Македонија
Пендаровски во посета на Стопанската комора на северозападна Македонија: презентиран економскиот манифест за забрзан развој

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети Стопанската комора на северо-западна Македонија и оствари средба со претседателот на комората, Менди Ќура, со членовите на Управниот одбор, како и со претставници на компаниите – членки на комората.
Во рамки на посетата, пред претседателот Пендаровски за прв пат беше презентиран Економскиот манифест за забрзан развој, документ изработен од органите на комората во соработка со академски институции. Манифестот дава преглед на економските текови на државата од нејзиното осамостојување и овозможува да се идентификуваат досегашните пропусти. Тој, истовремено претставува водич за преземање на натамошни чекори за економски раст и развој, а ги посочува и неопходните реформи за поефикасни институции.
Пендаровски ја поздрави изработката на Економскиот манифест, посочувајќи дека е особено важно да се лоцираат приоритетните области во кои треба да се насочи фокусот во следниот период, и ги поддржа напорите на комората за поттикнување на нови инвестиции, нови работни места и одржлив економски раст и развој на државата. Истакнувајќи дека бизнисот бара предвидливост, правна сигурност и извесност, претседателот Пендаровски посочи дека земјата, и во наредниот период, треба да го продолжи патот кон членство во Европската Унија.
Во дискусијата со претставниците на компаниите кои членуваат во комората, беа разменети мислења и за предизвиците и проблемите со кои се соочува бизнис заедницата со оглед на актуелните економски и политички случувања, како и за потребата од поголема вклученост во подготовка на законските решенија коишто директно го засегаат бизнис секторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.