Македонија
ЦУК: Трета жртва во пожар за едно деноноќие

Регионалниот ЦУК Штип известува дека има една жртва и при пожар на штала во селото Оџалија во општина Карбинци.
„По добиената информација за пожар на единствениот повикувачки број 112 во ЦУК за запалена штала околу пладне и интервенцијата на пожарникарите, добиено е известување дека едно лице настрадало при тој пожар во село Оџалија во општина Карбинци. Настраданиот бил пронајден внатре во шталата, каде што најверојатно првин се задушил од чадот, а потоа и изгорел во пожарот до степен на непрепознатливост на идентитет и возраст“, извести ЦУК.
На терен биле излезени пожарникарите на Територијалната противпожарна едница Штип и припадници на МВР од СВР Штип, од кои веста е потврдена за ЦУК, а истрагата е во тек. Двете служби, субјекти во Системот за управување со кризи, се излезени на самото место и вршат увид за причините на настанатиот пожар, а според стандардните оперативни процедури, секако и доктори од Итната медицинска служба и јавен обвинител ќе бидат вклучени во истрагата до конечниот извештај за оваа трагедија.
Инаку, од почетокот на ова деноноќие ова е трето лице што настрадало од пожар.
ЦУК рано утрово извести дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од ТППЕ Ранковце пронашле настрадано повозрасно лице при гаснењето пожар на отворено сношти при интервенција од 20.30 до 00.10 часот во атарот на село Псача. Потоа имаше второ известување за настрадано лице при услови на пожар кога пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Македонска Каменица денеска во периодот од 7.20 до 10.35 часот интервенирале на пожар на запалена куќа во село Косевица во месноста Реката.
Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, превентивно да се внимава на причините за пожар во куќи, станови и објекти и при евентуална појава на пожар што побргу да се пријавува на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството испитува одговорност за големиот пожар во Трубарево, утре увид на терен

Утре ќе почне увидот на лице место за причините за големиот пожар во Трубарево. Увидните екипи ќе работат под координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.
Од Обвинителството информираат дека по негова наредба, екипи на СВР Скопје и денеска излегоа на терен за да приберат докази во постапката за загрозување на животната средина со отпад.
Во меѓувреме се врши обезбедување и анализа на документацијата, а до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за уште 48 часа за четворицата опфатени во постапката. Притворени се 56-годишен управител и сопственик на две фирми, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во правно лице. Воедно се испитува потенцијалната одговорност и на други лица.
Пожарот избувна на 13 септември, во саботата, околу 13:30 часот, во складиштен објект за рециклирање електронски отпад во Трубарево. Објектот припаѓа на компанијата „Ф-Групација“ која се занимава со електронски и електричен отпад, вклучувајќи литиум-јонски батерии. Пожарникарите интервенираа со голем капацитет, користеа хемиска пена, песок и земја за затрупување на деловите каде имаше горење, особено кај деловите со батерии.
Беше забележан густ црн чад кој се шири и врз околните објекти. Четири лица беа здравствено згрижени, од кои една жителка на Трубарево задржана во Клиничкиот центар поради вдишување на чад.
Првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот во компанијата Ф-Групација во Трубарево, покажале зголемување на сите параметри за два до три пати од дозволеното, а јаглерод моноксидот чија просечна вредност не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3.
Директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, вчера најави дека в петок ќе се знае какви тешки метали има во воздухот во Скопје.
„Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво на квалитетот на воздухот, за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот“, рече Гиновска.
Според мерењата на Инститот за јавно здравје не е регистрирана радијација во воздухот, водата и почвата.
Македонија
„Таа вечер имаше посебна енергија, чувствувавме како да е последен пат“ – емотивна објава на Горан Тонев шест месеци по трагедијата во „Пулс“

Горан Тонев, гитарист на групата ДНК и еден од преживеаните од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денес преку социјалните мрежи се потсети на трагичната ноќ пред шест месеци, која, како што рече, на сите ни ги промени животите.
„Уживавме да ја делиме сцената, насмеани и ведри како и на секој наш настап, но таа вечер имаше посебна енергија како да чувствувавме дека е за последен пат. Не требаше да биде вака, колеги мои… Засекогаш ќе ве носам во моето срце. Почивајте во мир“, напиша Тонев.
Во пожарот на 16 март загинаа 62 лица, меѓу нив и повеќе членови и соработници на ДНК – вокалистот Андреј Ѓорѓиевски, професорката и придружен вокал Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарите Филип Стевановски и Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо Битбокс.
Тонев два месеца беше на лекување во болница во Солун. Пожарот го преживеаја и фронтменот Панчо и придружниот вокал Ана Костадиновска.
Македонија
Подметнување пожар ќе биде тероризам, а фрлање отпад на недозволени места ќе се казнува со затвор над пет години, Мицкоски најави итни законски измени

Премиерот Христијан Мицкоски, денес, при посетата на Јегуновце најави законски измени со кои најстрого ќе се казнува подметнување пожар и фрлање ѓубре на недозволени места. Одговарајќи на новинарско прашање дали ги забележал депониите покрај Вардар кај Сиричино кога доаѓал кон Јегуновце, премиерот рече дека секој што ќе биде фатен на дело, ќе биде најстрого казнет.
„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите, со кои подметнување пожар ќе биде квалификувано како дело на тероризам, а одлагање смет онаму каде што не му е местото, ќе биде друго кривично дело, кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“, рече премиерот Мицкоски.
Освен законските измени, премиерот рече дека вчера Министерството за животна средина испратило дописи до сите општини да ги расчистат дивите депонии и сметот да се одложи таму каде што му е местото.
„Јас ги повикувам и несовесните граѓани што ги формираат овие диви депонии да не го прават тоа затоа што сите оние што ќе бидат фатени ќе бидат најстрого казнети“, повика премиерот Мицкоски.
Денешната снимка од подметнувањето на пожарот во Пинтија премиерот Мицкоски рече дека е само уште еден доказ дека постојат центри на моќ што се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред изборите. И денес тој не сакаше прецизно да каже кои се тие центри на моќ, но повтори дека одговорот на прашањето кому му одговара ваква состојба го дава и одговорот на прашањето кој ги нарачува.