Свет
Иран гради четири нуклеарни централи
Иран започна со изградба на четири нуклеарни централи со вкупен капацитет од 5.000 мегавати, објави државната новинска агенција ИРНА.
Нуклеарните централи се градат во пристанишниот град Сирик, на јужниот брег на Иран, 1.150 километри јужно од главниот град Техеран.
Предвидено е изградбата на четирите нуклеарни централи да трае девет години. Проектот ќе чини 20 милијарди долари и ќе отвори 4.000 работни места. Се очекува секоја централа да користи 35 тони нуклеарно гориво годишно.
Иран сака да достигне 20.000 мегавати во нуклеарните централи до 2041 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кога ќе го знаеме победникот на изборите во САД
Дојде денот на изборите во Америка. Демократската кандидатка Камала Харис и републиканскиот кандидат Доналд Трамп се во трка за претседател на Соединетите Американски Држави.
Повеќе од 78 милиони луѓе гласаа пред денот на изборите. Трката за претседател е многу тесна.
Како всушност функционираат американските избори и кои се одговорите на клучните прашања.
Како се одредува победникот?
Секоја држава делегира на избирачкиот колеџ онолку избирачи колку што му припаѓаат во однос на нејзиното население. Има вкупно 538 електори, што е бројка што одговара на бројот на конгресмени и сенатори во американскиот парламент.
Тоа значи дека има вкупно 538 електори: 435 претставници и 100 сенатори, плус три за округот Колумбија. Кандидатот кој ќе освои најмалку 270 електори станува претседател.
Калифорнија е најнаселената американска сојузна држава и има најмногу електори (54), а потоа следат Тексас (40), Флорида (30) и Њујорк (28). На другиот крај од спектарот се ретко населените држави како Алјаска, Вермонт, Делавер, Вајоминг или Монтана, кои имаат само по тројца електори.
Со два исклучоци, во сојузните држави владее начелото „победникот зема се“ – кандидатот кој во таа држава ќе го освои поголемиот број гласови од бирачите, макар и со најмала можна разлика го освојува сите нејзини електори. Исклучпѕ се Небраска и Мејн, кои ги делат електорите пропорционално на бројот на освоени гласови.
Кога ќе го дознаеме победникот?
Ова е многу незгодно прашање и вистинскиот одговор е – зависи од неколку работи. Некои држави можат да ги објават резултатите прилично брзо, но за многумина тоа би можело да биде долг процес – особено ако има голем број на предвремени гласања и гласачки ливчиња по пошта кои се пребројуваат ноќта по оние кои биле лично дадени.
На последните претседателски избори во САД во 2020 година, американските медиуми беа доволно самоуверени да го објават резултатот во саботата, четири дена по денот на изборите.
Кога победникот ја презема функцијата?
Едно нешто што знаеме е дека кој и да победи на денешните избори формално не станува претседател до Денот на инаугурацијата – кога ќе положи заклетва пред американскиот Капитол во Вашингтон пред главниот судија на Врховниот суд. Тој ден е понеделник, 20 јануари 2025 година.
Свет
Уапсен маж: планиран напад во САД
Американското Министерство за правда објави дека федералните агенти го уапсиле Скајлер Филипо (24) од Тенеси, кој се обидел да користи дрон со експлозив за да уништи енергетски објект во Нешвил.
Според судските документи, Филипи е обвинет дека планирал да прикачи неколку килограми експлозив Ц-4 на дрон и да го искористи за напад на трафостаница во Нешвил, пренесе АП.
Неодамна незапечатените судски документи откриваат дека Филипи, наводно, му рекол на доверлив извор кој работи со ФБИ во јули дека сакал да нападне неколку трафостаници за да го оневозможи системот.
„Филипи ги истражувал нападите на електричните трафостаници и заклучил дека нападите со огнено оружје нема да бидат доволни. Поради ова, Филипи планирал да користи дрон со експлозив и да го насочи кон трафостаницата“, напишал во документите агентот на ФБИ, Анџело ДеФео.
Филипи им кажал на агентите дека е поврзан со неколку националистички и екстремистички групи, вклучувајќи ја и Националната алијанса, која повикува на истребување на Евреите и другите раси.
Во саботата Филипи и агентите отишле на локацијата во Нешвил каде што требало да биде лансиран дронот. Меѓутоа, Филипи бил уапсен набргу по пристигнувањето на таа локација.
Тој ќе се појави на суд на 13 ноември.
Регион
Тројцата тешко повредени во Нови Сад и понатаму критични
Состојбата на тројцата повредени при уривањето на натстрешникот во Нови Сад во Србија сè уште е многу тешка, лекарите се борат за нивниот живот, соопшти в.д. директорката на Клиничкиот центар во Војводина, Весна Туркулов, јавува „Анадолија“.
Ангажиран е тим од психолози и психијатри, кои работат со семејствата на повредените.
Три лица, кои беа повредени при падот на натстрешниот на железничката станица во Нови Сад сè уште се во критична состојба опасна за животот, објави јавниот ТВ-сервис на Србија.
„Сè уште се живи, што е охрабрувачка вест и тоа е добро, но состојбата сè уште не е стабилизирана, се прави дополнителна дијагностика, можни се некои дополнителни интервенции, но борбата за животот сè уште трае“, рече Туркулов.
Таа додаде дека е вклучен и тим од психолози и психијатри, кој работи со семејствата за да им помогне во најтешките моменти.
На повикот за доброволно дарување крв се одѕваа голем број луѓе. За кратко време беа собрани 1.000 единици крв, а 600 млади првпат даруваа крв.