Македонија
Изгласан Законот за Националната развојна стратегија
Собранието денеска го усвои Законот за Националната развојна стратегија со поддршка на пратениците од власта и опозицијата од речиси сите политички партии кои се застапени во законодавниот дом.
Како што соопштуваат од прес-службата на Владата, ова го отвора патот за усвојување и на текстот на најсеопфатниот стратешки документ од осамостојувањето на државата, во кој се дефинирани главните цели и мерки за развојот на Република Северна Македонија во наредните 20 години.
„Националната развојна стратегија (НРС) претставува комплексен документ кој опфаќа економски, социјални, еколошки и културни аспекти на развојот на нашата држава. Процесот на подготовка на стратегијата траеше речиси три години и во него директно се вклучија околу 14.000 граѓани, повеќе од 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, претставници на стопанските комори, граѓански организации, над 500 претставници од маргинализирани и ранливи групи, како и повеќе од 1.000 млади и членови на младински организации.
Предлог законот за Националната развојна стратегија беше првично поднесен од група пратеници – Арбер Адеми, Атнан Незири, Диме Велковски, Јован Митрески, Љупчо Пренџов и Никола Мицевски, и во прво читање беше усвоен на седница на Собранието на Република Северна Македонија на 22 декември 2023 година. Потоа, беше ставен на дневен ред за разгледување во матичното тело и ставен на ред за разгледување на 135-та седница на Собранието. Со обезбедено позитивно мислење од Владата, предлог законот беше разгледан од Комисијата за економски прашања, по што денеска е донесен од Собранието со консензус на сите присутни пратеници“, соопштуваат од прес-службата на Владата.
„По усвојувањето на финалниот текст на НРС, ќе се започне со имплементација на стратегијата што треба да придонесе за подобрување на голем број процеси во државата и подигнување на квалитетот на живот на граѓаните.
Креирањето на Националната развојна стратегија, Владата на Република Северна Македонија го реализира во партнерство со Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Изработката на НРС е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје и од Министерството за финансии на Република Словачка“, се додава во соопштението на прес-службата на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во израелски напади во Газа убиени 17 лица, меѓу нив шест деца
Во израелски напади на северот и југот на Појасот Газа убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и шест деца, соопштија локалните болници, пренесе Би-Би-Си.
Израелската војска наведува дека нападите уследиле откако, според нив, „терористи отвориле оган и тешко раниле еден војник“ на северот на Појасот Газа, во близина на таканаречената Жолта линија, која според договорот за прекин на огнот со Хамас означува територија под контрола на Израел. Како одговор, биле изведени прецизни удари од копнени и воздушни сили, поради, како што наведуваат, „очигледно кршење“ на примирјето.
Болницата Ал-Шифа во Газа соопшти дека примила тела на 13 лица, меѓу кои пет деца, по напади врз шатори и домови во источните квартови Зеитун и Туфа. Во болницата Насер во Хан Јунис биле донесени тела на уште четири жртви, меѓу кои и едно дете.
Од стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, Израел и Хамас речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, наведува дека од тогаш во израелска ватра загинале најмалку 529 луѓе, додека Израел соопштува дека во палестински напади загинале четворица нивни војници.
Македонија
СДСМ му оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден.
Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“.
Македонија
Мицкоски: Очекувам раководството на ССМ да излезе од партиската прегратка и да се договори со Владата во интерес на административците
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува неколкумина од раководството на Сојузот на синдикати да излезат од, како што рече, партиската прегратка и да постигнат договор со Владата во интерес на работниците, односно на административните службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната средба со УПОЗ и очекувањата, Мицкоски нагласи дека дел од вработените во јавната администрација сè уште немаат договорен Колективен договор со Владата.
„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700–7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат“, изјави премиерот.
Тој додаде дека со ваквиот договор Владата, како работодавач, ќе ги заокружи односите со сите вработени до истекот на мандатот.
„Со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии работодавач директен или индиректен е Владата“, рече Мицкоски.

