Македонија
Министерството за економија гo затвора огласот за доделување ваучер за инвертер-клими за домаќинствата поради големиот број апликации
Министерството за економија соопшти дека поради големиот број пристигнати апликации, донесена е одлука, заклучно со крајот на денешниот ден, 6.2.2024 година, до 15.30 часот, да го затвори јавниот оглас за доделување потврда – ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди во домаќинствата за 2024 година.
Граѓаните ќе може да аплицираат само за јавниот оглас за стекнување финансиска поддршка преку доделување потврда – ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за лица што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година. Крајниот рок за овој оглас е 15 февруари, информираат од ова Министерство.
Двата јавни огласи беа објавени на веб-страницата на Министерството за економија на 1 февруари 2024 година.
„Во архивата на Министерството за економија за четири дена по објавените јавни повици, пристигнати се над 9.000 апликации по јавниот оглас за доделување потврда – ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди во домаќинствата за 2024 година (директно во архивата на Министерството за економија и по пошта) за што ја надминува проценетата бројка од над 78.000 домаќинства што може да добијат ваучер за инвертер клима-уред согласно предвидените средства.
За доделување ваучери за инвертер клима-уреди согласно програмата за поттикнување енергетска ефикасност на домаќинствата за 2024 година предвидени се 210.000.000 денари.
А за доделување ваучери за инвертер клима-уреди согласно програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година во буџетот на Министерството за економија се предвидени 45.000.000 денари.
Односно вкупно за доделување ваучери за инвертер клима-уреди предвидени се 255.000.000 денари или 4,1 милиони евра по сите категории во двата јавни повика.
Согласно Јавниот оглас за стекнување со финансиска поддршка преку доделување на потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди за лица кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година, беа предвидени ваучери за инвертер клима уреди од 27.000 денари за лицата со ниски примања за самец (вкупни приходи до 21.000 денари), домаќинство со два члена (вкупни приходи од 30.000) и домаќинство со три члена (вкупни приходи од 35.000 денари), а ваучер од 30.000 денари беше предвиден за лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена (вкупен приход од 40.000 денари) и домаќинство со пет члена и повеќе (вкупен приход од 45.000 денари).
Согласно Јавниот оглас за доделување на потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди во домаќинствата за 2024, ваучер во вредност од 25.0000 денари по домаќинство, беше предвиден за домаќинствата кои живеат на територијата на општините на Пелагонискиот регион (Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени) и Југо-Западниот регион (Вевчани, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа), за што се предвидени вкупно 100 милиони денари (1,62 милиони евра). Додека ваучер од 23.000 денари беше предвиден за домаќжинствата во останатата територија на Република Северна Македонија, односно во Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот регион“, се истакнува во информацијата од Министерството за економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.

