Македонија
„Речиси 14 милиони евра ќе потроши власта само за војниците што ќе го ‘бранат’ НАТО“, вели партијата Левица
„Квислиншката Влада на СДС-ДУИ продолжува со својот поданички однос кон воено-империјалистичката организација на НАТО! Од година во година сé повеќе народни пари владата „подарува“ за НАТО. Дополнително ова е проследено со зголемување на бројот на македонски војници во борбени групи и мисии на НАТО ширум светот, кои ги ризикуваат нивните животи за интересите на туѓи држави и моќници, вовлекувајќи ја државата во непотребни конфликти!“, велат од партијата Левица.
„Во Годишниот извештај на Владата за учеството на припадниците на Армијата во НАТО мисии и операции за 2023 година потенцирана е заложба за зголемување на буџетот за НАТО, иако тој истиот веќе надминува 2% од БДП, односно вртоглава сума од 300 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА НАТО годишно.
Згора на тоа, во извештајот се открива и дека државата преземена заложба да испрати дополнителни стотина припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мисии и операции на НАТО во Ирак, Летонија, Косово и други региони.Ова значи дека само за учеството во мисиите на НАТО на македонските војници Република Македонија во 2024 година ќе одвои над 13.7 МИЛИОНИ ЕВРА!
Додека ги финансираме воените екскурзии на Западот и испраќаме наши војници да учествуваат во истите, квислиншката Влада истовремено работи жестоко против националните интереси донирајќи оружје на странски држави во повеќе од 8 наврати досега и приреди разоружување на Република Македонија и непотребно ја претвори во индиректен учесник на воен конфликт.
Левица принципиелно се залага за итно отчленување од НАТО-пактот и безусловно повлекување на сите безбедносни сили на Република Македонија од воените мисии во странство! Во земја чие здравство е руинирано, пациенти оставени без лекови, образование без учебници… недозволиво е да се трошат народните пари за туѓи империјалистички интереси“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Владата и стопанските комори против зголемувањето на минималната плата
Изземајќи се од одговорност, Владата цврсто стои на страна на работодавачите и повеќе од година и пол, во услови на енормна инфлација, ја држи минималната плата замрзната, обвини Левица.
Од партијата велат дека Економско социјалниот совет е окупиран од Стопанската комора и Владата и функционира како подружница на олигархијата.
„Со немањето слух за барањата на работниците и синдикатите, „третата економија во Европа“ продолжува да го стимулира иселувањето на младите, коешто се обидува да го надополни преку увоз на „странски работници“. Додека соработниците на Мицкоски носат одлуки за покачување на сметките за струја, вода, парно, комуналии, детски градинки, здравствени услуги и дозволуваат неконтролирана инфлација на основните намирници, сѐ повеќе вработени остануваат на работ на егзистенцијата, а вработување никому не му гарантира бегство од сиромаштија. Третата европска економија остана на дното по износот на минималната плата и остана во категоријата сиромашни држави“, се наведува во соопштението.
Според Левица, со самото тоа што Христијан Мицковски и Владата не дава поддршка за зголемување на минималната плата јасно е дека буџетската каса е празна дури и за тековните обврски кон вработените.
„Отсуството од преговори за минимална плата и префрлање на истите со работодавачите од приватниот сектор е само маска и дефокус од реалната состојба на буџетот кој владеачката ВМРО – ДПМНЕ не само што го испразни, она што остана од претходната власт, туку и продолжи со кредитни задолжувања и еврообврзници. Заради себичните партиски и бизнис интереси на десничарската Влада, егзистенцијата на работниците е доведена во прашање. Левица бара итно и неодложно зголемување на минималната плата согласно барањата на работниците, затоа што тоа е единствената алатка која гарантира егзистенција на обичниот човек“, велат од партијата.
Македонија
Муцунски-Фидан: посебен акцент ставен на зајакнувањето на економската соработка и поефикасното искористување на инвестициските можности
На маргините на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој денеска се одржува во Истанбул, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари билатерална средба со својот турски колега, министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан.
Фокусот на разговорите беше ставен на билатералните односи, економската соработка, инвестициските можности и продлабочувањето на соработката во области од заемен интерес. Во тој контекст, беа потврдени одличните политички односи меѓу двете држави и исклучително успешната соработка во повеќе области.
Посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на економската соработка и поефикасното искористување на инвестициските можности, како и на продлабочувањето на соработката во други области од заемен интерес.
Двајцата министри го потврдија и силното сојузништво во рамките на НАТО, како и меѓусебната поддршка во регионалните иницијативи и мултилатералните организации.
Разговорите опфатија и актуелни регионални и геополитички прашања, при што беше нагласена важноста од стабилен и просперитетен регион.
Македонија
Без вода утре делови од скопски Чаир
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( сабота ) поради дефект на четири затварачи од ф – 100 мм на раскрсница меѓу улиците Лазар Танев и Казанџиска, во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Лазар Танев, Казанџиска, Сали Хасим, Кујунџиска, Архиепископ Ангелари, Макарие Фрчковски и Ќурчиска. (Општина Чаир )

