Економија
Почна изградбата на обиколницата кај Тетово
Во близина на населеното место Требош, денеска, се означи почетокот на градежните работи за изградба на обиколницата кај Тетово.
На настанот присуствуваа претседателот на Владата, Талат Џафери, заедно со членови на Владата, директорот на ЈП за државни патишта, градоначалници, пратеници и граѓани.
Инвестицијата е вредна 12,2 милиони евра, во првата фаза ќе се гради обиколница од 5,4 километри со две ленти по три метри од клучката кај Требош до Непроштено. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски истакна дека овој проект е од огромно значење за сите жители на Полошкиот Регион.
„Изградбата на оваа обиколница несомнено е проект со кој ќе го забрзаме економскиот развој на регионот, ќе го растовариме сообраќајот и ќе го олесниме пристапот на многу компании што работат во овој дел на државата. Оваа инвестиција од над 12 милиони евра е значаен придонес за развој на патната мрежа во Северна Македонија, но верувам дека ќе биде огромно олеснување за сите граѓани од Тетово, Желино, Теарце, Јегуновце и сите други од Полошкиот Регион. Над 2 милијарди евра инвестираме само во изградба и модернизација на целокупната патна мрежа во земјата. И ова за нас како ресорно министерство е од исклучително значење во спроведувањето на националните транспортни политики“, изјави Бочварски.
Министерот за финансии Фатимр Бесими во своето обраќање истакна дека капиталните инвестиции во континуитет се зголемуваат.
„Промовираме проекти со кои создаваме европски услови и квалитет на живот. Проекти со кои обезбедуваме побрз транспорт за граѓаните и бизнисот, безбедност во сообраќајот, почист воздух и друго. Проекти со кои Европа ја создаваме овде дома. Изградбата на обиколницата кај Тетово е само дел од поголемата слика сочинета од инфраструктурни проекти од 2,4 милијарди евра за кои има активни договори со меѓународните финансиски институции и дел од капиталните расходи кои се предвидени во буџетот и кои постојано растат. Во 2019 година тие изнесуваа 290 милиони, во 2020 година 260 милиони евра, минатата година се зголемија на ниво од 708 милиони евра, а годинава се на историско највисоко ниво од 735 милини евра“, рече Бесими.
Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, потенцира дека овој проект се реализира со средства од буџетот на јавното претпријатие.
„Денеска сме тука да го одбележиме почетокот на изградба на обиколницата кај Тетово преку клучката Требош. Овој важен инвестициски проект е во вкупна вредност од 12,2 милиони евра, средства обезбедени од буџетот на ЈПДП. Предвидени се да се изградат 5,4 км пат, односно обиколницата ќе има по две коловозни ленти од двете страни во ширина од вкупно 6,6 метри. Исто така, од двете страни на патот ќе има паралелни тампонски сервисни патишта по целата должина на делницата со ширина од речиси 3 метри. Рокот за изградба е 15 месеци, односно во мај 2025 година треба да заврши изградбата на првата фаза. Паралално со изградбата на првата фаза се проектира втората, а тоа е изградба на клучката Требош“, истакна Рустеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

