Македонија
Не се знае кој е луд а кој збунет во Владата: Милошоски прашува дали двајцата министри од проевропски станале прокинески

„Јас најпрво би сакал да изразам едно изненадување што техничкиот премиер Талат Џафери почнал да следи социјални мрежи. Речиси и да немаше интервју во кое што тој не потенцираше дека тој не е фејсбук политичар, тој не е твитер политичар, нема фејсбук, нема твитер, не следи социјални мрежи итн. Сега гледаме одеднаш забележал како двајца министри во неговата Влада објавиле статуси на ФБ кои што не му се допаѓаат на техничкиот премиер“, истакна Антонијо Милошоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Милошоски му честита на техничкиот премиер што напреднал и започнал да ги следи социјалните објави на политичари.
„Првата работа што сакам да ја потенцирам дека во оваа Влада која што себеси се нарекува европски фронт не се знае денес кој е луд, а кој е збунет. Оваа Влада се нарекува европски фронт, но очигледно е дека е фронт на корупција и криминал. Фронт во кој што се борат секој за својата позиција и секој за повеќе тендери“, нагласи пратеникот.
„До пред десет дена господинот Џафери беше убеден дека овие двајца министри се најдобриот избор за тие министерски позиции. Не поминаа ни десет дена, а сега го примаме ова како иницијатива за разрешување врз основа на објавени ФБ статуси. Да биде уште поконтраверзно тој самиот напомена дека не гледа некакви суштински забелешки во работата на овие министри кои што ги предлага за разрешување“, укажа Милошоски.
Милошоски посочи дека затоа прашањето е дали за десет дена овие министри од проевропски станаа проруски.
„Дали од проевропски станаа прокинески? Дали овие министри од проевропски станаа протурски? Или можеби станаа проавстралиски? Не знаеме во европскиот фронт кој која страна ја има фатено, каква грешка има направено, и што е тоа што ги обединува овие луѓе во власта“, запраша пратеникот.
„Но, тоа што го забележуваме е дека во власта досега ги обединувале тендерите, набавките, корупцијата и провизиите. На првата кавга кога забележаа дека постои реална основа оваа власт да падне и да биде сменета тогаш стравот почна да ги разединува токму затоа што ќе го изгубат она што ги обединуваше, а тоа се тендерите, набавките, корупцијата и провизиите“, рече Милошоски.
Пратеникот напомена дека во оваа кавга на Артан со Таравари, и во ова танго на Талат со Зијадин Села за жал Ковачевски и СДСМ се уште се само неми статисти.
„СДСМ не само што не е прва, во моментов не е ни втора партија во Владата. Во моментов во Владата се води политичка битка помеѓу ДУИ и Алијанса, а СДСМ е само спотер кој што притиска зелено или црвено копче зависно од тоа каква порака ќе примат од Артан Груби во вибер групите за политички насоки и дејствувања“, нагласи тој.
Милошоски додаде дека се увиде дека Артан Груби им праќал пораки на директорите на Клинички центар за да земат боледување и да не бидат разрешени.
„Замислете еден вицепремиер во Владата кога на директорите им дава упатство да не ги слушаат одредбите на министерот, да не ги почитуваат неговите одлуки. Тоа е директен повик за беззаконие“, истакна пратеникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денешниот есенски ден ќе биде со сончеви периоди

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а в долж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните делови ќе има услови за локален слаб дожд, информираа утрово од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.
Македонија
(Видео) Разрешениот директор на Неврологија кој е снимен како “меша бело“ се извини и вели дека имал момент на слабост

Разрешениот директор на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски, за кого на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како меша бела прашкаста материја, вчера на Фејсбук упати извинување и искажа длабоко каење за своите постапки.
„Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови. Се повлекувам од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои заедно ги постигнавме со мојот тим за краток период. Се извинувам на сите кои ги разочарав, и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата“, напиша Кузмановски.
По објавувањето на видеото на социјалните мрежи, денеска министерот за здравство Азир Алиу донел решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, посочија од Министерството.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера соопштија дека ја поддржуваат одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен, и бараат институциите да постапат во согласност со законот и утврдените процедури.
„Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури. Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности. Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Осомничениот раководител во РЕК доби затворски притвор, куќниот е укинат поради можност за бегство

Предлогот на Основното јавно обвинителство Битола е прифатен од Кривичниот совет на Основниот суд во Битола и на осомничениот сопственик на правното лице „Марковски компани“ му е определена мерка притвор, соопшти ЈОРСМ. Со ова, како што се наведува во информацијата, е уважена жалбата и аргументите изнесени од битолското обвинителство, особено во поглед на ризикот од бегство на осомничениот, и е преиначена одлуката на судијата на претходна постапка.
ОЈО Битола уште не е известено за одлуката по поднесената жалба на мерката куќен притвор за осомничениот раководител во РЕК, посочуваат од ЈОРСМ.
Битолското обвинителство вчера поднесе жалба за одлуката на Судот, со која се предвидуваше двајца од осумте осомничени во истрагата за злоупотреби со јавните набавки во РЕК „Битола“ да одат во куќен притвор. Од Обвинителството од Битола бараа мерка затворски притвор, а како причина за тоа се наведуваа ризици од бегство на осомничените. Притвор се бараше за еден од раководителите на Рудници во РЕК „Битола“ и за Борче Марковски, сопственикот на фирмата „Марковски компани“, која претходно ги добивала тендерите во Комбинатот и која како правен субјект се сомничи во случајот. Судот ја преиначи одлуката и одреди мерка притвор за Марковски.
Како што претходно информираа од ОЈО Битола, надлежниот јавен обвинител не се согласи со одлуката на Судот, имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, посебно што Марковски има значителен имот во друга држава. Од тие причини Обвинителството вложи жалба на одлуката на Судот и бара мерка затворски притвор.
На ваквата одлука на битолскиот суд реагирааше ВМРО-ДПМНЕ, од каде сметаат дека ваквиот потег е срамен, потенцирајќи дека нема да дозволат, како што велат, судството на СДСМ и ДУИ да ги ослободува криминалците.
– Срамна одлука на Судот, газдата на Марковски компани со стотици милиони местени тендери во РЕК наместо во затворски притвор, доби куќен притвор. Газдата на Марковски компани е фатен инфлагранти како испумпува пари од РЕК со документи и докази е заштитен од судот на СДС и ДУИ. Газдата на Марковски компани мора да каже каде завршија милиони евра од тендерите, дали крајна дестинација биле фирми на Заеви во Бугарија и Дубаи, дали со тие пари е финансирана СДС и дали со тие пари се купувани други бизниси на Заеви?, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО ДПМНЕ.
Јавното обвинителство донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.
Петмина службени лица во РЕК Битола, меѓу кои тогашниот директор на Комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, се сомничат дека во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ така што не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола.
Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во правното лице ДТПУ Марковски Компани се сомничат дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконски наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство“.
Со предистражните дејствија кои, како што информираа од Обвинителството, по наредба на јавниот обвинител ги преземала Управата за финансиска полиција во изминатите неколку месеци, се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.