Македонија
МЗШВ: Исплатени 283,4 милиони денари субвенции кон 9.623 сточари
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализира исплатата на директните плаќања од програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2024 година за обележани женски грла говеда, обележани грла овци и обележани грла кози.
Вкупната исплата која е реализирана изнесува 283,4 милиони денари кон вкупно 9.623 сточари.
Како корисници на субвенциите за обележани женски грла говеда се јавуваат земјоделските стопанства што имаат пријавено женски грла, кои имаат наполнето 12 месеци на денот на поднесувањето на барањето. Финансиската поддршка за оваа мерка изнесува 76 милиони денари до 6.342 корисници.
Кон 2.194 огледувачи на овци се исплатени 191,9 милиони денари финансиска поддршка за земјоделските стопанства, кои имаат пријавено минимум 30 грла овци постари од 12 месеци на денот на поднесувањето на барањето.
Кај огледувачите на кози е исплатена финансиска поддршка од 15,4 милиони денари со која се опфаќаат 1.087 корисници. Основ за добивање на оваа финансиска поддршка се пријавени минимум 10 грла кози кои имаат наполнето 12 месеци на денот на поднесувањето на барањето.
До почетокот на месец март сточарите ќе ги добијат и дополнителните 70% од основните субенции, кои се однесуваат на предадено производство во регистрирани преработувачки капацитети, млекарница или кланица. АФПЗРР веќе активно работи во подготовка на податоците за исплата на дополнителните 70% од субвецниите за сточарите.
Дополнително сточарите, кон крајот на 2024 година како и другите земјоделци повторно ќе добијат авасни 30% за субвенции за оваа тековна 2024 година.
На крајот од 2023 година ја реалзииравме и до сега најголемата исплата на премиите за произведено и предадено млеко за 7 месеци, односно фазите октомври – декември 2022 година и јануари-април 2023 година. До сметките на 4.311 млекопроизводители исплатени беа 277,9 милиони денари. Вредноста на премијата изнесува 5 денари за литар произведено и предадено кравјо млеко и 6 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко.
Сточарството е нашиот главен фокус оваа 2024 година. Креиравме многу нови мерки за поддршка на сточарите и со право оваа 2024 година велиме дека е година на сточарството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На предлог на Филипче, оставки поднесе раководството и сите членови на Извршниот одбор во СДСМ
На денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, на предлог на претседателот Венко Филипче, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор поднесоа оставки.
Оставките се поднесени до Централниот одбор на партијата и до претседателот Филипче, кој го води процесот на внатрешни реформи во СДСМ.
„Со овој одговорен и морален чекор раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ“, велат од партијата
На една од наредните седници на Централниот одбор, претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата а за функциите, како што велат од СДСМ, ќе се бираат најкомпетентни личности.
Македонија
Полицијата од Охрид учествуваше на вежба за авион со запален мотор на охридскиот аеродром
Полициски службеници од СВР Охрид и граничната полиција при Регионалниот центар „Запад“ денеска учествуваа на симулирана показна вежба „Воздухоплов со запален мотор на полетување“, која се одржа на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Полициските службеници ги вежбаа и ги спроведоа предвидените мерки согласно безбедносните протоколи и постапија по планот за реакција и поддршка при безбедносни инциденти на воздухоплов. Целта на вежбата беше подигнување на степенот на оперативност и ефикасност на сите служби, ажурирање на координативните мерки и унапредување на меѓусебната комуникација во услови на авионски инцидент.
Во вежбата учество зедоа ТАВ „Аеродром“ – Охрид, АКЛ, противпожарни екипи од ТАВ и ТППЕ Охрид и Струга, медицински тимови од ТАВ, амбулантите во Охрид и Струга и Црвениот Крст.
Вежбата заврши успешно, со покажана висока ефективност во реализацијата на предвидените безбедносни мерки, велат од СВР Охрид.
Македонија
Карпош: Советот ја продолжи суспензијата на дел од ДУП за Градска четврт З 08 за уште шест месеци
Советниците од Карпош едногласно ја поддржаа Одлуката за продолжување на суспензијата на одредени делови од Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Станува збор за градежните парцели 1.39, 1.48, 1.49, 1.53 и 2.1 од гореспоменатиот ДУП, кои се наоѓаат на потегот меѓу бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, бул. Партизански Одреди и бул. 8-ми Септември.
На овој начин всушност продолжува времетраењето на суспензијата, но не подолго од шест месеци од денот на стапување на сила на оваа Одлука. Во случајов, продолжувањето на суспензијата се врши бидејќи не е завршена постапката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Како што е прецизирано во Член 4, оваа Одлука престанува да важи по истекот на шест месеци од денот кога започнала да се применува, освен ако претходно не биде донесен изменетиот и дополнетиот Детален урбанистички план.
Советниците од Карпош постигнаа консензус околу Предлог – Решенијата за именување, поточно за верификација на членови од Советот за формирање на Комисите за доделување на еднократна парична помош и за доделување на финансиска поддршка на проекти од областа на детска, социјална и здравствена заштита за 2025 година. Со истата динамика беше изгласано Предлог – Решението за именување и верификација на членови на општинскиот Совет, во Комисијатаод областа на образованието за 2025 година.
Советот даде „зелено светло“ и за двете Предлог – Одлуки со кои основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“ ќе прифатат движни ствари на трајно користење без надомест, кои им ги доделува Министерството за образование и наука. Имено, двете основни училишта од Карпош ќе добијат на користење интернет поставки (инсталации), кои ќе бидат искористени за нивните потреби. Со одлука на Советот, поддршка доби и Одлуката за прифаќање донација од Трговско друштво за проектирање, инженеринг и консалтинг ПРИМА ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ – Скопје. Донацијата е во вид на изработка на Елаборат за отстранување на постојна градба – (Детската градинка „Пролет 2“ во населбата Козле), а висината на донацијата изнесува 30.000 денари.
Советниците ја поништија Одлуката за давање согласност за учество на Општина Карпош во проектот „Oпштините како двигатели за одржливиот развој“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

