Македонија
Ковачевски од Панелот на Фридрих Еберт: Гласот за СДСМ на изборите е глас за европска иднина на државата
Постои позитивен моментум за проширување на Европската Унија што доаѓа од високи претставници на Унијата и сакаме да бидеме меѓу оние земји што ќе се приклучат порано. Значајната и недвосмислена поддршка од СР Германија и посебно од канцеларот, Олаф Шолц, за брза интеграција на Северна Македонија и на целиот Западен Балкан во ЕУ, како и изјавите на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, но и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, предизвикаа посебен интерес, бидејќи се повик за пристапување во ЕУ до 2030 година, по приклучувањето на Хрватска во 2013 година, констатираше вечерва претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
„Зборуваме, не само за интеграција сама по себе, туку и за градење економска перспектива, градење социјална правда и градење демократија“, порача претседателот Ковачевски.
Претседателот на СДСМ зборуваше за актуелни прашања за државава, регионот и ЕУ, на Панел-дискусијата што се реализира вечерва во Скопје, во организација на германската фондација Фридрих Еберт, на тема „Прогресивни политики – одговор на предизвиците на земјите од Западен Балкан“.
Претстојните избори во Северна Македонија, како што порача Ковачевски, се од особено значење бидејќи тие ќе го одредат курсот на земјата за претстојната деценија – дали државата ќе влезе во ЕУ или граѓаните уште многу години ќе останат во темнина.
Верувам, рече Ковачевски, дека нашите граѓани ја препознаваат оваа историска можност за Северна Македонија, во однос на напредокот и членството во ЕУ и ќе дадат поддршка да ја формираме и следната проевропска влада. Одложувањето на преговорите со ЕУ го става во застој и реформскиот процес според стандардите на ЕУ. Гласот за СДСМ на изборите е глас за европска иднина на државата, рече Ковачевски.
„Она што го имаме денес, денес имаме земја која мина низ најголемата пандемија, економска и енергетска криза во изминатите 4 години. Се воведоа и дадоа ефект јасни социјалдемократски политики“, нагласи премиерот Ковачевски, додавајки дека минималните плати се 100% повисоки, пензиите за 50% повисоки, просечната плата 60% повисока, стапката на невработеност од 24% се искачи на 12,8%, инвестициите се над 600 милиони евра, невработеноста кај младите се намали од 44% до 24%, а државата стана членка на НАТО и почна преговори со ЕУ после 17 години.
На Панел-дискусијата се разговара и за предностите на социјалдемократските политики, како и за последиците од националистичките политики.
Во таа насока, претседателот Ковачевски оцени дека единствената движечка сила и кохезивен фактор на регионот е интеграцијата во ЕУ, бидејки војната во Украина покажа дека борбата за европските вредности не е завршена. И таа борба, како што нагласи, е подеднакво важна и за Западен Балкан.
Ковачевски оцени и дека на национализмот и обидите за отворање конфликтни прашања дома и во регионот, Владата предводена од СДСМ одговори со разум, дијалог и компромис а резултатите се стабилна држава и добрососедски односи.
Социјалдемократијата, прогресивните политики, социјалната инклузија и регионалната соработка се најдобриот одговор на национализмот, корупцијата и автократијата, порача претседателот на СДСМ, Ковачевски и додаде дека колективна одговорност на прогресивните, социјалдемократски сили во регионот и во Европа е да работат заедно за посилна и пообединета Европа.
На вечерашната Панел-дискусија во Даут-пашиниот амам се присутни и зборуваат и претседателот на Социјалдемократската партија на Германија, Ларс Клингбеил, потретседателката на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), Радмила Шекеринска и социјалдемократски лидери на партии од регионот: Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.

