Македонија
„ДУИ и СДС даваат македонско плодно земјиште за некој да ќарува со 30-годишна загарантирана цена преку фотоволтаици“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„ДУИ и СДС имаат 2 нови бонбона бизниси, со кои сакаат да ги задолжат и неродените деца во Република Македонија. Се работи за 2 инвестиции, кои што македонската јавност треба да ги знае. Едната е изградба на т.н. агрофотоволтаик, кој што се протега во делот помеѓу Штип и Свети Николе, а втората е фотоволтаикот во општина Пехчево. Првиот агрофотоволтаик е француска инвестиција, а оној во Пехчево е бугарска инвестиција“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Со таканаречената инвестиција помеѓу Штип и Свети Николе, ќе има фотоволтаици на околу 500-тини хектари земјоделска плодна почва од прва, втора и трета категорија. Воедно сите земјоделци на тој потег, ќе го изгубат правото на користење на ова земјиште.
Таа земја ќе им се отстапи по 0,14 денари за м2 закуп, а имаат право потоа да ја дадат повторно, на некои индивидуални земјоделци, според ценовникот кој што го има државата, а тоа е 70 денари по м2. Значи тоа е 500 пати повеќе. Од ова само може да се заработи повеќе од 9 милиони евра годишно.
Таа енергија, која што ќе ја произведува инвеститорот, државата му гарантира цена во следните 30 години, дека ќе му ја откупува. Таа цена ќе биде 57 евра за мегават час. Со тоа што секоја година ќе расте до 2%, значи секоја година од прилика по едно евро ќе расте цената.
Годишниот приход од оваа загарантирана електрична енергија, што ќе ја продадат на државата е повеќе од 40 милиони евра. Што значи кога ќе се пресметаат добивката и сето она кое што претставува трошок, а е многу минимален како оперативен трошок, од 30 години за 7 ипол години ќе ја вратат инвестицијата. 22 и половина години тие ќе печалат на грбот на овој народ.
Криминалците од ДУИ и СДС, не мируваат ни во своите последни денови, ја користат секоја можност и секој ден, што повеќе да се збогатат на грбот на народот.
Сакаме да им порачаме дека им следи потоп во мај, од страна на граѓаните, а потоа граѓаните ќе добијат и правда, која сите ја бараат и на крај за криминалците ќе има одговорност“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре делови од Општина Гази Баба без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализацијa известуваaт дека утре ( четврток ) поради промена на шибер Ф-80мм на ул.Јани Лукровски бб и пред Т.Ц во населба Автокоманда, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул.Јани Лукровски.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до санирање на дефектот.(општина Гази Баба)
Македонија
Македонија се враќа во времето на Никола Груевски и медиумскиот мрак, хајки против опозицијата и јавни линчови, велат од СДСМ
Според СДСМ, Македонија се враќа во времето на Никола Груевски и медиумскиот мрак, хајки против опозицијата и јавни линчови.
СДСМ, додаваат од оваа партија, целосно го разоблички медиумскиот октопод Алфа-Алта и позадината за постојаната црна кампања.
Од партијата нагласуваат дека претседателот на СДСМ, раководството, членовите се под постојани напади од сите страни на кујните на ВМРО, како што велат, медиумскиот октопод Алфа-Алта и центрите на моќ на кои не им одговара борбата на СДСМ против криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ.
„Јавно достапни податоци, како што се извештаите на Freedom House, Reporters Without Borders (RSF), Европската унија (ЕУ), ОБСЕ и други, потврдуваат дека состојбата со медиумските слободи се влоши по доаѓањето на ВМРО на власт.
Најсилен показател е падот на рангирањето на Северна Македонија на глобалните индекси за слобода на медиумите.
Северна Македонија бележи пад од 6 места на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година на „Репортери без граници“. За разлика од минатата година, кога беше на 36. место, оваа година е на 42. позиција, со предупредување дека „владините претставници имаат тенденција да имаат лош и понижувачки став кон новинарите“.
РБГ истакнува дека ВМРО-ДПМНЕ е одговорна за „зголемен број случаи на цензура и автоцензура меѓу новинарите“.
Последниот извештај на „Freedom House“ за 2025 година, насловен „Слободата во светот 2025“, покажува дека Македонија е делумно слободна земја.
Се констатира дека измените на Законот за аудиовизуелни медиуми, кои овозможуваат државни реклами во приватни медиуми, доведуваат до политичко влијание.
„Shadow report“ од јуни 2025 година открива дека преку 10 милиони евра се потрошени на политичка пропаганда.
Исто така, фабрикувањето лажни вести, вклучително и „deepfakes“ против опозицијата, е документирано во „Balkan Insight“ од септември 2025 година.
Во октомври 2024 година, новинари од „Balkan Insight“ биле заплашувани додека се обидувале да известуваат за протести на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
Институтот за медиуми (МИМ) во Годишниот извештај за 2025 година констатира дека се евидентирани 150 инциденти на притисок врз новинари. Во голем дел се поврзани со владејачката коалиција.
Извештајот на ОБСЕ за медиумите во Западен Балкан (декември 2025) наведува дека Северна Македонија е означена како „најголем ризик“.
Тоа е реалната слика за слободата на медиумите. Тоа е факт“.
Од СДСМ истакнуваат дека црните кампањи, јавниот линч и координираните напади кон партијата нема да ги премолчат.
„Ние ги разобличуваме сите форми на пропаганда и злоупотреба на медиумите, ќе реагираме и понатаму и ќе се бориме за слободата и демократијата“.
Македонија
ТИТАН Усје: Неоснованите напади само кон една компанија се неразбирливи – фабриката не работи, а загадувањето е високо
И покрај сите факти и докази кои потврдуваат дека компанијата работи согласно домашната регулатива и кои беа јасно потврдени од страна на релевантните институции, продолжуваат нападите кон ТИТАН Усје. Овие напади не само што се тенденциозни, бидејќи не се засновани на факти, туку на произволни толкувања, тие истовремено отвораат и дилема, од кои причини и мотиви неосновано „прстот“ се посочува само кон една компанија, која е значајна за националната економија, и додава нова вредност за вработените, за заедницата и за сите наши партнери. Што е најважно, овие напади ниту малку не придонесуваат кон изнаоѓање на решение за загадувањето во Скопје.
Дека компанијата не е причина за ваквите состојби, покрај другото, зборуваат и фактите од последните неколку дена. Имено, поради редовен ремонт двете печки не работат – едната од 20.12.2025 година, а втората од петокот на 16.01.2026 година. И покрај тоа што ТИТАН Усје целосно не работи, во петокот на 16.01. највисоката вредност на ПМ 10 честичките достигна 275 микрограми на кубен метар, во саботата (17.01.2026) – 250, во неделата (18.01,2026) – 143, во понеделникот (19.01,2026) – 190 и вчера, во вторник (20.01.2026) – 221 микрограми на кубен метар. Оваа состојба се потврдува секоја година.
ТИТАН Усје е компанија која не само што работи согласно законите и е носител на А-интегрирана дозвола, таа е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни преку неделни извештаи. Мерењата на оџаците во Титан Усје се одвиваат согласно законската регулатива која ја пропишуваат институциите и е усогласена со европските директиви. Дека нашето работење не е поврзано со состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје зборува и фактот дека и кога компанијата не работи, загадувањето е високо.
Како компанија која е дел од интернационална групација, ТИТАН Усје во континуитет инвестира во модернизација на технолошките процеси . Изминатите шест години инвестициите надминаа 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра беа наменети за намалување на влијанието врз животната средина.
Искрено веруваме во потребата од еднаков третман на сите ентитети во земјата и согласно принципот на владеењето на правото очекуваме нашето работење да се опсервира и оценува низ призмата на стручноста и законите, а не преку лични и паушални ставови.
Остануваме отворени за конструктивен дијалог со сите релевантни партнери во насока на изнаоѓање на трајно решение во интерес на сите, се додава во соопштението.

