Македонија
Владата: Ученичките и студентските стипендии за 2023-2024 година се исплатени
Сите ученички и студентски стипендии се исплатени. Исплатата се однесува на сите постојни корисници за учебната, односно академска 2023-2024 година. Стипендиите се исплатени заклучно со јануари, информираат од Владата.
Според соопштението, исплатата за новите корисници ќе се реализира во текот на неделата, со што сите средства што им следуваат на сите категории ученици и студенти ќе им бидат целосно исплатени.
Апелираат до сите засегнати субјекти да ги црпат информациите од надлежните институции, кои располагаат со детаљни и точни информации, со цел навремено, прецизно и точно информирање на јавноста и секако на учениците и студентите.
Владата, како што велат, е посветена на унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард и за тоа доказ се сите преземени активности во изинатиот период како што се пред сѐ зголемувањето на износите на стипендиите кои се изедначени на ниво од 6.050 денари месечно, односно се со пораст во однос на тоа што претходно се доделуваше како износ од 3.300, 4.000, 4.400 денари. Вкупниот годишен буџет за оваа намена – доделување на студентски стипендии се зголеми за 65%. Претходно на годишно ниво се исплаќаа 117 милиони денари, а во 2021 се исплатија 179 милиони денари и овој тренд продолжи и во 2022 и 2023 година.
Воведени се нови категории на студентски стипендии во 2022 година и истите изнесуваат и до 18.000 денари месечно, за оние кои се запишани на додипломски студии од областа на земјоделските, шумарските и ветеринарните науки на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во земјата.
Потсетуваат дека оваа Влада за првпат воведе субвенциониран оброк за студентите.
„Согласно Законот за субвенциониран студентски оброк доделуваме финансиски средства на сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на нашата земја, тоа се 30.000 студенти кои добиваат вкупен месечен износ од околу 3.000 денари.
Дополнително, имајќи ја предвид економско енергетската криза, учениците и студентите беа предвидени во последниот пакет антикризни мерки. Обезбедена е финансиска поддршка за средношколци и ученици од семејства со месечни примања до 50.000 денари. 30.000 ученици од средно училиште месечно добиваат по 1.800 денари, или вкупно 10.800 денари од почетокот на мерката до завршување на училишната година, по ученик. Учениците од основното образование, пак, околу 75.000 студенти, добиваат по 1.200 денари месечно или 7.200 денари од почетокот на мерката до завршување на училишната година за ученик. 15.000 студенти од социјално ранливите семејства, добиваат ваучер за превоз од 600 денари до 1.200 денари месечно“, се дополнува во владиното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

