Македонија
Меџити: Над 61.000 граѓани вакцинирани против сезонски грип
Министерството за здравство информира дека од месец ноември досега над 61.000 граѓани се вакцинирани против сезонски грип.
Со бесплатна вакцинација против ова заболување се опфатени следните ризични групи: стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица.
„Вакцинацијата заштитува и претставува најдобра превентивна мерка што спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. Вакцините делуваат, имаат докажана имуногеност и добра ефикасност“, вели министерот за здравство д-р Фатмир Меџити.
Од Министерството потсетуваат дека заинтересираните граѓани сѐ уште имаат можност да се пријават за бесплатна вакцинација со пополнување на апликацијата на официјалната веб-страница: https://vakcinacija.mk, a потоа преку смс порака добиваат повратна информација за точниот датум, час и место за вакцинација.
Воедно, во центрите за јавно здравје низ државата се врши имунизација против сезонски грип со комерцијалните вакцини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски и заменик-државниот секретар на САД разговараа за регионална стабилност, економијата и НАТО-сојузништво
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари телефонски разговор со заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Кристофер Ландау.
Во разговорот беше потврдена конструктивната и блиска соработка со САД како стратешки партнер на Република Северна Македонија, како и заедничката определба за унапредување на регионалната стабилност, економската соработка и сојузништвото во рамките на НАТО Алијансата.
Соговорниците разменија мислења за потенцијалот и подготвеноста за понатамошно продлабочување на економските врски, вклучително и зголемување на трговската размена и поттикнување нови инвестиции.
Министерот Муцунски ја реафирмираше силната посветеност на Република Северна Македонија кон унапредување на билатералните односи со САД, како и кон зајакнување на заедничките напори за безбедност, стабилност и просперитет во регионот.
Македонија
Утре наутро постудено, во текот на денот сончево време
Утре наутро ќе биде постудено со услови за појава на магла по одделни котлини. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 19 степени.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во недела ќе се задржи сончево и тивко време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има појава на магла. Во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h)
Македонија
Ивана Ѓорѓиевска претседателка на Советот на Општина Куманово
На првата конститутивна седница на Советот на Општина Куманово, советниците за претседателка ја избраа Ивана Ѓорѓиевска.
Советот на Општина Куманово, за мандатниот период 2025 – 2029 година, е составен од 31 член, од следните политички партии (субјекти): ЗНАМ – 7 члена, ВМРО ДПМНЕ – 6 члена, ДУИ – 5 члена СДСМ – 4 члена, ДПСМ – 3 члена, ВЛЕН – 3 члена, група избирачи ИП (Иван Петковски) – 2 члена и Левица – 1 член.
На конститутивната седница присуствуваа градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, секретарот Емилија Сларидис Јаневска, претставници од општинската администрација, претставници од општинските јавни претпријатија и установи, претставници од Собранието и Владата и од ОБСЕ.

