Економија
Бектеши ќе дели ваучери од 300 евра за одмор на семејства со примања до 50.000 денари, но ќе се користат надвор од сезона
Од понеделник во Министерството за економија за ваучер за одмор во вредност од 300 евра ќе може да се пријават семејствата чиј месечен буџет е 50.000 денари. Ваучерите ќе може да ги искористат во домашните угостителски објекти, кои се на листата на Министерството за економија, но надвор од сезона. Министерот Крешник Бектеши вели дека главна цел на оваа мерка е да им се овозможи одмор на лицата со ниски примања, а во исто време да им се помогне на туристичките центри да работат и надвор од туристичката сезона.
„За оваа мерка се обезбедени средства во износ од 64 милиони денари, или околу еден милион евра, за над 3.500 ваучери. Право на учество на јавниот повик имаат сите физички лица што се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето-приходот од 50.000 денари, што значи една просечна плата и една минимална плата. Потврдата за одмор на работници со ниски примања ќе може да се искористи надвор од туристичката сезона во угостителските објекти од листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб-страницата на Министерството за економија. Потврдата за одмор на работници со ниски примања ќе може да се искористи од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 1 декември 2024 година“, рече министерот Бектеши.
Тој ги повика семејствата со ниски примања да ги следат објавите на веб-страницата на Министерството, каде што ќе бидат објавени детали за потребната документација.
Од Министерството очекуваат овој повик да ги надмине предвидувањата и очекувањата оти од ковид-кризата оваа мерка придонела за континуирано зголемување на бројот на домашни и странски туристи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот поскапе на 61.710 евра, инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст
Биткоинот поскапе за 0,53 отсто на 61.710,57 евра денеска во 15:30 часот на најголемата светска берза за криптовалути Binance.
Вкупниот обем на тргување со биткоин во последните 24 часа изнесува 21,42 милијарди евра, што е значително повеќе од вчера.
Инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст на Биткоин.
Економија
Нови цени на дизелот и бензините од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,27 % во однос на одлуката од 16.5.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,601 %, кај дизелот 0,751 %, кај екстра-лесното масло 1,310 % и кај „мазутот“ намалувањето е 2,450 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,368 %.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се намалува 1,50 денар/л.
Малопродажните цени на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,306 денари/кг и сега ќе изнесува 42,629 денара/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 21.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар, објави Регулаторната комисија за енергетика
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар и најголем дел од стопанството добива електрична енергија од РЕС, објави Регулаторната комисија за енергетика.
РЕС (Renewable Energy Supply) сам држи речиси една третина од пазарот, а другиот дел го делат други 20 снабдувачи.
Во 2023 година РЕС продал 609.771 MWh електрична енергија или 28,84 % од вкупната енергија на слободниот пазар, а во снабдувањето на големите субјекти држи дури 34 % од пазарот.
Освен на големите потрошувачи, РЕС им дава исклучително поволни и поевтини понуди за снабдување и на малите потрошувачи и нивниот број во балансната група на РЕС постојано расте, особено од почетокот на 2024 година.
Компанијата во моментот бележи уште повисоки резултати и снабдува над 900 клиенти, со предвидена годишна количина од речиси 700.000 MWh електрична енергија.
РЕС е формиран 2022, а годинава се најде на листата на топ-100 компании со најголема добивка во 2023 година.
ПР