Македонија
Меџити: Покажав како треба да работи еден министер за здравство, направивме сериозно зајакнување на здравствениот систем
Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, на денешниот брифинг за новинарите одговараше на најактуелните прашања во јавното здравство.
Во своето излагање тој потенцира дека за 11 месеци покажале како треба да работи еден министер за она во што верува и сака да го спроведе во интерес на граѓаните и пациентите. Меџити рече дека во изминатиот период направени се значајни подобрувања во здравството.
„Направивме реформа во примарната здравствена заштита. Со оваа новина се овозможи пациентите да не се изложуваат на дополнителни трошоци, а својата терапија и здравствена услуга да ја добиваат од своите матични лекари во местото во кое живеат. Во согласност со реформите во примарна здравствена заштита, матичните лекари може да препишуваат терапија за најчестите хронични заболувања и состојби – хипертензија, дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест, астма и хипотироидизам. Преку реформата го намаливме и притисокот на терциерното здравство. По 13 години, ја ревидираме позитивната листа на лекови. Мниогу бргу повеќе од 10 лека ќе се најдат на оваа листа, со што пациентите ќе заштедат пари. Листата е разгледана од Комисијата, бодирањето е завршено и сега се оди кон финално рангирање по што ќе биде испратено до Фондот за здравствено осигурување. И ова е едно од прашањата што сакам да ги прашувате, но на вистинската адреса: зошто Фондот сѐ уште не ја завршува постапката?“, посочи Меџити.
Меџити изјави дека првпат е набавен лекот „трикафта“, што претставува една од најпозитивните приказни во историјата на нашето здравство.
„Набавка што воопшто не беше лесна, но заеднички со пациентските здруженија успеавме. Пациентите што првпат го примаат лекот се пресреќни и, конечно, имаат мир. Јавно му се заблагодаруваат на Министерството за здравство за лекот што ним живот им значи. Воведовме 6 нови лека за пациентите со ретки болести и го зголемивме буџетот за оваа намена на 878 милиони денари или околу 15 милиони евра. Сега обезбедуваме лекови за оние што немаа во текот на изминатите години. Обезбедивме 650 сензори за безболно мерење шеќер во крвта. Дечињата со дијабетес повеќе нема да мора да се боцкаат, нивниот живот ќе биде поубав и полесен“, истакна Меџити.
Минатата година се направи двојно зголемување на буџетот за набавка на опрема од 2,6 на 5 милиони евра и набавена е медицинска опрема во повеќе од 15 здравствени установи.
„Ги подобривме условите во 13 јавноздравствени установи. Преку темелно реновирање на клиниките и болниците во целата држава обезбедивме подобри услови за пациентите и здравствените работници. Потпишавме договор со Комерцијална банка и ‘Алкалоид’ за формирање нов ургентен интернистички центар на Клиниката за токсикологија. Го враќаме во функција КАТО-системот за дозирање и контрола на терапијата кај онколошките пациенти. Никој повеќе нема да може да ги злоупотребува лековите за онколошките пациентите. Ја зачувавме довербата во системот и тоа е многу важно“, потенцира Меџити.
Меџити рече дека се вложува во медицинскиот кадар, со тоа што двапати им се покачени платите на здравствените работници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од утре следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на утрешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Министерот – глумец контра правата на културните работници, велат од Левицата
Министерот за култура, Зоран Љутков е тотално отсутен и очигледно незаинтересиран за условите и правата на своите довчерашни колеги – културните работници. Веднаш по стапување на функција, тој го сврте грбот на сѐ што значи култура во Република Македонија, реагираат од Левица.
„Министерот очигледно не ги разликува колективните договори, нивната важност и примена. Му укажуваме дека Колективниот договор за култура не е еден од најдобрите во Република Македонија, напротив далеку од тоа. Истовремено, Општиот Колективен договор за јавниот сектор, кој е донесен подоцна, важи за сите вработени во културните институции и неговите одредби задолжително се применуваат.
За на јавноста да и биде појасно, најголем проблем со испразнетите буџети произлегува од членот во Општиот колективен договор кој предвиде зголемување на платите на културните работници од 10 проценти, почнувајќи од септември 2023 година. Министерството за култура најпрвин го имплементираше ова право и ги зголеми платите за подоцна да донесе решенија со кои истотот зголемување го суспендираше..
За да биде поуверлив во своите настапи, министерот-глумец дури сам си ги спонзорира на социјалните мрежи своите настапи од собраниската говорница, нешто налик на самопромоција, имајќи во предвид декана културните работници повеќе не им се интересни неговите улоги“.
Ароганцијата, додават од оваа партија, оди дотаму што министерот јавно коментира судски одлуки од собраниска говорница и тоа, како што велат, на неправосилни пресуди кои културните работници ги добија во прв степен. „
Но, познавајќи го карактерот на владеачката партија и нејзините тесни врски со судството, сосем е можно повисоките судови да ги укинат првостепените пресуди, а не да ги поништат како што тврди неинформираниот министер.
Но, самиот факт што министерот за култура ги изложи своите колеги на судски процеси треба да му биде јасена слика дека води политика спорот на интересите на културата и културните работници. Да не заборавиме и дека министерот ги остави културните работници без плата за време на празниците, без никакво соопштение или објаснување“.
Левица го повикува министерот, како што истакнуваат, да се вразуми и конечно да ги заштити стекнатите права на културните работници.

