Македонија
Таравари ги викнал на средба членовите на собранието на Алијансата за Албанците

Дел од членовите на Собранието на партијата Алијанса за Албанците во текот на вчерашниот ден добиле порака за средба во градот Куманово, а потоа и за средба со Арбен Таравари.
Од партијата известуваат дека никој не треба да подлегне на дезинформации дека се одржува партиско собрание, туку се работи за собир и состанок.
„Партиското собрание, согласно статутот на партијата, е закажано за во сабота во Буши ресорт во 13:00 часот“, велат од Алијансата.
Во сабота, партијата треба да донесе одлука дали ќе настапи самостојно на парламентарните избори, за што се залага Села, или пак, ќе биде дел од коалицијата на албанскиот политички блок, составен од Демократското движење на Изет Меџити, Беса на Билал Касами и Алтернатива на Африм Гаши, како што се залага Таравари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Мицкоски пак манипулира, со инфлација од 4,8%, реалниот раст на БДП е -1,4%

Со инфлација од 4,8% повисока од растот на БДП, реалната економија оди надолу од -1.4%, а граѓаните тонат во сиромаштија, велат од СДСМ.
„Македонија е далеку од 4-та економија во Европа како што сака Мицкоски да прикаже. Неговите фалби немаат врска со реалноста. Граѓаните не живеат од статистички бројки туку од сопствениот џеб. А таму реалноста е сурова: повисоки цени, пониски приходи и намален квалитет на живот. Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53%“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ велат дека странските инвестиции се преполовени на 221 милиони евра, од 573 милиони евра минатата година.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Хидробиолошкиот завод е првата линија на одбрана во борбата против климатските промени

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 90-годишнината од основањето на Хидробиолошкиот завод – Охрид, најстарата македонска научно-истражувачка институција, формирана во 1935 година од академикот Синиша Станковиќ.
Таа ја истакна незаменливата улога на Заводот во проучувањето, заштитата и афирмацијата на Охридското Езеро, како и во зачувувањето на биолошката разновидност на Преспанското и Дојранското Езеро.
За неа, Хидробиолошкиот завод е жив сведок на човечката упорност и стремеж да се проникне во тајните на природата, обезбедувајќи генерациска мисија за зачувување на езерските екосистеми и истовремено создавајќи научна мисла со меѓународен углед.
Според неа, наш императив мора да биде да го сочуваме и да го одржуваме овој непроценлив животен ресурс. Нашите водени бисери: Охридското Езеро, Преспанското Езеро и Дојранското Езеро, се наше и светско наследство.
Таа укажа на неопходноста од зголемување на поддршката за Заводот, преку дополнителни инвестиции во опрема и кадровско доекипирање, бидејќи човечките ресурси се најсилниот капитал на институцијата.
Претседателката упати честитки до генерациите научници и вработени во Хидробиолошкиот завод за нивната пожртвуваност и посветеност, истакнувајќи дека нивната работа претставува најдобар пример за хармонија меѓу човекот и природата.
„Посакувам пастрмката да опстане во Охридското Езеро, Преспа да продолжи да биде дом на ретките птици, Дојран да го сочува рибарскиот дух, а вашиот Хидробиолошки завод да слави и по следните 90 години,“ порача претседателката.
Македонија
„Ќе изумреме како диносаурусите aко не се справиме заедно“ – Марковски и Белчева најавуваат решение за депонијата Вардариште

Во близина на депонијата Вардариште во Скопје, кандидатот за градоначалник проф. Д-р Горан Марковски и носителката на кандидатската листа за советници Јана Белчева Андреевска од граѓанската платформа „Независни заедно“ одржаа прес-конференција, откако граѓаните протестираа поради повторното горење на депонијата.
„Ќе изумреме како диносаурусите, ако не се справиме со загадувањето“, изјави Марковски, додавајќи дека досегашниот проблем со Вардариште е резултат на недостиг на политичка волја, иако постојат стручни студии и акциски планови. Тој потенцира дека решението мора да биде стручно, вклучувајќи методи за собирање и користење на метанот од депонијата за производство на електрична енергија.
Белчева Андреевска нагласи дека реализацијата на усвоените стручни планови, како чистење на дивите депонии, рекултивација на Вардариште, модернизација на системите за гас и исцедок и зајакнување на селекцијата и рециклирањето, ќе донесе видливи резултати. Таа додаде дека планот треба да вклучува затворање на дивите депонии, 24/7 периметарска контрола со видео-аналитики, термални камери и дронови за откривање на нови истурања и жаришта, со интегрирани податоци и јавна отчетност.
„Нам сојузници во овие напори мора да ни бидат граѓаните кои се будни, свесни и бараат промени и ќе го дадат гласот за оние кои веќе биле активни, и ќе продолжат да работат за јавниот интерес – а тоа е чист воздух и здрава животна средина“, рече Белчева Андреевска.
Платформата „Независни заедно“ ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку општини во Скопје и има за цел враќање на локалната власт во рацете на граѓаните преку чесен, стручен и транспарентен пристап кон управувањето со јавниот интерес.