна и истовремено трагична теза која е невистинита и наивна, па ако е така зошто тогаш само мене ме следеле и очигледен фокус на следењето сум јас? Ако сум „ловен“ преку други, тогаш за нив ќе има документација, а вака само за мене има. СДС, за жал, не се менува и огромна е опасноста како тргнале да станат маргинална партија и нивниот простор да го заземе некој друг. Но тоа е нивни проблем. Исто како што е нивни проблем, т.е. на нивните функционери и нивна одговорност тоа што ќе следи во овој процес за следење и злоупотреби на службената положба“, дециден е Мицкоски.