Свет
Бајден: Неусвојувањето на пакетот помош за Украина ќе му биде од корист на Путин
Американскиот претседател Џозеф Бајден ги повика претставниците на Републиканската партија во Претставничкиот дом на Конгресот итно да го стават на гласање пакетот помош за Украина, Израел и Тајван, вреден 95,3 милијарди долари, предупредувајќи дека отфрлањето на тој закон ќе влијае и ќе му оди на прилог на рускиот претседател, Владимир Путин.
Бајден рече дека поддршката за тој нацрт-закон, кој утрово беше усвоен од Сенатот, горниот дом на Конгресот, претставува „спротивставување на Путин“, пренесува „Асошиетед прес“.
„Историјата гледа. Сега не можеме да се скриеме. Токму на ова се обложува Путин“, рече Бајден на прес-конференција во Белата куќа.
Иако пакетот помош доби огромна поддршка во Сенатот утринава, неговото усвојување во Претставничкиот дом е неизвесно бидејќи се противат републиканците блиски до поранешниот американски претседател Доналд Трамп, критичар на поддршката за Украина.
Поддржувачите на помошта за Киев предупредуваат дека западното напуштање на Украина може да го охрабри Путин и да ја загрози безбедноста во светот.
Бајден исто така рече дека влогот за американската безбедност претходно бил голем и дека претходните денови станал уште поголем бидејќи Трамп на предизборниот митинг во саботата испратил „опасна и неамериканска порака до светот“.
Изјавата на Трамп дека нема да ги заштити оние членки на НАТО што не издвојуваат два отсто од својот домашен бруто-производ за одбрана и дека ќе ја охрабри Русија да им прави што сака Бајден ја оцени како „глупава, недостојна, опасна и антиамериканска наведувајќи дека „најлошото е што тој (Трамп) навистина го мисли тоа“.
„Кога Америка ќе даде збор, тоа значи нешто. Кога се обврзуваме, се држиме до тоа. Трамп не го гледа НАТО како сојуз што ги штити Америка и светот, туку како товар. Тој смета дека НАТО е систем за рекетирање. Тој не разбира дека НАТО се заснова на суштинските принципи на слобода, безбедност и суверенитет“, додаде Бајден.
Бајден рече и дека претседателот на САД „никогаш во историјата не се поклонил пред руски диктатор“.
„Нашите противници долго време се обидуваат да направат пукнатини во алијансата. Најголемата надеж на сите оние што ѝ сакаат штета на Америка е НАТО да се распадне. Можете да бидете сигурни дека тие навиваа слушајќи го Доналд Трамп“, рече Бајден.
Изјавата на Трамп, кој често ги критикува членките на НАТО, кои не ги почитуваат нивните обврски во однос на распределбата на средствата за одбрана, предизвика остри реакции во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп за апсењето на Ендрју: „Мислам дека тоа е срамота, многу е тажно“
Американскиот претседател Доналд Трамп го коментираше апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор, оценувајќи дека станува збор за срамота за британското кралско семејство.
„Мислам дека тоа е срамота. Многу е тажно. Тоа е толку лошо за кралското семејство. Навистина ми е многу, многу тажно“, изјави Трамп.
Тој изрази жалење и за последиците што случајот може да ги има врз кралот Чарлс III, за кого рече дека е фантастичен човек и дека наскоро треба да ги посети САД.
На прашање дали слични апсења може да се случат и во САД, Трамп избегна директен одговор и повтори дека е целосно ослободен од каква било вина поврзана со случајот на Џефри Епстин.
„Јас сум на некој начин експерт за тоа бидејќи сум целосно ослободен од обвиненијата“, рече Трамп, додавајќи дека аферата била искористена за да му се нанесе политичка штета.
Свет
Поранешниот принц, Ендрју, пуштен од полициски притвор, но и натаму под истрага
Ендрју Маунтбатен-Виндзор е ослободен од полициски притвор по неговото апсење под сомнение за злоупотреба на јавната функција.
Поранешниот принц беше приведен од полицајците за време на рација во 8 часот наутро во неговиот нов дом во Вуд Фарм, на имотот Сандрингем, објави „Дејли Меил“.
Полицијата појасни дека истрагата против Ендрју е во тек, иако тој е ослободен.
Поранешниот војвода од Јорк беше уапсен во врска со наводите дека му пренел чувствителни информации на осудениот финансиер и педофил, Џефри Епстин додека дејствувал како трговски претставник на британската влада.
Братот на Ендрју, кралот Чарлс III, не бил однапред предупреден за апсењето, се дозна денес. Тој изјави дека „законот мора да се почитува“ и повика на „фер судење“.
Свет
(Видео) Трамп за претседателот на Парагвај: Млад и згоден, но јас сакам жени
Денеска беше одржан првиот состанок на Одборот за мир на Доналд Трамп, на кој говореше и американскиот претседател. Покрај заканите упатени до Иран и планот за Газа, тој го коментираше и физичкиот изглед на 47-годишниот претседател на Парагвај, Сантијаго Пења.
„Млад, згоден човек. Секогаш е убаво да се биде млад и згоден. Тоа не значи дека мора да го сакаме. Не сакам млади, згодни мажи. Сакам жени. Мажите воопшто не ме интересираат“, рече Трамп.
Trump: Young, handsome guy. Always nice to be young and handsome. Doesn’t mean we have to like you. I don’t like young, handsome men. Women I like. Men I don’t have any interest. pic.twitter.com/E7P1qhExyp
— Acyn (@Acyn) February 19, 2026
За време на основачкиот состанок во Вашингтон, Трамп испрати и порака до Иран дека мора да постигне „суштински договор“ за запирање на својата нуклеарна програма или, како што рече, „ќе се случат лоши работи“.
Тој додаде дека други земји веќе придонеле со повеќе од седум милијарди долари за помош за Газа во рамки на иницијативата на Одборот за мир.

