Македонија
Бочварски: Преку 180 локални улици реконструиравме во општините

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалниците на општините Јегуновце, Желино, Центар Жупа, Зрновци, Кочани, Велес, Чашка и Дебрца, денеска ги потпишаа договорите за реконструкција на локални улици во истите општини.
Договорите опфаќаат реконструкција на 14 локални улици во општините како дел од проектот за изградба и реконструкција на локалните улици и патишта, што се реализира преку Министерството за транспорт и врски со вкупна инвестиција од 70 милиони евра.
„Драго ми е што Министерството за транспорт и врски во континуитет ги поддржува општините. Преку реконструкција на улиците и урбаниот развој на општините уште еднаш излегуваме во пресрет на граѓаните и создаваме услови за подигнување на животниот стандард. Директно ги помагаме општините, ги подигнуваме капацитетите и сакам да истакнам дека поддршката продолжува и во следниот период. Преку овој проект исто така ја подигнуваме безбедноста во сообраќајот и го стимулираме локалниот економски развој. Гледаме партнер во сите општини, се со цел да ги подобриме условите за живот на граѓаните. Ова е проект кој го реализираме преку Министерството и сакам да појаснам дека ова се улици кои самите општини ги избираат, а ние само ги тендерираме и драго ми е што средствата ги алоцираме во вистинска насока, за граѓаните.“ – изјави министерот Бочварски.
Во рамките на овој проект, Министерството за транспорт и врски до сега реконструираше преку 180 улици во над 70 општини.
Според планираната динамика се очекува до месец јуни да се распишат јавни повици за реконструкција на уште 70 улици за кои општините веќе аплицираа во Министерството за транспорт и врски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Живалево – Туралево

Од 06:45 часот сообраќајот на патниот правец село Живалево – село Туралево е нормализиран, извести АМСМ.
Од 05:00 часот, поради одрон, сообраќајот на тој патен правец беше во прекин и се одвиваше наизменично, по една коловозна лента.
Македонија
Одрон на патниот правец Живалево – Туралево, сообраќајот се одвива по една коловозна лента

Од 05:00 часот на патниот правец село Живалево – село Туралево има одрон, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.
Во 03:40 часот се укинува забраната за тешки товарни возила према превој Стража, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно и студено со повремени врнежи од дожд, на некои од повисоките места дожд и снег

Променливо облачно и студено со повремени врнежи од дожд, на некои од повисоките места од дожд и снег, а на планините повремен снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се движи во интервал од 2 до 7 степени, а максималната ќе биде во интервал од 4 до 11 степен.
Во Скопје, облачно и студено со врнежи од дожд, а на повисоките места од котлината со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти со 3, а максималната ќе достигне 7 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност нашата држава е зафатена од студен бран кој доаѓа од северните делови на континентот. Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 50 l/m² дожд. Денес на планините врнежите ќе преминуваат во снег, при што ќе се формира значителна снежна покривка. Поради натамошно спуштање на студен воздух, ќе има услови врнежите од дожд да преминуваат во снег и на некои од повисоките населени места. За време на викендот времето ќе биде стабилно со ниска утринска температура, а дневната ќе биде во благ пораст.