Македонија
(Видео) Џафери – Лосон: Обединетото Кралство има клучна улога во градењето европска демократија во Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се сретна со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во земјава, Н. Е. Метју Лосон.
На средбата беа потврдени силните партнерски односи кои Северна Македонија и Велика Британија ги негуваат во рамки на НАТО, како и воспоставените трговски и економски односи кои се на високо ниво меѓу двете земји.
Премиерот Џафери ја потенцираше важноста што Обединетото Кралство е нашиот втор трговски партнер и е втор по обем странски директен инвеститор во Северна Македонија. Воедно, Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство на Западен Балкан, а британските бизниси во земјава постојано се зголемуваат, што беше повод за создавањето на британско-македонската стопанска комора, известуваат од Владата.
Амбасадорот Лосон, на Џафери му честиташе за изборот претседател на Владата и истакнувајќи дека овој историски чекор е потврда дека земјата е позитивен модел на мултикултурализам и пример за други земји.
Премиерот Џафери му се заблагодари на амбасадорот Лосон за силната посветеност на Обединетото Кралство за евро-атлантските интеграции на Северна Македонија, истакнувајќи ја клучната улога на Велика Британија во градењето на нашата земја како независна европска демократија во последните 3 децении.
Џафери и Лосон разговараа и за актуелни теми врзани за внатрешно-политичката состојба во земјата и активностите на Владата во подготовката на претстојните двојни избори, се наведува во соопштението на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Тошковски: Системот „One Stop Shop“ – ново поглавје на поврзаност, побрз транспорт, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше на граничниот премин „Блаце – Елез Хан“ на кој во присуство на премиерите на Македонија, Христијан Мицкоски и Косово, Албин Курти и министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла и делегации од двете земји, свечено беше пуштен во употреба системот на заеднички гранични проверки „One Stop Shop“.
Министерот Тошковски во своето обраќање потенцираше дека обврска на институциите е со својата работа да го унапредуваат квалитетот на животот на сите граѓани и со пуштањето во употреба на овој систем се отвора нова ера на побрз транспорт на стоки и повеќе трговија, повеќе туризам, повеќе дружба и поголемо пријателство.
„Ова е резултат на договорот меѓу двете влади и Протоколот што го уредува начинот на гранични и царински контроли, инфраструктурата, размената на податоци и поделбата на трошоци. Целта е јасна – побрзо, поедноставено и побезбедно преминување на границата. За патниците тоа значи една проверка наместо две, пократко чекање и подобро искуство, а за службите – поефикасна работа, подобра координација и посилна борба против незаконски активности.“, потенцираше министерот Тошковски.
Тошковски подвлече дека овој граничен премин е еден од најфреквентните во државата со повеќе од четири милиони патници годишно и дека со неговата имплементација отвораме ново поглавје на поврзаност – побрз транспорт, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.
Македонија
(Видео) Стартува „One stop shop“ на граничниот премин Долно Блаце-Елез Хан

На граничниот премин Долно Блаце – Елез Хан профункционира заедничката гранична контрола (One Stop Shop). Со нова физичка и дигитална инфраструктура е воспоставен систем кој овозможува само едно застанување и една пасошка контрола.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека осовременувањето на граничниот премин е отворање на нова перспектива за граѓаните, стопанството и за регионот.
„На најдобар начин покажуваме дека границата не мора да биде ѕид, границата може и треба да биде наш заеднички мост, кој поврзува луѓе, идеи и можности, преку кој се зборува за доверба, соработка, економска соработка, развој на културата и туризмот“, кажа премиерот.
Оваа заедничка гранича точка, рече Мицкоски, не е само премин помеѓу двете држави, туку премин кон европските вредности на соработка, интеграција и на слободно движење.
Косовскиот премиер Албин Курти посочи дека по подолг период ангажманот и посветноста резултирале со проект од голема важност за граѓаните на Македонија и на Косово.
„Отсега па натаму, граѓаните ќе бидат проверувани само при влез во земјата, а податоците ќе се разменуваат во реално време преку современиот технолошки систем. Само во 2024 година над пет милиони граѓани ги поминале трите гранични премини меѓу двете држави, што укажува на врската меѓу нашите граѓани, но и потребата за слободен и брз проток на луѓе и стока“, изјави Курти.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Системот на Венко Филипче го урниса здравството

Венко Филипче ја постави Пановска за директор за да дава тендери на татко и, тој нема кредибилитет, да си поднесе оставка, кажа денеска на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче додека беше министер за здравство ја постави Ирина Пановска за директорка на Хематологија, а таа пак даваше милионски тендери секоја година на веледрогеријата Др. Пановски, сопственост на нејзиниот татко. Венко Филипче даваше милиони кон Др. Пановски и преку други здравствени установи. Системот на Венко Филипче е давање тендери на негови блиски фирми, и тендери преку непотизам. Венко Филипче се бори за власт, за нови тендери и за нови тендерски шеми“, рече Манасиевски.
Тој потенцира дека „системот на Венко Филипче го урниса здравството“.
„Фактичката состојба во здравството денес, во поглед на недостатоци и проблематики е последица на тендер шемите на Филипче и СДС. Венко Филипче нема кредибилитет, тој треба веднаш да си даде оставка“, кажа Манасиевски.