Македонија
Вработените во Финансии ќе штрајкуваат по изборите ако министерот само на некои им го врати покачувањето на платата за 30 отсто
Вработените во Министерството за финансии, по изборите, ќе излезат на штрајкови и нема да ги работат предметите доколку министерот Фатмир Бесими не го потпише колективниот договор, со кој платите на сите вработени ќе се зголемат 30 отсто. Синдикатот денес му достави колективен договор на министерот и апелира до понеделник да го потпише за да не се прави дополнителен раздор меѓу вработените оти, според податоците на синдикалците, некои ќе добијат надополнување на платите од 30 отсто, а други вработени не.
„Потпишувањето на колективниот договор е единствено правично и праведно решение со кое повторно сите вработени ќе може да добијат надополнување на нивните плати. Тоа претставува единствено решение бидејќи средствата за исплата на надополнување се обезбедени и се наоѓаат на сметката на Министерството за финансии. Апелираме до министерот да не прави уште поголем раздор меѓу вработените бидејќи според нашите информации се говори дека на одредени раководни лица во Министерството целта им е да направат огромна дискриминација на начин што само некои од вработените ќе добијат надополнување на платата од 30 отсто, одреден дел ќе добие 15 отсто, а голем дел од вработените воопшто нема да добијат ништо иако за тоа се обезбедени средства во буџетот“, рече Бојан Трипуноски, генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

Трипуноски денес пред Министерството за финансии јавно побара министерот уште еднаш да ги заштити вработените на ист начин како што го направи тоа со членот 66 во Законот за буџетите, кој Уставниот суд го укина, а вработените го изгубија надополнувањето на платите од 30 отсто.
„Бидејќи Уставниот суд ја укина одредбата од член 66 став 3 од Законот за буџетите, во овој момент не постои никаква пречка за склучување на овој колективен договор. Доколку министерот не го потпише договорот, ќе ги искористиме сите достапни механизми како Синдикат. Наредниот период ќе биде изборен и нема да можеме да го искажеме својот револт, меѓутоа по завршувањетго на тој период, ќе организираме протести и ќе стапиме, пред сѐ, во штрајк“, најави Трипуноски и нагласи дека оваа одлука доаѓа по две недели штрајкови во декември, седум барања за средби со министерот и игнорирање на сите нивни предлози за решавање на проблемот.
Синдикалните претставници имале една работна средба, не со министерот туку со државниот секретар, на која им укажале дека чекаат официјално да ја добијат одлуката од Уставниот суд. Синдикатот ја добил одлуката минатата недела, па затоа одлучиле денес да му го достават колективниот договор на министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

