Македонија
„Премиерот од Форино, ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи“, велат од Град Скопје
На денешната прес-конференција во Владат6а, в.д. премиерот Талат Џафери избегнува одговорност и манипулира со некакви процедури само за него познати лажејќи дека сопственост и надлежност на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ било да се грижат за зеленилото во Владата, реагираат од Град Скопје.
„Талат Џафери, ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од в.д. премиерот од Форино, кој кога излегува од дома до Владата ги гаси попатно сите семафори и прави хаос во градот, не е ни очекувано дека би требало да знае која е неговата обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува.
ЈП „Паркови и зеленило“ ги одржува градските булевари и парковни површини, кои се надлежност на претпријатието во согласност со законот, а ако сака в.д. премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Владата, за тоа треба да си склучи договор, исто како и секоја друга институција во Македонија“, се наведува во реакцијата на Град Скопје.
Техничкиот премиер Талат Џафери, по денешниот отчет за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје, па од таму и изборниот резултат на партијата што ја предводи градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на редовна координација во новиот собраниски состав: во фокусот конституирањето на комисиите и неформалните работни тела
Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска ја одржа првата редовна координација во новиот собраниски состав, на која, главно, се дискутираше за конституирањето на комисиите, како и на неформалните работни тела во законодавниот дом.
На координацијата, покрај претседателот Гаши и генералната секретарка Цветанка Иванова, присуствуваа претставници на сите партии, односно коалиции кои освоија пратенички мандати на неодамнешните парламентарни избори: Никола Мицевски од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Спасовски од коалицијата на СДСМ, Блерим Беџети од Европскиот фронт на ДУИ, Халил Снопче од ВЛЕН, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Борис Крмов од Левица.
Гаши притоа информира дека кон крајот на оваа работна недела треба да се одржи нова седница на Собранието, со цел верификација на останатите два мандати на пратеници, кои не беа верификувани на конститутивната седница на 28 мај годинава. Државната изборна комисија, како што рече Гаши, веќе има доставено извештај за овие два мандати, така што неделава треба да се закаже седница за нивно верификување, со што ќе се комплетира новиот собраниски состав.
Во однос на формирањето на комисиите, присутните ја разгледаа можноста во наредните денови првично да се изберат претседател и членови на Законодавно правната комисија и на Комисијата за политички систем, со оглед на тоа што течат роковите за избор на новата Влада. Потоа, во најбрз можен рок, политичките партии би требало да достават предлози за претседатели, членови и заменик-членови на сите други работни тела на Собранието, согласно бројот на мандатите освоени на изборите.
Македонија
Се работи на внатрешноста на храмот „Свети рамноапостолни цар Константин и царица Елена“ во Скопје, ќе биде потребна и дополнителна помош од верниците
Од Скопската епархија, при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, информираат дека во изминативе 6 месеци интензивно се работи на внатрешноста на храмот „Свети рамноапостолни цар Константин и царица Елена“, во центарот на Скопје: се фрескоживописува и се привршува проектот за изработка на иконостасот и подот, а останува да се изведе електриката и да се уреди просторот околу храмот.
„Фрескописот и другите потребни работи се извршуваат од донации, но за целосно довршување на храмот ќе биде потребна дополнителна помош, па се очекува да помогнат и верниците, стопанствениците, приватните бизнисмени како и сите луѓе – добронамерници.
Инаку, новиот храм се гради во спомен на урнатиот од земјотресот, и е во целосна сопственост на Скопската епархија, со сите подмирени долгови од порано кон изведувачот на градежните работи, кој долгот го пријави дури по неколку години“, се истакнува во напишаното.
Скопје
Ѓорѓиевски: Финализираме со проектот за реконструкција на сите улици во Усје
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го посети Усје. Во ова населено место, целиот изминат период интензивно се работи на обнова на патната инфраструктура. Улицата “5” е целосно реконструирана. Во моментот нов асфалт добиваат улиците “22” и краците на улицата ‘1”.
Сите тие се стари по повеќе од 30 години и откако се направени, на нив не е извршена никаква реконструктивна активност и покрај тоа што беа во катастрофална состојба. Со завршувањето на овие сообраќајници, се финализира проектот за реконструкција на сите улици во Усје. Претходно, пред две години, на почетокот од својот мандат, градоначалникот Ѓорѓиевски ја заврши секундарната фекална канализациона мрежа, со што семејствата од Усје, добиваат современи и удобни услови за живот, кои се нужни во 21 век.
– Се наоѓаме во населеното место Усје, каде работиме на последните 5000 квадратни метри од големиот проект за реконструкција на сите улици. 600 семејства кои живеат тука, три децении се соочувале со немање слух од сите мои претходници кои дозволиле улиците да стигнат до катастрофална состојба. Како што им ветив, извршивме големи реконструктивни зафати со кои ја опфативме целата патна мрежа во Усје и ќе финализираме за најмногу две седмици. На ова сакам да додадам дека претходно ја завршивме и фекалната канализација, што значи интервениравме и подземно и надземно, се со цел, нашите жители да имаат достоинствени услови за живот, а истото следува и во сите преостанати населби и населени места, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.