Скопје
Андоновска: Итна ревизија во ЈСП и ЈП „Паркови и зеленило“, Арсовска да се изјасни дали е „за“ или „против“

На денешната седница на Град Скопје, коалицијата „За обнова на Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, поднесе иницијатива во која побараа да се донесе заклучок како Советот да се задолжи за градоначалничката на град Скопје да достави барање до Државниот завод за ревизија за спроведување вонредна ревизија во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и во Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ – Скопје.
Во врска со оваа иницијатива, Марија Андоновска, советник во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, побара градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, да се изјасни дали е за оваа ревизија или не и да даде образложение.
„Во интерес на јавноста, бидејќи некој се обидуваше да претстави поинаква слика, мојата процедурална забелешка се однесува на нашите права и обврски како советници и како Совет во Град Скопје, а тоа е дека секој советник од овој Совет, кој е избран од граѓаните, може во кое било време да предложи, доколку цени дека тоа е во моментот, итно и неодложно да поднесе иницијатива за поставување точка и да поднесе предлог нова точка на било која од седниците, така што тоа право го имаат сите советници и ве молам да не претставувате погрешни слики во има на транспарентноста пред јавноста. Ние како советничка група сме одлучиле дека е итно и неодложно на оваа седница да се поднесе иницијатива, при што јавноста ќе биде запознаена со одредени случувања и очекуваме дека понатаму ќе се постапи по таа иницијатива, градоначалничката ќе постапи. Дали има или нема мислење за тоа, првин имаме седница, на која се присутни и службите и градоначалничката, тоа не е некој обемен материјал, нема што да филозофираме, излезете на оваа говорница и кажете ни дали сте за оваа ревизија во овие јавни претпријатија или не сте. Ако сте за, кажете зошто или не морате, ако не сте, исто така образложете зошто не сте“, истакна Андоновска.
Андоновска во врска со иницијативата објасни дека поради одредени недоречености, во јавните претпријатија е потребно итно да влезе ревизија.
„Ние цениме дека е итно и неодложно оти поради одредени недоречености, во јавните претпријатија да влезе ревизија и тоа право си го задржуваме и за понатамошни наши иницијативи за други јавни претпријатија доколку цениме дека тоа е неопходни“, порача таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Зелениот регистар е гаранција за зачувување на урбаното зеленило

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека секој граѓанин, јавно и без никакво најавување, може да има целосен увид во Зелениот регистар преку ГИС платформата на Општината.
„Секое дрво е важно. Создаваме општина во која секој граѓанин има пристап до податоци за состојбата на зеленилото. Воведуваме поголема контрола и транспарентност во урбаното планирање“, изјави Герасимовски.
Досега се регистрирани над 10.000 дрвја, од кои 8.000 се листопадни и 2.000 зимзелени. Секое е мапирано со фотографија, состојба и латинско име. Најзастапени видови се липа, јавор, костен и јасен.
„Зелениот катастар ни овозможува реална слика за тоа што го имаме и што ни недостига. Тоа е суштинска алатка за долгорочна заштита на зеленилото“, додаде градоначалникот.
Покрај Зелениот регистар, преку ГИС платформата се достапни и други услуги – електронски упис на првачиња, увид во урбанистички планови и јавни површини. Општина Центар е првата општина која го воведе ГИС системот и од тогаш континуирано работи за надградба и усовршување на оваа дигитална технологија, се со цел поголема транспарентност пред граѓаните, побрз пристап до информации, подобро управување со истите и поголема ефикасност во оперативното работење на секторите, велат од Општината.
Македонија
Ѓорѓиевски: Награди за талентираните ученици

„Кисела Вода изобилува со талентирани ученици, на што сме исклучително горди! За таа цел, објавен е јавниот повик за доделување на награди на талентирани ученици и спортисти од основните училишта на територијата на Кисела Вода, што претставува еден стимул за нивното понатамошно градење како личности“, велат од Општината.
„Имено, се работи за Јавен повик за пријавување на најдобрите основци кои, постигнале одлични резултати на натпреварите во образованието, културата, науката и спортот кои ќе добијат финансиска поддршка, а мешовити комисии составени од претставници на Советите на родителите, наставничките совети, општинската администрација итн, ќе се погрижат за објективен и транспарентен избор на најдобрите, согласно Правилниците донесени од страна на Советот на општината, за таа намена.
Огласот е објавен на веб страната на општината и ќе трае пет дена од денот на објавувањето, а покрај објавата на општинската веб-страна и социјалните медиуми, истиот ќе биде објавен и на огласните табли на сите воспитно-образовни установи во општината.
Ги повикуваме сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат условите наведени во огласот, да не се колебаат и да земат учество во изборот“, се додава во соопштението на Општината.
Јавниот оглас и потребните документи за апликација може да ги најдете на следниот линк
Македонија
(Фото) Герасимовски во Капиштец: Вложуваме во квалитетен живот на центарци, програмата заедно ќе ја пишуваме

Општина Центар, синоќа го почна караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ во населбата Капиштец.
Герасимовски, како што соопштува Општината, во интерес на транспарентноста и решавање на проблемите на центарци, во следните три недели ќе ги посети жителите и заеднички ќе дискутираат за проектите што се спроведуваат, но и ќе ги сослуша сите проблеми и идеи со кои ќе се креира новата четиригодишна програма за уште поубав Центар.
Пред жителите на Капиштец, Герасимовски информираше дека програмата за работа мора да произлезе од центарци, затоа што само така може општината да работи во интерес на граѓаните. Тој истакна дека во завршна фаза е реконструкцијата на паркот во Капиштец на површина од 7.800 м², кадешто има ново зеленило, нови патеки, урбана опрема и ЛЕД осветлување.
„Вложуваме во сè што значи квалитетен живот. Паркот во Капиштец целосно го обновивме и хортикултурно го уредивме, со нови дрвја, клупи и осветлување. Инвестираме во нова инфраструктура, ги реконструиравме улиците „Козара“, „Шарски Одред“ и го реконструиравме тротоарот на ул. „Народен Фронт“. Детското игралиште кај трговскиот центар „Зебра“ и спортското игралиште на ул. „Народен Фронт“ ги обновивме. Можам да кажам дека ги подобривме условите во целата населба. Пензионерите добија свој пензионерски клуб во Капиштец кадешто секојдневно се дружат и социјализираат“, рече Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека се расчистени дивите депонии спроти Католичка црква и на ул. „Народен фронт“. „Општинските служби секојдневно се грижат за хигиената на општината, чистејќи го и сметот, но и дивите депонии. Изминатиов период, ЈП „Комунална хигиена“ потфрли во чистењето на контејнерите на територија на Центар поради што спремаме и кривични пријави. Недозволиво е централното градско подрачје да изгледа вака поради пропусти на градската власт“, посочи Герасимовски.
Караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ продолжува и денеска, на средби со центарци во Дебар маало, кај клупата на Горан Стефановски, со почеток во 18.30 часот.