Економија
Реализирана исплатата на дополнителните субвенции за предадено јаболко, соопшти МЗШВ
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со информација за јаболкопроизводителите, дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните субвенции за предадено јаболко во откупен или преработувачки капацитет.
Вкупната исплата е во вредност од 203,3 милиони денари, исплатена до сметките на 1.955 земјоделски стопанства.
Како корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства, кои се корисници на мерката за оддржување на постоечки јаболкови насади, и кои оствареното производство на јаболка во период од 15 септември 2022 година – 15 мај 2023 година, го имаат предадено кај регистрирани преработувачки капацитети, или кај регистриран откупувач, запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.
Висината на директните плаќања по оваа мерка изнесува 3 денари по килограм.
Од 2023 година стартуваше новиот модел за субвенционирање, модел кој на земјоделците им гарантира брза и навремена исплата на субвенциите. Сите земјоделци на крајот од 2023 година добија авансна исплата на 30% од директните субвенции.
Сите јаболкопроизводители на крајот од 2023 година, ги добија авансните исплати на директните плаќања за оддржување на овошни насади и добија финансиска поддршка од 12.000 денари по хектар.
Поддршката за јаболкопроизводителите со нови мерки продолжува и во 2024 година, најавија од таму. Во програмата за финансиска поддршка на земјоделството е предвидена мерка, со која ќе бидат опфатени сите јаболкопроизводители, кои во периодот од 15 септември 2023 година – 15 јануари 2024 година, го имаат предадено своето производство во регистрирани откупувачки или преработувачки капацитети.
Според министерството, дополнително оваа година јаболкопроизводителите, како и сите земјоделци, добиваат 100% поддршка за зелена нафта. Пооддршката која од оваа година овоштарите за зелена нафта ќе ја добијат изнесува 12.000 денари по хектар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Битиќи: Доцни повратот на ДДВ, се враќа времето до 2016 година кога компаниите страдаа
За изненадување мое, но не и на јавноста, најочигледно после 7 години, оваа тема повторно станува важна како до 2016 година, а тоа се сценарија во коишто продолжуваат доцнењата на враќањето на законскиот рок за поврат на ДДВ за компаниите коишто е од елементарно значење. Затоа што враќањето на ДДВ за компаниите значи зголемена ликвидност и можност за инвестирање и на таков начин, освен што се исполнува законскиот основ, се исполнува и основната цел, а тоа е да служиш на стопанството за да можат да продложат да поттикнат економски раст и развој, рече денеска Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ.
„За жал, сценаријата од 2016 година, каде што компаниите молеа до власта за да се врати ДДВ после 6-7 месеци, сега повторно се случува истото и влегуваме во еден таков цилкус каде што веќе враќањето на ДДВ не се прави на начин каде што автоматски би требало да биде направено, туку има друг коишто ќе одлучува за сето тоа.
Ги охрабрувам тие коишто треба да постапат според законот, да го прават тоа затоа што стопанството го заслужува тоа во овие тешки моменти за заздравување на економијата и заслужуваат да им се помогне за нивната ликвидност“, изјави Битиќи.
Економија
(Видео) Битиќи: Со Законот за нефер трговски практики на СДСМ ќе поевтинат 2.500 производи
„Денес имаме причина да се гордееме! Законот за нефер трговски практики, кој беше подготвен од СДСМ и донесен на 13 март 2024 година, стапува на сила. Овој закон не е празна декларација, тој е конкретна мерка која ќе го заштити буџетот на граѓаните и ќе го намали самоволието на трговците и добавувачите. За првпат, создадовме системско решение со кое ќе ставиме крај на манипулациите со цените. Од денес ќе важат јасни правила и се става ред во односите меѓу трговците и добавувачите со прехранбени производи“, рече денеска на прес-конференција, Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ.
„Законот нема да ги наруши добавувачките ланци и нема да предизвика хаос на пазарот. Дадовме системски одговор на сите манипулации со кои беа оптоварувани граѓаните, а со тоа и нивниот животен стандард“, вели тој.
Битиќи објасни дека со овој закон се регулираат 26 нефер трговски практики, со кои над 2.500 земјоделски и прехранбени производи ќе имаат ограничени маржи од 10%. Тоа, според него, значи дека нема да има просторот за неосновано покачување на цените и создавање на дополнителни трошоци кои директно ги погодуваат семејните буџети.
„Граѓаните конечно ќе почувствуваат системска заштита од покачување на цените. Придобивките се јасни: поквалитетни и поевтини производи на пазарот, транспарентни деловни практики и крај на ситуацијата во која потрошувачите се принудени да плаќаат повисоки цени поради нечесни договори и шпекулации. Овој закон кој го подготви СДСМ е на страната на граѓаните! Денес, сакам да упатам јасен повик до сите трговци и добавувачи: почитувајте го Законот за нефер трговски практики! Почитувајте ги правилата и водете се од принципите на чесност и транспарентност. Овој закон е за доброто на сите нас – и трговци, и производители, и граѓани. Ги повикувам и надлежните институции да преземат проактивна улога и да го спроведуваат овој закон со максимална контрола и посветеност. Само на тој начин ќе го постигнеме она што го посакуваме – стабилни цени и заштита на економската сигурност на секое секој еден граѓанин“, изјави Битиќи.
Економија
Се одржа 52. сесија на Клубот на истражувачите
Во Народната банка се одржа 52. сесија на Клубот на истражувачите, платформа на Народната банка за презентација и разгледување научноистражувачки трудови и поддршка на научноистражувачката дејност во земјава.
На оваа сесија учесниците имаа можност да ја проследат презентацијата на трудот: „Дали платите го одразуваат растот на продуктивноста? − Споредба меѓу европскиот исток и запад“, од авторите Б. Треновски, Д. Глигорич, К. Кожески и Ѓ. Мерџан.
Сесијата ја отвори вицегувернерката Ана Митреска, која истакна дека Клубот на истражувачите како платформа за презентација и разгледување научноистражувачки трудови, придонесува кон поттикнување на истражувачката активност и подигнување на квалитетот на макроекономските истражувања во земјата.
Секој од трудовите обработува актуелни теми, коишто се одликуваат со оригиналност и опфаќаат области коишто се исклучително важни, со што се придонесува за збогатување на научноистражувачката литература и се отвора простор за натамошни истражувања.
Во трудот „Дали платите го одразуваат растот на продуктивноста? − Споредба меѓу европскиот исток и запад“, се заклучува дека во повеќето земји од истокот на Европа, просечниот раст на компензацијата на работниците го надминува просечниот раст на продуктивноста на трудот, додека кај повеќето од западните земји ситуацијата е обратна, односно продуктивноста на трудот расте побрзо од компензацијата на работниците. Сепак, во трудот се посочува дека само кај еден дел од западните земји постои позитивна и статистички значајна врска помеѓу зголемувањето на продуктивноста и компензацијата, односно зголемената компензација придонесува за поголема продуктивност на трудот. Кај земјите од источна Европа, постои слаба и недоволна поврзаност помеѓу продуктивноста на трудот и компензацијата на работниците, односно порастот на платите не се одразува со подобрена продуктивност на трудот. Авторите заклучуваат дека е потребна поголема посветеност на факторите што ја зголемуваат продуктивноста на работниците (образование, вештини, здравје), за да се избегне негативното влијание на зголемувањето на компензацијата врз економската конкурентност.
По завршувањето на презентацијата, беше отворена дискусија помеѓу учесниците на сесијата.
Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за поднесување труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели. Зачленувањето во Клубот е од отворен карактер и може да се направи преку барање за членство на следнава електронска адреса: [email protected].
Следната сесија ќе се одржи во декември годинава.