Македонија
Возачките и сообраќајните ќе бидат бесплатни, иселениците нема да плаќаат за патните листови, најави Битиќи
Вицепремиерот Фатмир Битиќи информира дека на денешната владина седница било донесена одлука возачките и сообраќајните дозволи, кои треба предвремено да се сменат, да бидат без надомест.
„За сите возачки дозволи задолжено е Министерството за внатрешни работи и тие да бидат без надомест“, истакна тој.
Митко Бојмацалиев, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, рече дека бесплатни ќе бидат возачките и сообраќајните дозволи и дека одлуката е веќе потпишана.
Бојмацалиев дополни дека сите вработени во МВР, кои работеле на документите за викендите и празниците, утре на своите сметки ќе добијат уште една плата.
Битиќи, пак, соопшти дека Владата донела одлука и патните листови за иселениците, кои инаку чинеа 30 евра, да бидат бесплатни.
„Вториот заклучок е поврзан со МНР, а тоа е дека ќе преземе активности за издавањето на патните листови за сите што се надвор тој да биде бесплатен. Дополнително, МНР е задолжено да преземе активности соодветно каде што нема дипломатско-конзуларни претставништва патните листови да се испраќаат по пошта и тоа да се прави онлајн за да немаат граѓаните дополнителни трошоци“, рече Битиќи.
Битиќи додаде дека во наредниот период ќе се бара решение како да им се надомести на оние граѓани што платиле за нови документи, а во меѓувреме повторно платиле за предвремено да ги подигнат со новото уставно име.
Според него, тие се дискриминирани.
„Искрено, тие се дискриминирани, оние што биле совесни и постапиле во согласност со законските измени, поднеле навреме барања за возачки и патни исправи. Мислам дека треба да се најде начин да им се одолжиме што биле совесни граѓани. Има одредени работи, кои, за жал, ги забораваме. Бевме во период на ковид-криза, во која, најверојатно, издавањето патни исправи не беше прва нужност. Не знам колку од нашите сограѓани мислеа на патување. Мислам дека првите патни исправи се издавани во јули 2021 година и можеби во овој период требаше поголема медиумска кампања“, додаде Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

