Спорт
Венецуела на поранешниот селектор мора да му плати три милиони долари

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) и наложи на Венецуела да му плати речиси три милиони долари на својот поранешен селектор Хозе Пекерман како компензација за отказот во март 2023 година.
Фудбалскиот сојуз на Венецуела ќе му плати на Пекерман 1,71 милиони долари за за неизмирените плати, плус пет отсто годишна камата од 23 август 2023 година до подмирување на долгот и 1,14 милиони долари казни, се вели во соопштението на ФИФА, пренесе денеска Франс прес.
По 15 месеци на чело на Венецуела, 74-годишниот Пекерман ја напушти земјата пред почетокот на квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
Како што пишува венецуелскиот печат, Хозе Пекерман добил отказ откако при ревизијата биле откриени неправилности поврзани со Паскал Лескан, „десната рака“ на тренерот.
Доаѓањето на поранешниот селектор на Колумбија и Аргентина ги зголеми очекувањата во Венецуела, единствената земја на КОНМЕБОЛ која никогаш не се пласирала на Светското првенство.
Пекерман е трикратен светски шампион со репрезентацијата на Аргентина до 20 години. Него го наследи помошникот Фернандо Батиста, кој имаше добар почеток на квалификациите за пласман на СП. Венецуела по шест рунди се наоѓа на четвртото место на табелата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
„Нејмар може да игра за Бразил“

Со години, Бразил не можеше да се замисли без него, но времето и честите повреди придонесоа Нејмар долго време да не биде дел од репрезентацијата.
Последниот натпревар поранешната „десетка“ на Бразил за националниот тим го одигра пред две години против Уругвај, поради сериозна повреда го заврши натпреварот предвреме.
Бидејќи неговата кариера е во голем пад оттогаш, многумина веруваат дека приказната на фудбалерот на Сантос со Бразил е завршена. Така не мисли селекторот Карло Анчелоти.
„Нејмар може да игра на највисоко ниво во овој тим без никакви проблеми. Кога е физички подготвен, има квалитет да игра не само за Бразил, туку и за кој било тим во светот. Тој е едноставно таков талент“, рече Анчелоти пред пријателскиот натпревар против Јапонија во Токио.
Бразил, на турнејата на Далечниот Исток, пред неколку дена ја победи Јужна Кореја со 5:0.
„Бразил сака да игра убав фудбал и може да го игра, секако, но сè зависи од тоа што подразбирате под „убава игра“. Секако, играчите имаат индивидуален квалитет и посветеност. Мора да играте убаво со топката, но и без неа – што е подеднакво важно“, додаде Анчелоти.
Спорт
Полицијата изврши рација на квалификациски натпревар за СП за да уапси фудбалер

Крајно бизарна и речиси неверојатна сцена беше видена на натпреварот од квалификациите во зоната КОНКАКАФ за Светското првенство 2026 помеѓу Костарика и Никарагва.
Непосредно пред почетокот на натпреварот на стадионот „Ла Сабана“ во Сан Хозе, полицијата влезе во соблекувалната со налог за апсење на фудбалер на Никарагва.
Фудбалерот бил упасен поради неплаќање алиментација, што подоцна го потврди и директорот за јавна безбедност на Костарика, Марлон Кубиљо.
„Од лицето кое бара алиментација е добиена судска наредба, со која се наредува апсење на член на никарагванската делегација. Делегацијата е известена, долгот е платен и извештајот е испратен до семејниот судија“, изјави Кубиљо.
Фудбалерот на крајот не бил уапсен бидејќи долгот бил веднаш намирен, а полицијата се повлекла.
Идентитетот на играчот не е објавен, но целата ситуација одекна во јавноста и сега никарагванскиот табор најавува тужба.
„Во Костарика сме повеќе од 48 часа, па зошто доаѓаат во соблекувалната? Ќе поднесеме жалба до ФИФА и КОНКАКАФ. Срамно е што се случуваат вакви работи“, рече Хавиер Салинас, директор на сите репрезентации на Никарагва.
На крајот, Костарика го доби овој натпревар со резултат од 4:1 и сега е израмнета на првото место со Хондурас, со по шест бода.
Никарагва е на дното со само еден бод.
Foto/ EPA
Спорт
„Шумахер неодамна потпиша кацига, тоа е позитивно, речиси знак на живот“

Еден од неодамнешните потези на Михаел Шумахер се смета за „позитивен знак“ поврзан со неговото здравје, откри француски новинар. Сепак, легендата на Формула 1 сè уште не може да зборува и нема јавни индикации дека може да оди.
Шумахер (56) имаше сериозна несреќа на скијање во 2013 година за време на семеен одмор во Мерибел, Франција, и оттогаш не е виден во јавноста, пишува „Дејли Мејл“.
Информациите за здравјето на седумкратниот светски шампион се многу ретки, но новинарот на „Лекип“, Стефан Лермит, се обиде да даде увид во животот на Шумахер.
„Не би рекол дека е добро, но можеби е малку подобар, бидејќи во основа не знаеме ништо“, изјави тој за „Ер-Те-Ел“.
Причина за оптимизам е фактот дека Михаел Шумахер потпиша кацига претходно оваа година. Тоа е бела кацига со дезен „Ројал Стјуарт Тартан“, каква што носеше Џеки Стјуарт во својата кариера, а Шумахер ја потпиша со иницијалите „MС“ со помош на неговата сопруга Корина.
„Единствените вистински вести доаѓаат од неговото семејство, а тоа е секогаш многу важно, бидејќи вестите што доаѓаат од неговото семејство се добри вести. Вестите што доаѓаат однадвор веројатно не вредат многу“, додаде Лермит.
„Оваа година тој потпиша кацига. Беше за добротворен настан. Дали неговата сопруга го држеше за рака? Не знаеме точно, но тоа беше прв пат да имаме позитивен знак, речиси знак на живот“, истакна тој.
„Но, фактот е дека сè уште не сме го виделе како оди, и очигледно сè уште не може да зборува. Значи, сè уште се справуваме со некој што дише, кој можеби има некои мали интеракции со своето семејство, но не можеме со сигурност да кажеме дека е добро.“
Светот на Формула 1 беше во шок на крајот на 2013 година кога Шумахер доживеа несреќа што речиси го чинеше живот. Кога падна, ја удри главата во карпа. Иако кацигата апсорбирала голем дел од ударот, нејзината надворешна обвивка пукнала, што резултирало со тешка трауматска повреда на мозокот.
По несреќата, тој бил ставен во индуцирана кома и бил подложен на две операции на мозокот. Дури во јуни 2014 година неговата состојба била доволно стабилна за да биде префрлен на понатамошна рехабилитација.
Феликс Горнер, новинар за германската телевизиска станица „Ер-Те-Ел“, откри во март дека Шумахер „веќе не може да комуницира вербално“.
„Ситуацијата е многу тажна. Тој има потреба од постојана грижа и е целосно зависен од неговите негуватели. Во моментов, максимум 20 луѓе можат да му пристапат на Михаел“, рече Горнер.
Шумахер е еден од најуспешните возачи во историјата на Формула 1, освојувајќи седум титули светски шампиони (1994, 1995, 2000, 2001, 2002, 2003 и 2004), со 71 најбрз круг и 155 подиуми.
Фото/ Принтскрин