Економија
В среда голем штрајк во германската „Луфтханза“

Вработените во германскиот национален авиопревозник „Луфтханза“ ќе штрајкуваат оваа среда, соопшти синдикатот „Верди“ во последниот од серијата штрајкови во германскиот транспортен сектор бидејќи работниците бараат повисоки плати.
Штрајкот треба да почне во 4 часот наутро в среда и да трае до 7.10 часот в четврток, се вели во соопштението на синдикатот. Аеродромите во Франкфурт, Минхен, Хамбург, Берлин и на Диселдорф ќе бидат погодени.
Портпаролот на „Луфтханза“ рече дека е премногу рано да се каже колку лета ќе бидат откажани бидејќи авиокомпанијата го подготвува својот распоред на летови за вонредни состојби со прегледување 3.000 дневни лета, кои би можеле да бидат погодени од штрајкот. „Секако дека ќе биде многу“, рече портпаролот.
Копнениот персонал е една од неколкуте подружници на „Луфтханза“, кои во моментот преговараат за колективни договори.
Во преговорите „Верди“ бара зголемување на платите за 12,5 отсто за 25.000 работници или најмалку 500 евра месечно повеќе во период од 12 месеци плус еднократна исплата од 3.000 евра за компензација на инфлацијата.
Синдикатот тврди дека повисоките животни трошоци и големиот обем на работа поради недоволно кадар се основа за повисоки плати. Копнениот персонал на „Луфтханза“ стапи во штрајк во јули 2022 година за време на последната рунда колективни преговори предизвикувајќи големи нарушувања во патувањето.
Оттогаш, најголемата европска економија е погодена од серија штрајкови во целата земја, кои ги погодија воздушниот сообраќај, железничкиот и јавниот транспорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на „Козјак“: Пример за стратешко инвестирање во обновливи извори на енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети хидроелектраната „Козјак“, каде што се информираше за тековното функционирање на капацитетот, безбедносните стандарди, како и можностите за понатамошно унапредување на производните перформанси.
Хидроелектраната „Козјак“, која е дел од производниот систем на АД „ЕСМ“, располага со инсталирана моќност од 80 мегавати и служи како еден од клучните столбови за производство на електрична енергија од обновливи извори, но и како заштита од поплави на сливот на реката Треска.
„Со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, затекната беше исклучително тешка хидролошка состојба. Нивото на водостојот во акумулациите беше под алармантни 4%, што сериозно ја загрозуваше енергетската стабилност на државата. Но, преку одговорно и домаќинско менаџирање, координација со институциите и стратешко планирање на производството, денес состојбата е значително подобрена. Последните податоци покажуваат дека водостојот во акумулациите надминува 50% – јасен показател дека системот се стабилизира“, рече Божиновска.
Министерката истакна дека „Козјак“ претставува значаен дел од енергетскиот систем кој има повеќекратна функција.
„ХЕ ’Козјак‘ е пример за одржлива инвестиција – произведува чиста енергија, штити од поплави и позитивно влијае на локалната микроклима. Овој капацитет ја покажува вредноста на стратешкото планирање во енергетиката“ изјави министерката Божиновска.
За време на посетата, министерката беше информирана од страна на раководството на ХЕ „Козјак“ и претставниците на АД „ЕСМ“, дека објектот се одржува согласно највисоките безбедносни и еколошки стандарди, со редовен мониторинг на состојбата на браната, нивото и квалитетот на водата, како и биодиверзитетот во езерото.
Министерството за енергетика најавува дека во следниот период ќе се работи на подготовка на студии за можни подобрувања: зголемување на капацитетот, подобрена автоматизација и воведување на нови технологии за управување со резервите на вода.
„Ќе продолжиме со инвестиции во модернизација на постојните капацитети и во развој на нови проекти од хидроенергетиката. Нашата цел е јасна: стабилен, чист и независен енергетски систем“ нагласи министерката Божиновска.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Време е за паметен потег со решенија за штедење што носат резултати

Во време на брзи промени, економски предизвици и зголемена потреба за финансиска стабилност, сè повеќе граѓани ги практикуваат навиките за штедење. Штедењето денес не значи само чување средства на страна, тоа е стратегија и начин да се обезбеди сигурност за подобро утре.
Халкбанк, како банка која со години вложува во довербата на граѓаните, нуди штедни производи кои ги следат различните животни ситуации и потреби – од флексибилни решенија за оние кои сакаат слобода, до стабилни депозити за оние кои имаат долгорочни планови.
Пет различни модели на штедење со една заедничка цел: финансиска сигурност
Онлајн депозит – за дигиталните штедачи
Овој производ е идеален за сите кои сакаат брзина, ефикасност и потполна контрола од дома. Онлајн депозитот може да се отвори преку електронското банкарство на Халкбанк, без посета на филијала. Со минимален влог од само 3.000 денари, добивате можност за фиксна каматна стапка и можност за избор на рок на орочување (од 3 до 36 месеци). Каматата се пресметува на крајот од рокот, а сè е целосно безбедно со електронски потпис. Овој депозит штеди за вас – додека вие се посветувате на тековните приоритети.
Флекси депозит – за оние што сакаат слобода и флексибилност
Флекси депозитот е наменет за штедачи кои сакаат да дополнат или повлечат средства во текот на периодот на орочување, без да ја изгубат целосно каматата. Со минимален влог од 60.000 денари, овој депозит ви овозможува повеќекратни дополнувања и исплати, преку шалтер или преку електронското банкарство. Рокот е 13 месеци, додека пак каматната стапка е фиксна. Ова е совршено решение за оние кои сакаат штедење со флексибилност и контрола.
Мој депозит – за редовни приматели на плата или пензија
Овој депозит е креиран специјално за клиенти со редовни месечни примања (плата, пензија или други приходи) кои се насочени кон штедење и имаат потреба од дополнителна сигурност и поволни услови. Минималниот износ е 3.000 денари, а можете да изберете рок од 13 или 25 месеци. Каматата се исплаќа на крај или месечно. Дополнителна вредност е можноста за уплата на нови средства до истекот на рокот, што го прави овој производ идеален за континуирано штедење без компликации.
Е-касичка – дигитална навика за секојдневно штедење
Сакате да штедите „неприметно“, без голем напор? Со е-касичката, секоја ваша трансакција со платежните картички на Халкбанк може автоматски да се претвори во заштеда. Овој производ работи така што со секое направено купување, автоматски се издвојува мал износ во е-касичката. Каматната стапка е 1%, минималниот влог е само 100 денари, а рокот е 12 месеци. Совршено решение за оние кои сакаат да создадат навика за штедење без да го почувствуваат тоа.
Детски депозит – за иднината на најмалите
Детското штедење никогаш не било полесно. Со дизајнирана детска штедна сметка и подарок од Халки, овој депозит нуди фиксна каматна стапка, орочување до 60 месеци и можност за дополнителни уплати. Минималниот влог е само 1.000 денари. По полнолетството на детето, средствата автоматски се префрлаат на новата сметка. Ова е одличен начин да изградите финансиска навика и сигурна иднина за вашето дете.
Без разлика дали сакате целосна контрола, флексибилност или сигурност за вашето семејство – секој чекор кон штедење е чекор кон посигурна иднина. Производите на Халкбанк ви овозможуваат да штедите заедно со постојана поддршка. Затоа што вистинската вредност на парите не е само во тоа колку ги имате, туку како ги насочувате. А кога штедите паметно – живеете послободно.
(ПР)